За Репер

РЕПЕР v.2.0

Репер
Репер е…
Репер е основан…
Репер е основан поради фуријата!

Да, Репер е основан поради фуријата од туѓо потекло која, преку медиумите и преку другите форми на социјално вмрежување, почна да ги оддувува домашниот автор и македонската уметност на споредниот колосек од јавниот интерес.

Поради тоа, „староновиот“ Репер v.2.0 е основан буквално како (од)брана на сите македонски писатели, сликари, копаничари, вајари, графички и други визуелни уметници, балетани, балерини, филмаџии, театарџии, режисери, актери, сценографи, кореографи, костимографи, хумористи, сатиричари, драматурзи, цртачи, индустриски и модни дизајнери, оперски пејачи, карикатуристи, музичари, илустратори, драматурзи, скулптори, зографи, танчари, архитекти, композитори, стилисти, спортисти, хобисти, сценаристи, фолклористи, реалисти и идеалисти. Надреалисти…

Репер е основан заради сите кои се теоретичари, есеисти, истражувачи, научници, блогери, рецензенти, комедијанти, стенд-ап комичари, манекени, стрипаџии, графитчии, интервјуирачи, дебатери, фотомодели, критичари, оратори, активисти, занаетчии, ракотворци, делотворци, кулинари, вештинари…

Но и заради леви и десни, грди и денди, високи и ниски, анонимни и опортунисти, модернисти и традиционалисти, потценети и натценети, истрошени и во зенит, урамнотежени и хибрисни, големи и мали, бели и црни, жолти и црвени, и сите нијанси помеѓу, буквално поради сите наши креативци и рекреативци.

Сите „убаи“ луѓе, што би рекле битолчани.

И заради сите читатели и гледачи и слушатели и жедни по знаење, заради сите што се зависни од вештини и од уметности од кој било вид и род.

На едно место, обединети во својата дарба, но и во својата различност.

Првиот специјализиран електронски неделник за креација и рекреација, Репер, (ќе) тежнее да биде простор, каде што на едно (виртуелно) место ќе изврши (вистинско) обединување на сите вешти луѓе, во време кога на општеството тешко му оди да го стори истото во други сфери и области.

Сполај ни, како што би рекле старите наши, и со лесно.
Затоа, скроти ја фуријата и не прашувај за што и за кого постои Репер!

Репер постои (само) за тебе.

Скопје, 23/03/2013 година

ЦЕЛИ

  • ширење на наследената и на современата култура и креативност од територијата на Македонија, преку употреба на современите достигнувања во интернет технологиите и во социјалните мрежи;
  • вмрежување на уметниците од сите области во Македонија и создавање поподобни услови за нивна натамошна комуникација и настап, како во државата така и надвор од неа;
  • конструктивна дисеминација на информации од областа на уметноста на дневно и на неделно рамниште;
  • актуализирање настани и личности од областа на креативноста во целина;
  • разонода и опуштање на умот и на телото;
  • отворање на петте сетила на публиката за единствениот дар на човековите таленти;
  • главно, промоција на домашниот автор и креативец, анонимен, но и од јавниот домен, од најреномирани имиња до личности чие време допрва ќе дојде;
  • објавување авторски текстови, илустрации, видеоматеријали и друг вид мултимедија од областа на креативноста, уметноста, технологијата, вештините итн.;
  • промовирање на старите занаети и на автентичните традиции кои потекнуваат од кој било географски простор и од кој било исторски период на Македонија;
  • објавување и интернет продажба на дела од домашни и од светски автори;
  • издавање е-книги (книги во PDF формат)
  • и уште многу друго.

 

0 replies on “За Репер”