10 ГОДИНИ ПО „ВЕТЕРОТ НОСИ УБАВО ВРЕМЕ“

Ова писание е за триесет и петтемина одбрани млади автори и за ветерот што го создава нивната нескротлива творечка енергија – ветерот на нивната уметничка иновативност, кој најавува нова македонска книжевна пролет. Овој пат, поимот пролет не алудира само на пролетта во 2012 година, во која излегува овој антологиски избор, и на пролетта што ја носат со/во своите години овие автори туку и, односно пред сè, на најновата развојна етапа на македонското современо лепословие, која ја почнаа тие со своите поетски и прозни објави, кои претставуваат конкретно сведоштво за новите книжевни тенденции.

Така тогаш напишавме. Поточно, така тогаш ова го напиша токму Иван, а не јас… Затоа и го позајмувам во оваа пригода, за да не прозвучам по малку нарцисоидно ако се самоцитирам.
И еве после точно 10 години можеме да видиме (ослушнеме/прочитаме) каде нѐ однесе таа тогашна нова македонска книжевна пролет. Токму овој настан што се одигрува случајно или не во есен треба да ја подотвори вратата за некој нов ветер што почнува да дува и со кој, можеби, се најавува некоја нова македонска книжевна пролет.
Не ни помислувавме каков одзив ќе има антологијата „Ветерот носи убаво време“. Не мислевме дека таа ќе израсне во вистинско сведоштво за тоа дека македонската книжевност веќе не мора да совладува со забрзано темпо цели книжевни правци и школи за да не заостанува зад европските и светските книжевни текови, како што мораше некогаш. Кога во тоа време се споија мојата книжевна, но и универзитетска зрелост и неговата младост, нѐ водеше мислата дека на македонскиот културен простор му е неопходно оформување на вистинска книжевна сцена. Сцена што вистински ќе ги чува традиционалните и вистински ќе ги промовира новите вредности, сцена во која ќе постои доволно голем простор за иновативни претставувања на книжевните постигнувања. Сцена во која книжевните манифестации ќе треба да задоволуваат високи критериуми со својата содржина, а не само да задоволуваат одредена форма, сцена во која уметничката димензија на книжевното дело постојано ќе биде издигната на вистински пиедестал, а не само повремено и поводно, сцена во која ќе доминира активна и продуктивна, книжевна и критичка гласност…
Е, сега, дали сето тоа се постигна? Десет години не се малку! Секако, не се ни многу! Но се доволни од перспектива дека согледуваме како веќе започнуваат да пеат некои други/нови книжевни ластовички (оние родени во деведесеттите години на минатиот век, родени на самиот крај на тој век) кои го освојуваат својот 21 век.
Исклучително беше чувството кога сфативме дека 2012 беше по многу нешта битна година, година на три големи јубилеи – 65 години од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија, 60 години од објавувањето на првата македонска стихозбирка со исповеден тон, Стихови за маката и радоста од Ацо Шопов, која ја поттикна големата книжевна конфронтација меѓу интимистите и реалистите, и 60 години од објавувањето на првиот роман на македонски стандарден јазик Село зад седумте јасени од Славко Јаневски. Но, да се потсетиме и на ова: дека во 1947 година, пет од осумтемина основачи на најстарата асоцијација на македонските писатели ја живееја третата деценија од својот живот, Ацо Шопов имаше дваесет и четири, Коле Чашуле и Блаже Конески, кој беше и прв претседател на ДПМ, имаа по дваесет и шест, а Владо Малески и основоположникот на македонската литературна критика, Димитар Митрев, по дваесет и осум години. Со други зборови, тие имаа исто или приближно онолку години колку што имаа авторите чии поетски и прозни текстови се вдомија во антологијата „Ветерот носи убаво време“. Сега овие споменати јубелии станаа потешки за уште десет години, а со тоа станаа и уште позначајни. Ама и авторите „пораснаа“ и на своето животно конто додадоа уште десет години, а на своето книжевно конто допишаа нови наслови. И така испишаа/објавија нови книги, постигнаа доволен број успеси, освоија домашни и меѓународни награди, се преведоа на повеќе јазици, излегоа од тесното сокаче на македонска книжевна сцена, но некои и се изгубија/затишаа, запловија во некои други води…
Тогаш, во таа 2012, се прашувавме дали некој од младите поети родени во претпоследната деценија на минатото столетие, во текот на следните две-три децении (можеби) ќе напише стихозбирка што ќе го повтори успехот на Преместен камен од Никола Маџиров, како и за тоа дека некој од младите прозаисти родени во тој ист период (можеби) ќе напише прозно дело што ќе го повтори успехот на Папокот на светот од Венко Андоновски или на Разговор со Спиноза и Сестрата на Зигмунд Фројд од Гоце Смилевски. А зошто не и да го надмине? Се случи ли нешто такво? Или (ни/им) треба уште време за книжевна ферментација?
Изборот на младите имиња што го направивме тогаш, можеби од денешен агол е и вистинскиот и погрешниот. Но во едно бевме сигурни, дека сите 35-мина што ги запоседнаа страниците на оваа антологија потврдуваа, а најголем дел од нив и сѐ уште потврдуваат, дека книгите сè уште можат да бидат една од ретките форми на среќа што, ние, смртните, ги имаме. Така, на тие 35-мина избрани автори книгите навистина им предизвикуваа(т) таква среќа. И тогаш, па и сега, повеќето трескавично се борат за местото на книгата во денешниов живот, но и трескавично се залагаат за самиот чин на пишување/творење. Дополнителна потврда за тоа дека за творците што се сместени на овие страници книжевноста е животна определба, меѓу другото, е и фактот што со исклучок на неколкумина речиси сите се поврзани со Филолошкиот факултет Блаже Конески,! Голем дел од авторите чии песни или раскази се застапени во оваа антологија (од перспектива на таа 2012), лично ги познававме или ги препознававме на културни збиднувања, ги читавме ваму и онаму во периодичните списанија и, особено, во интернетската сфера, ги читавме нивните книги, ги следевме нивните појави и пројави. Јас помалку, Иван повеќе! Ама еве денес, од моја гледна точка тоа и не е така. Се појавија нови, се намножија, пораснаа како квасец/маја растопен/а во топло млеко од кое треба да се замеси вкусна погача. И, најискрено, и не можам толку да ги следам, ама затоа, тука се и Иван и сите оние што се дел од оној ветер што донесе убаво време во 2012. Тие ја имаат енергијата да ги следат НОВИТЕ (онака рамо до рамо), да ги поддржуваат, да се радуваат и да бидат и критични и отворени кон оној нов ветер што допрва треба да донесе убаво време во најновата македонска книжевност.
Па оттука и главното прашање: Нели е време за некоја нова антологија? Можеби токму во наредната, 2023, кога се навршуваат точно 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. И можеби повторно некој наслов од негова збирка така добро ќе легне како наслов за таа нова антологија. Па по „Ветерот носи убаво време“, ете, да ни се случи и едно ново „Раѓање на зборот“.