„Синовите на Адам“, потресно креативно четиво, мотивирано од општествените обезличувања на човекот

Болката и страдањето се сеопшти. Нивната разностраност во множеството судбини нема јасен и прецизен образец со кој се потврдуваат. Обидот да се претстави нивното поведение и да се спознае објективната вистина низ еден речовит процес со посебна епистемолошка и психолошка семантика е сложена постапка. Михајло Свидерски во романот „Синовите на Адам“ тргнувајќи од ова становиште, ги срочува, обелоденува и конципира нивните особености. Со силна и длабока поврзаност на значењето, убедувачки уметнички јазик и стабилен раскажувачки тек нè воведува во општествениот и индивидуалниот свет на приказната за едно разрушено детство и уништен сон.

Интересен е моментот од прологот во книгата кога авторот нагласува: „Сите приказни раскажани во оваа книга зборуваат за непобитни вистини…“, и „ја напишав оваа книга која претставува вистинска животна приказна“. Соочени сме со фактот дека низ нејзините страници читателот има привилегија да соработува со текстот и да биде сеприсутен во неговата реалност. Самата премисла во однос на лексемата „приказна“ дава простор за дополнително аспектно гледиште. Зошто авторот не ја употребил лексемата „прикажување“? Уметноста е трезвен додворувач. Убедливо знае да улови во својата мрежа. Оваа игра на зборови ги разграничува фиктивниот и реалниот свет. Стиховите на Руми упатуваат на силна но префинета монолошко-психолошка порака во однос на менталниот сетинг на главниот лик, неговите чувства, психолошките бури, судбината, страдањата, немоќта пред посилните, самооправдувањето, тишината и молкот… 

Наративната поставеност во романот е изградена во две доминантни сижејни линии  што следат два тека. Првата сижејна линија се движи напред низ времето и дава податоци од раѓањето на главниот лик до неговото полнолетство. Додека втората следи концепција на емотивни ретроспективни наврати кои го опишуваат ликот на мајката. Интуитивно – асоцијативно сижејната линија на мајката започнува од раѓањето и ја води низ животот, тука се добиваат податоци за време,  кои што судбински се поврзуваат со нејзиниот син. Мајката останала сирак на седум години што ѝ нанело огромна болка од согледувањето на вистината за осаменоста и немоќта. Главниот лик ја доживува првата болка на  седум години, сунетот и болната вистина за гревот на мајката и дедото. На четиринаесет години осамено го напушта својот дом одејќи да се школува во град. Стратегиски точки: монологот на хендикепираниот син, одењето во големиот град, појавноста на ликовите Симон, Филиз и Сара, смртта на дедото-татко ја надополнуваат згуснатата уметничка целина. 

Романот е изграден од 15 поглавја. Од граматичките времиња во нарацијата се истакнува прво лице еднина овозможувајќи му на читателот да биде поблиску до текот на настаните. Иако имаме отсуство на антропонимска сема, и празно семантичко поле на главниот лик (јас немам име), во почетокот на романот,  сепак  постапката за градба на ликот (тој што нема име, нема идентитет) едновремено е будна и се исполнува со предикативни карактеристики. Провокативниот концепт на генеалогијата на ликот предизвикува општествен крик помеѓу колективното и индивидуалното, нешто што не треба да се премолчи, да се потчини и занемари…

Навлегувајќи во содржинската референца на романот „Синовите на Адам“ се соочуваме со страотна детска судбина која ткаејќи ги деновите и годините болно го распарува срцето и духот на главниот лик. Не може, а да не се сочувствува со неговата трагичната судбина, сиромаштијата, осаменоста, болната и нездрава домашна атмосфера, отсуството на љубов во домот, мрачната тајна… Но, уште поголемо зло е бесчувството што го имаат и злоупотребата што ја прават луѓето од повисоките скалила на општествената  сфера. Презадоволни од животот прибегнуваат кон неморал, ги уништуваат сите етички вредности, блудничат во разврат и педофилија. За да биде уште позастрашувачки  тоа се случува во дадена топонимска одредница – Скопје. Главниот град на државата. Незаштитен и сам, искористен од луѓето околу него, прво од воспитувачите во интернатот кои навидум  ја проповедаат верата и правдата на Бога, а во суштина стремат кон финансиски придобивки, потоа од постарото момче Симон што ја искористува неговата состојба и го вовлекува во синџирот на проституцијата го обезличуваат и уништуваат неговиот сон. Со насилно одземање на невиноста и грубо наметнување на пороците четиринаесет годишното дете предвреме влегува во прегратките на спознанието и светот на возрасните. Барајќи самооправдување, преку опсесивно самоиспитување, надежта за подобро утре ја бара во Бога и во вербата. „Не постојат граници за човековата лудост“(стр.114), пишува авторот, а зборува ликот. Оваа мисла  јасно ја содржи во себе длабоката идеја за откривање на бесконечниот интерсубјективитет не само на ликот туку и на читателот искушувајќи ја неговата општомислена разумна и радикална дистинкција во однос на случувањата во реалноста. Креирајќи ја сликата за себе си, со длабоки нуркања во  психологија на ликот кој веќе станува личност, со емотивна и критичка самосвест се чувствува студениот провев во срцето: „најголемите борби се борбите на срцето“ (стр. 51), „Дали и децата се грешни? И дали и нивните гревови се исто толку големи како гревот на возрасните“ (стр. 77). Утехата е недосеглива кога нема кому да се каже за болката. Притиснат под осаменоста и нејзините пулсирања подлегнува и се присоединува со неа, губејќи го белегот на достоинството се обезличуваат и неговите човечки сили. Но неговиот сон се’ уште не ја губи снагата и искри во неговата потсвест, „јас“ – ликот, парадоксално се извлекува од автономијата на нихилизмот и се втурнува кон својата дарба притоа барајќи ја својата потпора и единствената сродна светла точка во душата. Мислата  да се нацрта грешниот Адам, прогонет од рајот и зад него Ева горда и полна со самољубие метафорично укажува на неговата предметната стварност на болката од ненамерните грешки направени под туѓо влијание. Како во него да е втиснат кодот на исконскиот грев, и нема помош, таа е туѓа и нема дури и пред молитвата. Но оваа мисла спасоносно станува предлошка неминовност: „Не, ќе ги нацртам синовите на Адам, едниот зол, а другиот наивен, едниот убиец, а другиот праведник. Едниот што трпи и другиот што ја нанесува болката. Едниот пред часот на смртта, а другиот исправен како го убива својот брат.“, (стр.71). Овој дуализам на елементите зол/наивен, убиец/праведник, истрајност/болка, смрт/убиство, е обострано растргнување на себството. Сите ние сме деца, синови на Адам. Гревот е во кодот на човештвото. Во меѓусветовните космички елементи на квантот. Во неопходните функции на енергијата… „А што е гревот, се прашувам? Постои ли гревот? Не постои, тој не е Божјо создание, можеби е создание на ѓаволот. А може ли ѓаволот без Божјо допуштение да ме фрли во грев? Не може, оти сè што не опкружува е Божја волја и сè е создадено од истиот Господар“, (стр. 78-79).

Љубовта ја отвора перспективата како неповторлива порака. Сара проблеснува во темнината на детското страдање, надежта постои, душата не е мртва иако телото е бесчуствително. Филиз ја ублажува болката, делумната заштита и подадената рака ја враќаат вербата во животот. Неодговорените прашања остануваат замрзнати длабоко во душата закопани во страв и молчење, „Молчењето ужасно ме плаши, оти и јас молчам кога сум уплашен“, (стр.134). Тоа е моментот кога тишината се претвора во лик, амбиентален сетинг, што иако молчењето е празнина се добива впечаток на силна натежнатост во наративниот исказ. На моменти читајќи ја книгата се присетувам на Емил Синклер, ликот во романот „Демијан“ од Хесе, на моменти се присетувам на многу „јас-ликови“ со слични судбини што ги претрпуваат потресните трауми толку стварно и бескомпромисно превдомени во жестокоста на општествените проблеми. Деградирани сите вредности, прво вредностите на системот со нагли промени во општеството, па потоа на младите кои „стануваат дезориентирани, насилни и агресивни“. Авторот ја рефлектира и болката од осакатеноста на душата,  што ја причиниле „оние кои што можат да имаат се што ќе посакаат“ таму каде што „времето застанува“ притоа давајќи ѝ можност да се надева на веројатност, можност за остварување и продолжување со животот : „сè што поминува морало да се случи онака како што било“.

Уметничкото единство на хронотопот е со висок степен на емоционално вредносна напрегнатост. Пресвртот на дејството е нов почеток на крајот од делото. Заборавајќи на гневот и омразата, на болката и огорченоста, стравот и незадоволството, страдањето од причинетите болки и погрешните постапки, сепак „Богоугодно е да се простува“, (стр. 136). Со простувањето Михајло Свидерски ја запечатува доблеста над нечовечноста и гневот и отвора нов хоризонт на согледување. Иако „Сите ние сме синови на Адам “, и го носиме го праисконскиот грев во себе, сепак сме „деца на рајот“ во кои душите на праведните живеат во блаженство. Надминувајќи ги сите гревови, помирувајќи си ја совеста, главниот лик со отсуство на антропонимска сема  ја прифаќа топлината на смиреност, доминирајќи со исполнетост и осамостоеност, жртвувајќи се со својата приказна да ја прикаже суровата општествена стварност, и последиците од општествените обезличувања на човекот.