Новиот ветер – новото раѓање на зборот

Песни од млади македонски поети родени во 90-тите и на почетокот на 2000-те години, прочитани во завршницата на трибината „Какво време донесе ветерот во македонскиот книжевен простор?“.

 

Андреј Ал-Асади

Аболиција

според сцената „Кошмар“
од балетот „Аболиција“ на Љубомир Бранѓолица

Ги затвораш очите
и точка стануваш
– околу тебе светот
наеднаш се врти…

…Свеста се издолжува
во безбоен камшик
што ги обединува
сите сништа…

Слаткото одложување на неопходноста
и неосвоивите вообличувања.

Горчливоста на спротивностите
низ која само се обзнанува
излишноста на сопствената трага.

И пред да знаеш,
веќе те повлекла
полека
те вовлекла
со себе
удолу
безука
палаво
безумно
подмолно
безболно…

…Од другата страна,
каде што светот е точка, сега,
А ти – цел еден свет

па, татни во тебе,
тропа, гребе, завива,
да излезе,
да прогледа.

Со одвратен смев
утробата ти ја распорува
и од неа повторно
само ти гол слегуваш…

Но бргу, бргу отвори ги очите:
пред тебе ете, топка мрак.
И еден камшик
што бие во далечината…

 

Ивана Јовановска

Кога баба ми го оплакува дедо ми

Кога баба ми го оплакува дедо ми
силно невреме надоаѓа од север
и тежок град се истура врз ситните ќерамиди.
Удира со бес и тропа дури не го здоболат плеќите.
Се повлекува поразен.
Животот по улиците останува нем.
А потоа, ни станува јасно колку боли крајот.
Продолжуваме молчаливо да љубиме,
поинаку,
повеќе.

 

Викторија Ангеловска

некогаш ноќе

ја облекувам нејзината ноќница
се преправам дека не сум јас
во рефлексијата на прозорецот,
дека не е моето лице
тоа под месечевата светлина
дека ништо не се има случено,
дека од белите дробови
ми никнуваат бели лалиња
и дека некои од клетките
што ми вибрираат во телово
во својата цитоплазма содржат само надеж.
ноќта е страшна. тоа го знам од дете.
не поради страшни чудовишта,
вампри со крупни очишта и
чудни, искривени, скапани заби
што може да те изџвакаат в миг,
ниту поради незнајноста
и таинственоста на мракот.
подоцна сфаќаш дека те плаши
оти ноќта те знае.
ноќта сѐ знае.
колку си обичен и мал,
колку си несовршен,
колку соништа ти собира умот
и колку болки ти се имаат
сошиено врз срцето.
знае.
и ништо не прашува.

 

Андреј Медиќ Лазаревски

Го земам твоето име како мое, а тебе ти подарувам бесмртност

на Рацин и Раца

Би го земал името твое
за да можам есенцијата да си ја заокружам
подавам рака – подај ми го
за целост да бидам конечна.
И како да умрам
знаејќи дека името твое дел од моето не е,
па да пукнам подобро
отколку да ме снема просто именуван вака.
Би го земал името твое и моето второ би го направил,
та така како светец без ореол
в храм не можам да постојам.
И како да ме нацрта Рубљов
знаејќи дека светец не сум без твоето свето име,
па да не ме слика в храм подобро
отколку така несвет обесен да светам.
Би го земал името твое за вечно до мене да си
та така бесмртна ќе те сторам,
а и јас со тебе, до тебе ќе сум немртов
единствено така храм во храм ќе сме –
– јас преименуван по тебе,
красен.

 

Марија Велинова

Поручникот потклекнат на пороци

по две децении
наредби
и насилство
поручникот оди во пензија.

по две децении
бучава в глава
и борба в рака
поручникот оди во пензија.

тормозење,
тортура,
во поход,
низ бура,
пред Бог
и својата совест,
пред светот
и неговата совест,
да од својот живот
напише новела
или, пак,
повест.

или расказ,
ко оној на Чехов,
„Смртта на чиновникот“
само не толку тажен
можеби насловен:
„Среќата на поручникот“.
само повеќе нема среќа
ниту поручник
само пензија
и денови
долги
празни
со страв,
со страв,
без став.

по две децении
дружење со поручници
нашиот поручник се здружи со пороци.

по две децении
само траумата остана,
а нашиот поручник
пензионер постана.

 

Диме Данов

Денес е понеделник

’Ршум низ грмушки.
Грмотевици по плешки.
Пешки дома, скришум.
Секавични разговори.
’Ршум ум, а в срце куршум!

Заговори против духот на градот.

Ревносно справување со односот
помеѓу поривот и пристојното.
Огинот е скринсејвер.
Се сеќаваш на сонце, солзи па студот.
Сега сѐ се случува во секунди.

Преговори за промена на циклусот.