W ИЛИТИ, ФИГУРАТИВНО, КОДОТ НА ШТИКС

Кога романот W беше објавен за првпат, да не речам премиерно – во доцната есен 2019 година, во продукција на респективната хрватска издавачка куќа „Фрактура“ – еден од највлијателните хрватски/загрепски неделници (Телеграм) констатирал (во насловот на мегаинтервјуто со авторот) оти „долго немавме толку возбудлив писател каков што е Игор Штикс“. Чинам дека формулацијата „немавме“, тогаш, не се однесуваше само на хрватскиот книжевен/јазички контекст туку и на поширокиот (европски) книжевен ареал низ кој „дотичниот автор“ супериорно се движи (или, пак, плови, „бордижа“, како што би кажале Хрватите и Италијанците!) веќе две полни децении. Имено, од своите први романи (Дворецот во Ромања, [2000]; Столот на Елијах, [2007]…), промптно преведувани на петнаесетина јазици. 

Попатно, мултилингвалниот Штикс својата белетристика ја пишува исклучиво на хрватски, а публицистиката, воглавно, на англиски јазик. Наспроти фактот што првата половина од животот ја одживеал, ја истрчал, ја изнапишал и ја ефектуирал ептен номадски (во секоја смисла) – помеѓу Сараево, Загреб, Париз, Чикаго, Единбург, Белград… – Штикс номинално (натурално?) агира и фигурира како хрватски писател. Јазикот на неговата „базична“ илити уметничка литература (белетристиката) е хрватскиот, кој – попатно кажано – на неговите романи и драми „природно“ им го отвора патот до читателите/говорниците од најмалку четири држави. Пред неколку години (2017), Штикс беше еден од потписниците на документот наречен Декларација за заедничкиот јазик на Хрватите, Србите, Бошњаците и Црногорците, прокламиран и промовиран од извесен број истакнати интелектуалци и, главно, пречекан како класичен активистички/левичарски потег, очекувано „непримерен“ за овдешниот ни политички и јавен контекст. Кој, нели, тврдоглаво/задрто инсистира на меѓусебните ни разлики и фактички живее од нив. Сепак, рецентните белградски изданија на романите на Штикс консеквентно се печатат латинички, на хрватски јазик. Рецентната хрватска книжевност – ама и „околните“ ѝ книжевности кои го „споделуваат“ јазикот, приближно ист – навистина имаат среќа да го имаат Игор Штикс: роден во Сараево, (1977); едуциран (базично) во Сараево и во Загреб (каде што студирал и дипломирал компаративна книжевност); потоа форматиран како граѓанин на светот; во мигот – сегашен – населен и административно вработен во Белград; во наредниве 45 години… кој да го знае! 

Читајќи ги Штиксовите книги, не само белетристички, како да се стекнува впечатокот оти овој наш piccolo mondo antico на авторот „одамна“ му станал некако премал и претесен. Речиси банален. Премногу едноставен. So predictable

Бидејќи тој и таков свет Штикс успеал буквално да го истрчи (а притоа и да го изнаучи, ептен темелно), самиот успешно си ги растајнил и сите „базични“ алгоритми врз кои се втемелени таканаречените светски политики и стратегии. Контроверзни, редум и без исклучок. Ама тие, како што знаеме, ги раздвижуваат и ги управуваат нашите судбини. Независно од нашата слободна волја (што, всушност, беше тоа?). За оваа своја луцидна аналитичка (проникнувачка) вештина – врз која, мислам, и се темели неговата супериорна белетристичка актива („како таква“)! – Штикс треба да му е „благодарен“ токму на својот примарен политиколошки занает, совладан до перфекција. И тоа двојна: не само академска (магистерско-докторантско-професорска!), праксана низ повеќе капитални белосветски универзитети туку и онаа „применета“ и/или „апликативна“, собирана низ секакви протестно-граѓанско-активистички модели на бунтување. Во кои и самиот милува да учествува, по урнек на своите книжевни протагонисти, редум левичари-фаталисти. Кажано сосема поедноставено, Штикс е автор кој своите книжевни јунаци ги форматира така што себеси се впишува во нив! И живее двојно: како што е редно – граѓански уредно, ама и како што мечтае – адреналински возбудливо! Впрочем, и Игор и Игор Штикс редовно се јавуваат (и агираат) како протагонисти или антагонисти на сите книжевни текстови на „дотичниот автор“. Најинвазивно (или „највидливо“) токму во последниот роман W.

Ерго, романот W

Интригантно, забревтано, компликувано, разбушавено, речиси барокно организирано, ама и беспрекорно „исполирано“ четиво од речиси триста страници; четиво чијшто спациотемпорален контекст буквално се „преклопува“ со најмалку половина од планетата Земја и со буквално цел еден век секакви беззаконија, ујдурми и ужасија (да, Штикс го пишува токму дваесеттиот век, најкрвавиот век во историјата на човештвото, векот кој – залудно? – се обидувал да ги афирмира и да ги „одбрани“ таканаречените леви/левичарски идеи и практики); четиво преполно со акција, пресврти, шокантни изненадувања и уште пошокантни загатки (пеење, свиркање, врескање и пукање вклучени!); четиво „напнато како отворен чадор“, како што милуваше да каже мојот легендарен професор по книжевна теорија Миливој Солар (верувам дека му бил професор и на Штикс!); четиво претрупано со секакви ликови, редум длабоко суспектни, не само затоа што се фиктивни (како и едниот од двајцата W-овци, неговите номинални/насловни протагонисти); четиво кое се чита во еден здив, ама потоа мора да се препрочитува барем десетина пати, во целина и во делови, па пак во целина.

 Четиво-криптограм и четиво-палимпсест, четиво кое просто не може да се прераскаже. 

А сепак – сепак! – жанровски неподатливо. Автоимуно на кој било вид жанровска кодификација. Ретка ѕверка во рецентната ни романескна практика, не само тукашна, балканска! 

*

Борис Лијешевиќ, еден од два-тројцата најинтригантни театарски режисери во регионот, повеќе од темелен читател на сите наслови/книги на Игор Штикс и неговиот „дворски режисер“ (му ги има поставено сите три драми: Столот на Елијах, Брашно во вените и Зрењанин, сите многупати наградувани по разни основи…), романот W го споредил со Дон Кихот на нашето време: „…поставува стапици, нагазни мини кои ќе го парчосуваат противникот… “ Ама, токму како во бајките, идеалистот јунак (Дон Кихот) залудно му ја сече главата на аждерот/змејот; бидејќи на ѕверот веднаш му изникнуваат најмалку три нови, па уште три, уште и уште… И борбата, неизбежно, станува бесмислена. Борбата против глобалниот капитализам (или како веќе се вика моделот на светот во кој живееме). 

Сепак, W не треба и не може да се чита како концептуален или политички роман – да не речам „роман со теза“. Таквите евентуални стратегеми однапред ги поништува и ги демантира самата негова структура, дефинирана веќе на првите страници. Од кои јасно се гледа што читателот може да очекува и треба да добие: вешта, беспрекорна и компетентна литераризација на одредени појави, настани, идеи, сензации – ајде да ги наречеме „маркантни“… – кои видно го одбележале дваесеттиот век. И останале сочувани на некои „мемориски картички“, внимателно сортирани, та спакувани во заедничкиот фолдер „важно“. 

Накратко, W е роман во кој жовијално, но и во манир на највисокиот артизам, супериорно се „коментира“ и компетентно се литераризира невеселиот дваесетти век преполнет со војни (дури две светски, потоа цели купишта „локални“, од сите фели). Особено неговата втора половина, наводно ведра и весела, возбудлива во секоја смисла, наводно хиперлиберална и куражна, дури и бунтовничка… Која, половина, „меморабилно“ се прелеала и во тековниот ни дваесет и први. Век на нови искушенија и стари заблуди.

Во она поодамнешно интервју спомнато на почетокот на текстот, самиот Штикс нагласува дека вистинската тема на романот W е конфликт на идеи „…кој никогаш не е само во сферата на филозофијата, туку се прелева на улица, има свои жртви, победници и поразени.“ Или, поедноставено, дека романот „раскажува“ како едните во тој конфликт победиле, а другите – левите – битката перманентно ја губеле и ја загубиле, сѐ од митската шеесосма до денес. А ја загубиле напросто затоа што не можеле да ја добијат. 

Дали, по оваа констатација, W, можеби, смееме да го читаме и како некој неоутопистички роман на нашето време? Како што некогаш ги читавме Орвел (Orwell), Кампанела (Campanella), или оној Роберт Овен (Robert Owen), спонзор на некогашните експериментални утописки комуни на кои толку им се восхитувале бившите ни другари Маркс и Енгелс? 

Не знам, а и неважно е. 

Единственото важно и неспорно е едното нешто: W е сјаен роман, хиперроман во најдобра и најточна смисла!