Извадок од книгата „Петтиот брод“

Книга на месец септември

СЕ РАЗБУДИВ, дезориентирана и уморна. Во ходникот повторно беше темно, а од скршениот прозорец внатре влегуваше студен воздух. Зад прозорското стакло што недостасуваше се појавуваше надеж дека мојата осаменост ќе ја исполни барем едно човече што ќе го мине дворот, низ тревата која блескаше од влажната ноќ. На еден прозорец отспротива нешто трепереше, но тоа беше само сенка. Три светилки во три стана се изгаснаа истовремено, како некаков знак. Си реков, ако повторно светнат вака три прозорци од спротивната зграда, ќе слезам долу и силно ќе тропам. Но, пред да се случи тоа, вратата на третиот кат брзо се отвори и некој отрча по темните скали надолу. По сеќавање, без да се сопне, значи, тоа беше некој што доаѓал кај нас многу често. Слушнав како Луција го стави синџирчето на вратата. 

Јарка? Рече тивко, со прашален глас. Луција, ниска, стуткана и толку слаба, чиниш ќе се провлече и низ пукнатина. Ајде, влези, прошепоти, го извади синџирчето од вратата, и ходникот се исполни со сина светлина. Ајде, моја, влези, рече, како таа да ме чекаше мене, а не обратно. Собуј ги чевлите, не заборави да ме потсети. Шлапо остави нешто и за тебе, прошепоти потоа во кујната, со насмевка како да се извинува. 

Шлапо тогаш доаѓаше многу често кај нас, секој втор ден, а честопати и преноќуваше. Тоа траеше речиси три месеци, а потоа како да го проголта земја, повеќе не се појави. После него, некој друг почна редовно да доаѓа, како кога се менува поштарот. Отпрво не може да се ориентира, по грешка тропа на туѓа врата, а по три недели трча нагоре и по темница.

На масата имаше расфрлено некакви лепенки, сликички од животни, кои веќе подолго време не ме интересираа, но знаев, ќе биде подобро ако го потиснам разочарувањето. Ти благодарам. Кажи му и на Шлапо, реков. Тоа многу ме навреди, зашто веќе не бев веќе. Што можев да правам со овие здодевни лепенки? Да ги залепам на кутијата за моливи? Некој на училиште со неа да ме тепа по глава? 

Сакав нешто топло, млеко, какао, чај, што ќе ме стопли однатре, топла шолја што ќе ја ставам на стомакот и ќе ги свијам рацете околу неа. Сепак, на дневен ред имаше само два студени јогурта така што бев задоволна и со тоа. 

Како си? – праша Луција. Добро, ѝ одговорив. Едноставен разговор. Економичен. Не си разменивме ниту еден поглед. Луција седна на масата, вртејќи ја запалката меѓу прстите. Јас, стоејќи, потпрена на креденецот, јадев јогурт. Тоа е добро, ќе рече Луција. Или нешто слично, неутрално. Изеди го и другиот, изутрина пак ќе купам. Запалката ѝ падна. Што се случи? праша кога се наведнуваше, одвај чујно. Ништо, одговорив. Дијалогот немаше поддршка ниту на едната ниту на другата страна, та така напредуваше многу бавно. Се колебав дали да ја спомнам мачката. Можев да ѝ кажам на Луција за мачката, можеби тоа ќе ја интересира. И ќе ме слуша. Дека сама ја погребав, дека не ја оставив да лежи таму, во прашината и на сонцето. Дека не сум себична, рамнодушна и бесчувствителна, како што ме обвинуваше Луција.  

Најдов мртва мачка, реков најпосле, со устата бела од јогуртот. Каде? Пред градината. Пак си била таму? Зошто не играш тука, во дворот? Стана, од чешмата пушти вода во дланката и се напи. Беше висока колку мене, и така, стоејќи една до друга, навистина си личевме како сестри. Уморна сум, рече потоа, со сосем поинаков тон, како сосема да заборавила на мачката, градината и на започнатиот разговор и механички ме погали по главата. Како да сум мала, како дете. Ја фрлив тегличката во кантата за ѓубре и, потскокнувајќи на една нога, отидов во својата соба. 

Мојата соба беше долга и тесна бидејќи светлината од малечкиот прозорец не можеше доволно да ја осветли. Некогаш изгледаше како нормална моминска соба, розови ѕидови, перничиња, дребулии нанижани на врвка, амајлии. Потоа ги однесов речиси сите свои играчки и постери во куќичката во градината, нешто беше земено од другарите на Луција за нивните расеани деца, нешто беше уништено. На Луција, таа празна соба многу ѝ се допаѓаше, ме фалеше дека сѐ е чисто, ништо не е расфрлено, на ништо не се собираше прашина. Сѐ што ми остана на ѕидот беа два осамени исечоци од весници и квадратчињата селотејп што светкаа. 

Ги соблеков панталоните, ги фрлив на столот, притоа ја превртев чашата со моливи. Расфрлените моливи направија толку шум зашто во празната соба немаше ништо да го стиши. Застанав за миг и гледав во вратата, чекајќи да дојде Луција и да ја каже својата магија – не прави проблеми, уморна сум. 

Кога бев помала, Луција си мислеше дека нема да го разберам зборот проблеми, затоа ми велеше, биди добра, инаку нема да те сакам. Сите го разбираат тоа. Биди добар и сакај. Така, јас, со сите сили настојував да бидам добра. Кога нешто ќе расипев, се плашев дека Луција ќе ме остави, нема да се врати од ноќната прошетка, замислував како стојам покрај прозорецот чекајќи ја Луција, како неколку дена стојам таму, гладна и помочана, но доволно силна да не го напуштам местото покрај прозорецот. Зашто ако го напуштев местото, ќе го пропуштев моментот кога Луција ќе се врати, немаше да имам време да ја задржам ако сакаше да се премисли пред вратата. Тоа можеше да се случи во секое време и, понекогаш преживував голем страв, дека нешто лошо ќе направам, а нема да бидам свесна за тоа. Таа ноќ не морав да се плашам бидејќи Луција заспа, а кога ќе заспиеше, спиеше како заклана. Се измив и се вовлеков во постелата.

Тагови од објавата
0 replies on “Извадок од книгата „Петтиот брод“”