ПТИЦИТЕ ПЕАТ КАКО НИШТО ДА НЕ СЕ СЛУЧУВА ВО СВЕТОТ

ПТИЦИТЕ ПЕАТ КАКО НИШТО ДА НЕ СЕ СЛУЧУВА ВО СВЕТОТ
Птиците повторно пеат
како да не се случува
ништо во светот
Во нивните грла
треперат вибрациите на вселената

Птиците секогаш пеат
како да не се случува
ништо во светот
оти и она што се случува
е само отсечка од течението
што тие не го познаваат
ниту го мерат

Во светот ништо не се случува
Отчукуваат само
безброј часовници
што мерат безначајни времиња

Среде облиците на вечноста
ништо не се случува во светот

 

НИЕ
Ние сме точки
во кои се вкрстуваат
простори и времиња
магливи и правливи,
замирисани на влага и на молци
минати и идни, поретко сегашни,
ние сме куќи и дворови
мориња и планини
истушени топки и изронети огради
ние сме лисје зелено и жолто
видено, замислено, помирисано
насликано, фотографирано, изгниено
шуми сме на кротки срни и елени
и океани страшни на бизарни створови
цветови што циклично цветаат и венат
ние сме милениуми осаменост
и дробни моменти сплотеност

купишта храна од мртви животни

и крволочна глад
за
нешто друго

 

ВНАТРЕШНИ ГРАДОВИ
Во малите тела
скриваме по неколку
градови
Кога кашламе
ги исфрламе издувните гасови
на автомобилите од нивните патишта
На лицата ни се испишуваат
линиите од нивната историја
Штом дрвјата во градовите расцутат
потскокнуваме од радост
Штом езерата и реките им се прелеат
плачеме и крвавиме
Кога ги затвораме очите
се спуштаат ролетните
на домовите во нас

во нив живеат луѓе
од некои можни животи