Личното е политичко, а емотивноста е единствениот начин да побудиме емпатија

Кристина Гавран (Загреб, 1987 г.), магистрирала драматургија на Академијата за драмски уметности. Предавала драматургија и била лектор на драмското студио „Тирена“, играла во претстави за деца и млади, водела различни семинари по пишување и пo драматургија. Две години пишувала за веб-порталот „Театар.хр“. Нејзината драма „Дедал и Икар“ била поставена во Академијата за драмски уметности. Ова дело било продуцирано и за Хрватското национално радио, а преведено e и на англиски јазик. Нејзини дела се изведувани на повеќе театарски фестивали. За „Реди“ ја добива наградата „Марин Држиќ“ (2012). Авторка е на дела за деца, за кои два пати добива награда за најдобра драма. Во 2013 ја добива стипендијата „Еразмо“ за студиски престој и соработка со „Блу оранџ тиатар“ во Бирмингем. Во 2014 г., е избрана како авторка во подем за програмата „Фаундри“ во „Бирминген репертори тиатар“, каде што работи на своето прво дело на англиски јазик. Со своите претстави учествува и на фестивалот „Пулс“ во Ипсвич. Во Англија се запознава со јавното раскажување приказни што станува нејзина пасија и настапува со групата „Флешлајт сторителерс“. Заедно со Тина Хофман го основа театарскиот кружок „Нотнау колектив“. Има објавено две книги: „Дожд во Индија, лето во Берлин“ (2016) и „Гитара од палисандер“ (2018).

Гавран е годинашна гостинка на фестивалот „Букстар“ (3-5 октомври), во организација на издавачката куќа „Антолог“, кој на македонски го објави нејзиниот роман „Гитара од палисандер“. 

 

Како сфативте дека сакате да се занимавате со пишувате, кога се случи тоа?

– Почнав да пишувам уште во основното училиште, раскази за училишното списание, кратки игрокази за нашите претстави, песни и новинарски текстови. Голема улога во тоа одиграа моите професорки по хрватски јазик и по литература, кои ме заинтересираа за читањето и пишувањето и ме поттикнаа да тргнам по тој творечки пат.

 

Дипломиравте драматургија на загребската Академија за драмски уметности. Во кој жанр најмногу се наоѓате, освен во драмата: поезија, раскази, подолга проза? 

– Запишав драматургија бидејќи тоа е единствениот отсек во Хрватска што ги спојува теоријата и практичното креативно пишување. Прекрасно ми беше додека студирав на Академија, ама и често одев да ги слушам предавањата на отсекот за компаративна книжевност. Инаку, формата ме избира мене, а не јас неа. Секоја приказна како да знае дали сака да биде раскажана во прозен или во драмски облик.  Поезија пишувам поретко, ама и таа ме зграпчува кога најмалку се надевам.

Неколку години живеете и работите како театарска уметница во Англија. Кажете ни нешто повеќе за животот таму? И за драмската сцена, се разбира?  

Во Англија се преселив во 2013 година, на почеток само привремено, како студентка на програмата „Еразмус“. Ама тоа време некако се протегна. Новите култури ме возбудуваат и ме интересираат, во Англија многу научив за себе и за другите. Животот тука не е само средба со англиската култура, туку и со другите култури и со луѓето што тука емигрирале. Како авторка, тешко ми беше да се снајдам во новиот јазик, така што мојата работа се насочи на театарот. Тоа чувство на неприпаѓање го опишав во новиот роман „Помеѓу“, кој излегува наредниот месец во издание на издавачката куќа „Диспут“ во Загреб.

 

Каков е вашиот став за третманот на хрватските драматурзи во театрите и нивната застапеност на репертоарите? 

а драмските писатели во Хрватска не им е лесно да дојдат до сцената. Не постојат стратегии или интерес на театарите да ги развиваат младите писатели и нивните приказни. Кога ќе направам споредба со Англија, тука секој театар има некој вид на програма за развој на младите уметници и нивните дела. Не можеме засекогаш да живееме на класиците. 

 

Повеќекратно сте наградувана за своите драми: прва награда „Марин Држиќ“, награда за збирка кратки раскази, награда за  дебитантска книга… Колку ви се важни наградите како признание за вашето творештво?  

– Искрено, наградите ми се важни бидејќи ми помагаат во натамошната работа. На пример, наградата „Мирко Ковач“, која ја добив за својот последен роман „Гитара од палисандер“, ми овозможи неколку месеци да се посветам само на пишувањето. Тоа време е многу битно за младите ватори. Бидејќи додека се обидувате да пишувата „од страна“, додека редовно одите на работа, немате време да се фокусирате. А друг вид на награда за мене се пораките и впечатоците на публиката, на тоа најмногу се радувам и таа комуникација со публиката ми е главна мотивација во пишувањето. 

 

Во 2018 г., во издание на „Диспут“, го објавивте својот прв роман „Гитара од палисандер“, кој е преведен и на македонски јазик. Зошто „гитара“, што симболизира овој мотив? 

– Како девојче свирев гитара и мислам дека тоа е еден прекрасен инструмент. Низ гитарата се обидов да проговорам за судбините на пет различни жени, за нивниот однос кон уметноста, мајчинството и очекувањата на општеството. Многу сум среќна што романот е преведен на македонски, така што ќе можам да се сретнам со моите читатели во Скопје. 

 

Низ пет индивидуални приказни, романот се фокусира на пет различни судбини, судбини на жени чие време е одбележано од забрани, ритуали и заблуди. Ве интересираат ли „женските теми“ или воопшто не постои такво нешто, туку темите се универзални?

– Не постои „женско писмо“, пишувањето е универзално, но одредени теми треба да се истакнат во општеството. За мене секако тоа е прашањето за положбата на жената во општеството. Ни се чини дека откако жените добија право на глас, повеќе нема што да се каже. Или дека ако е полошо во некои општества, немаме за што да се жалиме. Но, мислам дека има уште долг пат до еднаквоста и затоа и мажите и жените треба да пишуваат за тоа.

 

Кои се вашите внатрешни мотиви за пишување?

– На пишување ме поттикнуваат приказните што ги слушам од другите луѓе, проблемите со кои и самата се сретнувам, глетки на кои им се чудам во светот.   Сето она што е необично, скриено или ставено на маргините, го привлекува моето внимание. Сепак, мислам дека како писател сум нежна, за големите теми   говарам на тивок начин. Мојата последна драма, која се играше низ цела Велика Британија, се вика „Бибер и мед“ и зборува за Брегзит низ една топла лична приказна. Мислам дека со оваа драма ги допрев луѓето на поефикасен начин одошто да напишев нешто што би било политички памфлет. За мене личното е политичко, а емотивноста е единствениот начин да побудиме емпатија во другите.  

 

Кои се вашите примери, како на писател? Влијанието на кои текстови и кои автори било најважно за вашето пишување?  

Немам автори што ми се пример во пишувањето бидејќи знам дека својот стил морам да го градам сама. Ама има многу автори што ме обележале како читател. Како дете ги сакав аватнтуристичките романи, оние на Марк Твен. Во средното училиште тоа беа класиците, во студентските денови Харуки Мураками, а сега ме привлекуваат силни авторки како Зади Смит или Јасмина Реза. Се трудам да ги читам хрватските автори, па кога и да одам за празници во Загреб, дома се враќам со полна торба книги. 

 

На што работите во моментов? Какви ви се плановите за во иднина, оваа поблискава, во поглед на уметноста?

– Тукушто го завршив романот „Помеѓу“, кој излегува наредниот месец во Загреб. Сега сакам да се посветам на развојот на своето пишување на англиски јазик. Добив поддршка од англискиот „Артс каунсл“ и многу сум возбудена поради оваа програма за запознавање со англиската литературна сцена. 

 

Весна Дамчевска