КОН „МЕМЕНТО ЗА ИСТАНБУЛ“ ОД АХМЕТ УМИТ

Дали си способен да убиеш? Да пресудиш некому? Способен ли си да преземеш во свои раце живот и судбина на некој друг? Да ја скроиш судбината и да ставиш крај на нечиј живот?

Сите сме. Во случај на убиство, убиец може да биде секој. Твојот брат, твојот сосед, другарот од детството, твојот претпоставен, лекарот, учителот, пекарот, продавачот во бакалницата, случајниот минувач на улицата, можеш да бидеш ти лично. Доволен е само поттик како болка, бес, загуба, одмазда.Само еден настан во животот на човекот е доволен да го разбуди монструмот, да го разбуди ѕверот во него, да се разбуди како убиец.

 

Во ова ремек дело на Ахмет Умит, инспекторот Невзат, татко и сопруг изгорен од животот, со својата бавна и тивка нарација и концизна и јасна мисла нѐ води низ историјата, легендите и улиците на градот на два континенти – Истанбил. Повикан да обелодени случај на убиство, ќе се соочи со сопствените демони од минатото, со серија убиства каде жртви се оние кои го уништуваат градот. Седум тела за седум дена се оставени на различни локалитети низ престолнината пред и во различни знаменитости и градби, секое тело е поставено на ист специфичен начин и кај секоја жртва е пронајдена монета од соодветен историски период. Од времето на Бизас и Бизантион, Константинопол и ѕидовите на Теодосиј II, преку минарињата на Аја Софија и Топкапи сѐ до гробовите на Сулејман Величествениот, султанката Хурем и градетелот Синан, потсетувајќи на важноста на таткото на Турција Кемал Ататурк, на волшебен ќилим проткаен со правот на Месечината и проследен со нејзиниот меланхоличен поглед ќе прелетаме над главите на Невзат, Демир, Јекта, Евгенија, Лејла и Намик набљудувајќи ги нивните животи, трансформации и емоции. 

Инспекторот Невзат ни раскажува две паралелни приказни за неговиот приватен и професионален живот кои совршено се испреплетуваат за на крај да се спојат во маестрална целина.

 

Во еден свој запис поетичниот Јекта вели: ” Од морето го гледаме градот: Невзат, Демир и јас. Го гледаме своето детство, оние деца што се довикуваа по улиците на Балат, што пливаа во водите на Златниот Рог и што се тепаа со децата од соседните маала…Сливите украдени од црквениот двор, ризницата скриена во занданите на Анемас, духовите од палатата на Порфирогенит, Исусовата статуа во патријаршијата, утринскиот намаз вo Сулејманија, водата од светиот извор, следбениците на пророкот во гробовите, крстот изваден од морето…Гробиштата во Ејуп, мирисот на храна што се ширеше по тесните сокачиња…Соседите со меѓусебно испреплетени животи.” 

Низ страниците на ова дело јас сепак видов една поинаква, спротивна слика на невиноста на овие три деца. Видов како животот ги претвори овие неразделни другари од детството во духови кои талкаат во потрага по смислата на животот, а дали ќе успеат да ја најдат нека ви раскаже Ахмет.

 

Ви препорачувам задолжително да се приклучите на оваа воодушевувачка прошетка низ историјата и со срмена нишка да се поврзете со срцето на Истанбул независно од случувањата во позадина.