Кон „Министерство на болката“ од Дубравка Угрешиќ

Where do the people, whose country has been disappeared, live now?
(Кон „Министерство на болката“ на Дубравка Угрешиќ)

„Деведесет и првата година се промени јазикот и земјата и симболите; погрешната страна стана вистинска, а вистинската нагло погрешна; кога се касапеа едни со други; кога се распрснаа војски со различни ознаки, кога најсилната се распрсна да уништи сѐ од лицето на сопствената земја; кога лагата стана закон, а законот лага; кога луѓето за исто зборуваа различно, кога од устите излегуваа само едносложни зборови: krv, rat, nož, strah…” – Министерство на болката, Дубравка Угрешиќ

Бескомпромисна и храбра, Дубравка Угрешиќ е една од оние писателки кои не се плашат гласно да ги постават работите на своето место – нејзините отворени, остроумни забелешки неретко поттикнуваат будење од општата затапеност. Во своите текстови, есеи и романи, таа, одново, секогаш критички пристапува кон прашањата за војната и национализмот, злосторствата и воените профитирања, јасно искажувајќи го својот антивоен став.
Сепак, одлуката да замине во егзил кој ќе прерасне во емиграција, за Угрешиќ не претставувала принуда туку сопствен избор поради незадоволството од политичко-културната состојба која владее на ова тло во почетокот на деведесеттите години. Во својот есеј од 1999 година, Писателот во егзил, таа пишува: „Јас, самата, не сум ни емигрант, ни бегалец, ни политички азилант. Јас сум писателка, која во еден миг одлучила да не живее веќе во својата земја зашто нејзината земја веќе не била нејзина.“ (Ugrešić, 2020:18)
Егзилот е остварено право на втор живот, пишува понатаму Угрешиќ, тоа е бајка за разделбата со домот, потрагата по него и повторното враќањето дома. Таа се спротивставува на стереотипната претстава за егзилантот гледан како страдалник – според неа, егзилантот е слободен човек кој одбива да се прилагоди на безволието. На крај, фатен во костец, тој сепак се соочува со трагикомичноста на својата ситуација при сознанието дека егзилот е и наука за прилагодувањето. Во неговата свест замислата за домот е сеприсутна.
Оттаму, Министерство на болката е роман за меморијата, егзилот и заборавот, роман кој се занимава со прашањето „Што му преостанува на човек кога неговата земја го напушта него?“.

Shit, I don’t have a biography

„Политичките системи, државите и државните граници, идеолошките и религиските системи, национализмите – сето тоа избледува во споредба со судбините на обичните луѓе.“ — Доба на кожата, Дубравка Угрешиќ

Откако го напушта домот во Загреб, Тања Луциќ, професорка по книжевност, се наоѓа во Амстердам, каде е ангажирана да предава на јазикот чија земја се распаднала. Нејзините студенти се млади луѓе со статус на бегалци кои ја делат нејзината поранешна татковина, дојдени во Холандија поради војната. Во обид да ги сплоти своите студенти, да ја олесни колективната болка и да ја ублажи загубата, Тања создава имагинарен музеј на југоносталгичарски експонати. Се создава природна блискост помеѓу групата, професорката и студентите со премолчен договор формираат сојуз и преку евоцирање спомени и обнова на претходниот живот внимателно почнуваат да ја полнат со свои интимни сеќавања менталната пластична торба со црвени, бели и сини линии – мајстор на преживувањето.
Бегалската траума го прекинува нормалниот тек со своето постојано упаѓање во животот на егзилантот; таа е определена од расцепот на времето, пред и по војната. Чекор по чекор, групата создава доверлив простор каде се оживуваат личните сеќавања. Да се биде директна жртва, но и сведок на војна, е сознание кое оперира со чувствата на страв, срам и вина и остава тежок товар. Да се биде обездомен значи да се биде симболички мртовец. (Билефелд според Шелева, 2005:30) За да изземе од одговорност, извршителот на злосторот најчесто прави сѐ за да го поттикне заборавот и иако минатото не смее да се заборави како не би се повторило, сеќавањата измачуваат и создаваат болка.
Чекор по чекор, младите луѓе се учат како да ја надминат тегобноста кон мајчиниот јазик. Како потврда за сопствениот идентитет јазикот претставува стега и товар затоа што „…на тие наши јазици се колеше, се понижуваше, се силуваше и се протеруваше. […] Хрватите решија да го јадат својот kruh, Србите својот хлеб, а Босанците својот hlijeb. Зборот смрт беше ист на сите три јазици.“ (Угрешиќ, 2005:39) Личниот идентитет, меѓудругото, е одреден и од политиката; оттаму произлегува и паралелното прифаќање и отфрлање на колективниот идентитет. Меѓутоа, идентитетот е и прашање на постојана динамика, не е само прашање на наследеност и зададеност; тоа е постојан процес на дополнување и менливост. Тања, ќе биде последната која ќе го дознае тоа.
На закрепнувањето од доживеаната траума неминовно му претходи стадиумот на присетување и страдање. Доаѓајќи од место кое го учи човекот да стане апатичен, Тања се чувствува жива само во оние моменти кога чувствува болка. Во постојаното движење на возот и нејзиното бесцелното талкање по железничката страница се забележува силната мазохистичка црта. Игоровото измачување е исчекорот кој ја поместува Тања од меѓу-просторот во кој е заглавена.
Дури тогаш кога ќе се осведочи сопствената вистина, обезмоќеноста ќе му го отстапи место на новото Јас кое траумата го разурнала. Варосувајќи ги старите тапети во станот на Ана, Тања симболички се обелува себе. Единствениот начин што му преостанува на егзилантот да ги надмине траумите на егзилот, пишува Угрешиќ, е воопшто да не ги надмине туку да ги живее како трајна состојба.