Вибрации

Држејќи го кафето во левата рака, а парите во десната, љубезно и културно прашувам колку чини ова задоволство. Очекувано, културно и смирено добивам одговор од лице кое небаре обожува да го помине неделното попладне на работно место. Како што е недела, друго нешто и не очекувам – луѓето на смирен и лесен начин да општат и комуницираат. До душа, кој како…

Излегувам надвор и наоѓам еден ќош, еден интимен агол на надворешната тераса од локалот, кој на завидлив и мудар начин на набљудува залезот над градот и првите знаци на ноќта – првите обиди за покорување на хаосот од градот. Полека градот и лудилото се смируваат, потонуваат во приквечерна поспаност и неделна мрзеливост.

Со книга во едната рака, и кафе и цигара во другата, полека заземам свој простор во оваа квечерна творевина. Во ова временско патување без недогледна целна одредница…

Две приказни паралелно и истовремено опстојуваат и соделуваат, во ист миг заживуваат и треперат. Јас и мојата животна приказна, довршена или недовршена, и онаа на книгата. Пишана и довршена. Се испреплетуваат и едната влијае врз другата. Вешто пробува да продре и суштински да надвладее. Да оформува, дообразува, упатува.

Задлабочен во мисли и пишано-навезени зборови, за момент реалноста станува подруга. Разобличена и преработена. На подобро. Тивка музика над мене запловува и кружи и звуците ги расшетува. А, светлото во аголот трепери и интимно просторот го обојува, не дава сивилото да преовладува. Сенки срамежливо си поигруваат и тивко луѓето ги галат и прегрнуваат.

Спроти мене заруменетото небо, кое за миг може да се престори во мрачнина, ги опива лицата и чувства побудува. Секој со свои чувства и емоции. Секој со свој патоказ и поминато животно талкање. Лево од мене, од мојот замислен поглед, двајца средновечни другари. Познаници или деловни соработници. Претпоставувам, не оти знам. Задлабочени во деловни разговори, нурнати во успеси и некакви достигнувања. Некои мајсторски разговори кои вниманието ми го одземаат. Секој со своја мака над главата,
грижи надвиснати, со кои лицата им се прелеани и завладеани. Секој со своја приказна, која кружи во тој мал дел од просторот и времето.

Наспроти нив, сосема други емоции и чувства го брануваат воздухот и друга енергија патува помеѓу луѓето. Млади лица, тинејџери – насмеани, ведри и во младоста опиени. Смеа околу нив кружи, задоволни позитивни вибрации се шират и невино опкружувањето го игнорираат. Нема друг свет освен нивниот, друг универзум со друга реалност. Со друштвената игра и пијалокот, свртени со друг поглед кон светот.

Замислен и восхитен од взаемниот однос на три енергии кои во ист момент зрачат, три различни света на едно мало место, забележувам друг сигнал се наближува. Повид и крик од друга реалност која се судира со нашата. Друг свет со свои образби и емоционални исполненија. Вибрации. Друга фреквенција, сосема различна од другиве. Тага…

Постара жена, во другиот ќош, немо зазела свој привремен простор и остава свој единствен белег врз временското и просторното битисување. Врел чај ѝ ја топли дланката, а бела слатка и миризлива пареа заигрува околу нејзиното лице. Танцува со седата неуредна коса. Нема живот, нема движење. Замислено лице со тажни надвиснати очи го одмеруваат градот. Сигурен сум ништо суштински не забележуваат. Празнина зјае од црните дупки кои очи ги нарекуваме. Тие нејзини прозорци нова светлина не впиваат.
Од вибрациите се гледа дека е така. Некоја загуба, некоја несреќа нејзината приказна во друг правец ја упатила и друго сиже ќе се раскажува. Таму, некогаш, подоцна во животот некој друг наратор ќе ѝ ја прераскажува…

Четири приказни – четири патешествија. Некоја помлада, некоја постара. Некоја набрзо ќе биде дораскажана, а некоја заглавена во воведот и климаксот уште го исчекува. Различни емоции кружат околу мене – над мене. Разллични вибрации и бранувања ме облеваат. Треперат и се обидуваат една врз друга да влијаат. Да надвладеат. Но, тоа нема да се случи. Секоја со секоја може да си поигра, со друга да се заплете, но никако едната другата да ја покори. Секоја е свој свет сама за себе. Свет во кој еден ист човек е и Господар и слуга, и создател и уништувач. Како кој ќе сфати и умее… А мојата? Таа е за друга прилика и друго раскажување. Во ова мало парче време и место предност дава на други треперења и емоции кои лебдат наоколу во приквечерината. Ме чекаат кафето и книгата. Ќе остинат и избледат. Од меморија…