Болка во џебот

Не сфаќам што се случува. Од лево, еден морнар стои притиснат до една курва и ја чепка во гаќичките, а таа ми се насмевнува над неговото рамо.
Од десно, потпрен на еден излупен ѕид, еден човек без нога ја подава пластичната чаша – сака дола.
Петгодишно разбушавено девојче си го лиже долгиот мрсул од носот, ја подава пластичната чаша – сака дола.
Една Индијанка со бебе на свиснатата града ја подава пластичната чаша – сака дола.
Едноока баба ја подава пластичната чаша – дола. Дола-дола-дола-дола – сите сакаат дола.
Одеднаш нешто со вриштење ми прелетува ниско над главата и во последниот миг успевам да клекнам и да го избегнам ударот со Човекот-пајак.
Донки шоу, донки шоу, донки шоу, донки шоу – грбавецот со белата сламена шапка го мрда задникот – факи, факи.
Не разбирам.
Донки факи сењорита.
Аха – спектаклот со магарето и со голата жена одеднаш ми се чини привлечен. Тргнувам по него.
Донки шоу, донки шоу, донки шоу…
Ја пресекуваме „Револусион“ и се симнуваме по скалите на еден страничен безистен. Џуџето со белата сламена шапка застанува пред една излупена врата со валкана светилка над неа и заѕвонува. Вратата се отвора и од неа наѕира една избричена глава. Грбавецот ја подава раката – дола. Му давам долар и шапката му станува помала како што оди по скалите нагоре. Му плаќам и на типот со избричената глава за влез и се симнувам по уште неколку скалила надолу.
Задимен бар со сепареа со боја на вишна, со кафена ламперија и со црни столбови накитени со новогодишни светилки. На едниот крај е поставен малечок подиум, пред кој има неколку тркалезни масички натрупани со смачкани лименки од пиво и со пепелници со догорчиња, околу нив се веселат морнарски униформи, кожени јакни и кошули-хавајки. На ѕидовите висат постери со мексикански пива: „Corona“, „Dos Equis“, „Теcате“. Влегувам точно во мигот кога музиката запира и застанувам на барот најодзади, зад неколку реда машки грбови. Се поткревам на прсти. Погледите ни се насочени кон црвените кадифени завеси што се отвораат и двајца водат едно сиво магаре. Го оставаат и се кријат одзади.
Следуваат овации. Кон шанкерот се подаваат раце со долари, а тој им раздава пива.
Завесите одново се отвораат и се појавува гола кафена жена во средни години со мали нозе, со свиснати гради и со пуштен стомак. Си ја замислувам со штипки во устата, како пружа алишта. На нозете носи бели сандали од лакирана кожа, а горе со црни реси. Косата ѝ е бојосана, шминката – лоша, веѓите – прво искубани, а потоа нацртани. Од публиката тука-таму се слушаат исвиркувања и незадоволства.
Еј, неблагодарници – што сакате за пет долари!? Шакира?!
По краткиот вовед, Мексиканката започнува да се наведнува под животното. Тоа се трга. Таа му го фаќа органот и започнува да го мастурбира. Магарето ја мрда главата и покажува заби. Жената продолжува со своите движења и извесно време магарето не реагира. Жената започнува да ги забрзува движењата со раката.
Одеднаш, магарето запретува и го поткрева вратот за да ја гризне, но успева само малку да ѝ ја начне косата. Жената започнува да пцуе и изнервирана се дере некому зад завесата. Двајцата Мексиканци излегуваат, едниот со едната рака му ја граба муцката на животното, а со другата го удира по забите.
О-о-о-о!!! – жално реагира толпата.
Животното ’ржи и потскокнува наназад, но од некаде излегуваат уште двајца мустаќести Мексиканци облечени како маријачи, го соборуваат животното. Едниот, со гитарата на грб, му ја приклештува главата на животното помеѓу своите панталони, па го фаќа здраво под предните копита насочени кон таванот. Неговиот колега, со хармониката на грбот, го фаќа за задните нозе.
Изведувачката веќе со двете раце започнува да работи на ерекцијата на магарето.
Публиката, која до пред еден миг беше обеспокоена дека ги загубила парите (како што и вообичаено се случува во Тихуана), сега започнува да свирка во знак на одобрување.
Магарето одговара со восхитувачка големина. Некој силно аплаудира.
Одеднаш, една пијана туристка започнува да се смее хистерично. Во моментот кога жената на сцената започнува да го шмука стапот на магарето, му вртам грб на спектаклот, ги буткам луѓето зад себе и се качувам по скалите нагоре за да ја повратам маргаритата и сè друго што можам да повратам. Успевам некако да се довлечкам до надвор, ми се врти во главата, ми се легнува. Вртам зад аголот и се потпирам на ѕидот. Тешко дишам и сосила се обидувам да ги исфрлам отровите од стомакот.
И, тогаш, ги гледам. Тргнувам кон нив, потпирајќи се на ѕидот.
Телото е паднато на тротоарот, двајца молчаливо и рамнодушно го шутираат. Се стресувам. За миг, застанувам. Како насон ги слушам само сувите звуци од ударите. Гледам како главата на паднатиот се мрда од ударите.
Еј – им викам. Не го поднесувам насилството. А тоа дури не личи ниту на насилство. Никој не се дере, никој не се лути. Двајца шутираат трет без да внесат некоја емоција во сето тоа, како да ја тргаат калта од своите чевли. Се приближувам и сè уште се држам за ѕидот.
Едниот се врти и ме гледа неподвижно. Другиот не запира со удирањето. И двајцата се поголеми од мене, со кратки црни палта и со кратки црни коси. По некое време, првиот исто така застанува. Ме чекаат да се приближам. Фала му на Бога, телото на тротоарот започнува да се мрда.
Се насмевнувам и кревам рака во знак на поздрав.
„Ола, амигос“ е последното нешто што успевам да го кажам.
Тупаница во челото пред воопшто да можам да видам од каде доаѓа. Тротоарот се судира со моето лице без никаков проблем. Клоцата во ребрата ме поткрева од земја. Успевам малку да се поткренам и тогаш добивам уште еден удар во главата. Забележувам стапала како одат надолу, парапет. Полетувам надолу, се сопнувам, се тетеравам, се тркалам, продолжувам… Неколку метри зад мене се. Летам по скалите. Се обидувам одново да се фатам за парапетот. Но не успевам да се задржам. Се сопнувам пак и се тркалам. Се тркалам, се тркалам долго. Застанувам кога главата ми се удира во ламаринената врата. Нивните силуети чекорат надолу по скалите. Гледам како им светат чевлите додека летаат кон мене. Ме шутираат неколку пати. Ме тегнат за реверите. Едниот од нив штракнува со запалката и ме погледнува. Ме носат нагоре. Се обидувам да кажам нешто, но еден силен аперкат ме струполува. Ме влечат нагоре по скалите. На тротоар сум, кај нозете ми се вплеткува чевел. Овде пред малку беше легнатото тело, а сега нема никого… Стигнуваме до еден паркинг со паркирани возила, чакалот под чевлите крцка, бодликава жица, светилки жолти како мочка… Ме втурнуваат кон едно комбе со калифорниски таблички. Едниот од нив ја отвора вратата и таа започнува да прави пиу-пиу-пиу-пиу. Другиот се обидува да ме бутне внатре. А, не – надвор може да ме тепаат колку што сакаат, но во туѓо комбе не влегувам! Ги ширам рацете за да не можат да ме набутаат внатре како добиток. Првиот повторно успева да ме клоцне во стомакот.
Чашата од маргарита скриена во џебот на јакната се крши. Се фаќам на местото каде што ме удираат и стојам превиткан. Две раце ме фаќаат за косата и ми ја држат главата наведната. Сега очекувам уште една клоца во стомакот. Доброцентрирана силна клоца што ќе ме издиши и ќе ме омекне како торба со грав. Колку што можам, ги стегнувам стомачните мускули. Клоцата доаѓа пополека. Секундите се растегнуваат до бескрај. Пострашно од клоцата е единствено нејзиното очекување. Што ќе биде нека биде – собирам сили и во еден очајнички миг ја извлекувам главата од рацете на тој што ме држи и му ја забивам скршената чаша во лицето.
Вреснува.

 

 

Објавена со поддршка од програмата Креативна Европа на Европската Унија и од Министерството за култура на Република Северна Македонија