Последните 10 години од XX век

Последните 10 години од XX век

I дел –

Во последните десетина години од минатиот век по улиците на овој мал чуден град се движеше една мала опасна банда. Бандата беше спонтано оформена, па затоа не се знае кога, како и зoшто. Бандата по рендом ордер се среќаваше, се собираше, без претходно закажан состанок.

Дел од таа банда бев и јас. Моето име е Вили. Мојот најдобар другар е Алекс. Негов брат е Борут. На нив братучед им е Кекјерес. На Кекјерес комшија му е Палавиот. На мене комшија ми е Арамис. А на сите нас во бандата ни се мешаа и еден куп други ликови присутни на андерграунд сцената во градот. Случајно исплеткани бевме како црева.
Таа вечер ни се вмеша Бекс. На Палавиот Бекс му беше вмешан уште од пред извесно време. Заедно беа во некаков дружечки филм, ама знаевме дека сигурно заедно прават некаква беља нешто.
Останатите бевме таканаречени преобразени лажговци кои не прават никакви бељи, ништо.
Тоа значи дека барем во последните неколку дена не се случила некаква беља поради која не те сакаат од власта. Беља од типот „велика ти уста“, ништо посебно. Ама, плукање по власта и јадење бурек против капиталистите.
По јавните медиуми дури.
Суптилно.
Стотројка.
Стотројка.
Тоа ти е како перестројка, само катр миљард.
Државен непријател број еден. Македонско радио, канал 103.
А бе да, така беше, жими сè. Ненормални бевме, жими сè, си возиш по град и обавезно пуштен канал 103 и на реклама фино си се дрекнуваш на цел глас: државен непријател број еден, и слободно на некој џандар во лице: канал 103.
Ама многу послободни бевме… Кога ќе се сетам каква песна објавив во „Зрак“, ми се тресе долна вилица. Особено дека знам дека повеќе ја немам.
Или, не дај боже, да нацрташ некаква си парола на некој центарски ѕид.
И да те каже некој кодош за нешто. Има де ти се закачат зад тебе, само да те нервираат, не друго. Бељи да не правиш.
На времето некој нè испоизнацинка сите бандити што кревавме бука. На сите ни се беа закачиле зад грб. Време на немири. Самостојна Македонија. Време на масовен лоповлук. Време на непотизам до степен на безобразлук. Време на подавање фабрики „кому иде“. Време на масовна аукција на државата од затворен тип. Тајно.

Мислевме дека сме го достигнале врвот на безобралукот. Врска сме немале. Тоа не е ништо во споредба со реалноста денес. Да сме знаеле, никогаш не би дозволиле да излеземе од Србија. Сега барем ќе си бевме бановина со одредени права, а не вака мета на секого, десно сметало од држава, доведено до степен на истребување, односно систематско припојување кон Бугарија. Па барем Србија да беше. Ете, јас сум за Србија, другари, со Русија и Кина.
А не, не кажувај Кина на глас, ќе изедеш ќотек.
Згора на сè, токму од Кина нè зафати пандемијата од коронавирусот, глобалната појава на посебната форма на биолошка војна која има за цел да покоси цели нации. Можеби и континенти. Сеедно е, ние и онака си го продадовме името за џепарлак на политичарите. Ете, барем некој живее убаво тука, да не се буниме многу многу…

Истото чувство го имавме и тогаш. Безизлезност. И немоќ. Сепак, далеку е со јачина во квалитет од ова чувство на безизлезност и немоќ сега.
Во прашање е друг век, сепак. Удура во слабина суптилно и многу поефективно. И стравот е мнооогу појак. Сме еволуирале.
– Замислете си, сме еволуирале до тој степен да си го истребиме родот, сојот свој за доминација и профит. За пари, – пак почнав за момент со верглање таа вечер јас.
– А бе, Вили, сè се врти околу парите, кога ќе видиш, – рече Борут. – Еве и ти сакаш пари, не е така? – и ми фрли еден поглед со дигната веѓа до таван.
– Почнав да попуштам под притисокот, другар, Имам занает во устата. Секој збор може да ми се плаќа. Збор – алтан. Ми се оди да преведувам за ОБСЕ Нешто да правам корисно.
– А и профитабилноооо, – се искриви Арамис. – Ич не знаеш ти.
– Ај доста, не збориме таков муабет, нели.

Се собравме, значи, без Палавиот, кај Алекс и Борут во станче. Населба Чаир, кај Паштрик десно.
Зимска тешка ноќ. Со Арамис одвај се довлечкавме до Чаир. При тоа не престанавме да вртиме празен муабет.
– Нели, бе, денес има некоја журка, а? Да бе, има журка во МНТ.
Влеговме во стан смрзнати. Мене ми се тресеше душата. Борут мораше одма да ме закачне:
– А, се тресеш, а? Трески те тресат, а? Уф, што неќеш студ мме!
– Ти па поарен да не си па.
– А бе имало журка во МНТ. Да промениме серва вечерва малку.
– За промена серва ти можеш сега мене да ми дадеш сè, Вили, – и пушти рака од Арамис да земе телефон да испита терен.
Не зборевме многу многу. Муабетите не ни беа содржајни во такви ситуации во кои немавме волја. Површни беа и навидум глупави. Но, тоа е директна рефлексија на отупавениот мозок кој во тие моменти не знае за ништо друго освен за јадење вафли само за една иста работа. Неможноста да се прилагоди на новите животни стилови, кои сега бараат многу пари. А ги сакаш. Сите ги сакаат. Но, немаат среќа. Немав ни јас. ОБСЕ остана неостварена желба, со слики испроектирани во главава од мене по терен како преведувам од кој јазик сакаш: македонски, српски, хрватски, англиски, а за бугарски и словенечки ќе се снајдам. Ништо. Ќе сум погинела од случаен куршум или ќе си оделе по кризата и ќе сум останела без работа. А бе уште се тука. Друг век фати. И кола ќе купев и стан и викендичка на море веќе. Кај прекинува криза тука, глупави. Глупави. Среќа, постоеше огромен напор да се излезе од тој магичен круг на кревање тензија во празно барем таа вечер, и тоа сите го испочитувавме. Фрливме неколку безначајни муабети во воздух додека чекавме да се приберат сите и одма после тоа фативме фитиљ.
Немавме пари. Немавме средства за забава. Тешко ни беше. Па и не. Ни беше криво дека можеме ама не ни се пружаше шанса. Дека не сме деца на никого. Или токму поради тоа што сме деца на некого. Сеедно. Условеност си е условеност. А ние немавме вистинска условеност. Затоа немавме пари.

Гоакабана, бифор парти, одма карши МНТ. Не знаевме дали ќе одиме во МНТ, Не знавме што ќе правиме и воопшто не ни беше важно. Беше важно да мрднеме од дома и малку да се смееме за промена. Веќе бевме доста вчаурени во контрашките филмови. Заборавивме дека може и да се забавува, не само да се критикува нешто.

II дел –

Скопје, граду мој, колку те сакам јас тебе, магично чудовиште мое!
Возењето низ делот на овој чуден град од оваа страна на реката е како да се возиш низ Бејрут. Мириса на стоено, димови, смог и нечист воздух. Луѓето стојат по тесните улиците, клекнати или на нозе, и зјапаат директно во секој што поминува. Низ програмираните мозоци им поминува мисла само за тоа кој што мајка бара од оваа страна на градот. Но, ова возило го знаат, премногу долго го гледале каде оди и точно знаат сè што прави, и каде оди и колку пати во ве-це оде веќе знаат. Битпазар маало, ситни црни пазарџии, сè што сакаш под рaка на црно ќе ти здилаат тука. И кеш и дрога и гаќи и чорапи и цигари и овошје и зеленчук и оружје и жени и кажи ти само што сакаш и тоа може да се најде во некоја дупка од Битпазар и во старата чаршија на овој мал мал така чуден тајновит град. Мирисите од овој дел на градот напамет ги знам. И филмовите кои треба да се прават за да се опстане тука.
Како се доближуваш кон мостот, светлата се други. Стапнуваш во една многу поразлична средина. Се гледа еден момент квазишминка, демек кремот на градот шета од другата страна на реката. Штикли, сукњички и козметика. Парфеми од сите страни. Возила да ти штукне памет. И сељаци дип даун инсајд сè од еден до последен. Мамините и татини синови. Со фазла матерјал, а содржина никаква. Пара фрлена во празно. Ред постои некој наметнат и начин на однесување тотално искорумпиран. Овде божем никој никого не забележува на улица, со носовите дигнати горе се разминуваат без да си речат здраво, иако до вчера во иста клупа седеле во школо. И овде треба да знаеш како да изиграш за да не те затрупаат бескрајните комплекси, од секаков вид и големина.
Малите тесни мрачни улици се прелеваат во широки осветлени булевари и со два потега си во новава средина. Од Бејрут влегуваш во Квази-Урбанија.
И одма вртиш кон подрум-паркингот на МНТ – многу битен објект во самиот центар, издиган помеѓу овие две реалности – наша финална дестинација често во тој период, кој е инаку многу убав период од животот во градов.

На влез на паркинг одма нè пречека нова атмосфера. Тоа време во градот имаше силен развој на транс културата. Гоашите беа прекрасни луѓе, слушаа некоја нова силна музика, многу се гушкаа едни со други, се облекуваа како ќе им текне, безрезервно прифаќаа сè ново и непознато, одеа по журки и скоро цело време без позитивни.
Замислете си, влегувате во паркинг на МНТ и лупа транс музика и ве опкружуваат сè такви фаци, нови некои многу пријатни фаци и стари некои познати драги фаци кои си нашле нов медиум тука на ова место. И целиот тој склоп мириса на научна фантастика. Во сам епицентар на градот, во едно од најкултните места за култура – МНТ, опера и балет и филхармонија и сè – долу во подрумот никнало едно печурче кое го земаа гоашите и го нарекоа Гоакабана. Добро, првенствено се викаше Копокабана, ама којзнае како им го дадоа тоа место на новите момци од транс сцената, па тоа стана навистина посебна збирштина на заштрашувачко психоделични содржини. И таму се собираа сите пред да одат на транс журка, која пак оваа вечер се случуваше отспротива, на 5 метри оддалеченост.
И сè тоа во сред центар на градот. Цела една супкултура никнала на овој паркинг. Транс димензија на постоењето, со сите карактеристики својствени за неа.
Сè што си планирал и сè што не си ни помислил дека може да се случи, сè тоа неминовно ќе ти се случеше во Гоакабана.

Аманитка во центарот на градот.
Помеѓу двете реалности присутни од оваа и од онаа страна на реката, никнало магично печурче.

– III дел –

Искулирани влеговме во терен. На влез нè пречека изместената фаца на Палавиот. Целиот еуфоричен нè озрачи со некаква чудна енергија. Нè пречека целиот непознато издиган, каков до тогаш не сме го виделе. Види ти момент оф сапрајс. Одма го нападнавме:
– Што си се озарил бе, племето твое?
– Ќути, ќути, вика, ова не е нор-мал-ноооо,- и ко ренген поминува со поглед по сите нас, и не го тупи многу, и пак вика: не-нор-мал-нооо…
– Што е бе, Палави?
– Докторот! Ај да влеземе во МНТ. Ми фали галама. И музика. И завеса. Вили, да играме да му се невиди! Убави сме. Глеј.
И во милисекунда огледалото ми лови два лика потполно идентични на нашите: оној на Борут и оној на Арамис.
Се вртам. Одам. Не чекам збор. Од едната страна оди Арамис, од другата Борут. Со огромна брзина, без збор напуштаме терен, поминуваме низ сите луѓе кои чекаат на влез во МНТ, огромна толпа секакви луѓе, низ нив, без можност да нè запре некој кога влегуваме во МНТ, фала богу „промена серва”… И јас трчам да ја оставам монтката и да се соблечам по гаќи, да тргнам сè од себе внатре за да не утепам некој во гужвата…
Девојката од таканаречената гардероба ме враќа во реалност за момент, вика нема место… Се лигави кокошката дека немало место веќе, а надвор редици се редат за влез… И се сеќавам како некој да кликнува со двата прста и во истиот момент се враќам во реалност качена на пултот со едната нога, влезена на девојката во сурат ѝ покажувам ДА ЈА ЗЕМЕ ДА ЈА ФРЛИ ЈАКНАТА НА ЗЕМЈА АКО ТРЕБА зашто НЕ МИСЛАМ ДА ЈА ВЛЕЧАМ СО МЕНЕ ВНАТРЕ.
Страв и ужас ме пречека во нејзините очи, и кога погледнав што правам сфатив дека сум претерала, зашто цела моја банда стоеше на влез веќе подлабоко во просторот, сите спремни да скокнат да ме тргаат од таму ако случајно ме запука некаков бед и неконтролирано ја зашамарам еднаш. Среќа, тоа не се случи. Ја фрлив јакната. Скокнав од пултот. Си ги подигнав фармерките зашто ми се лизгаа надоле, фатив ред во бандата моја и такви 600 оѕверени еден позади друг влетавме директно на подиум.

Музика, фала богу, музика, темница и неред. Незамарање. Неотворање уста, незборење, а размена голема и силна. Просто негледање ништо и не чувствување ништо што не е дел од овој наш круг. Како бариера да имав околу мене. СТОП знак поставен од сите страни на моето битие. Каква добра музика, Господе. Проекциите за самиот себе стануваат моќни. Како од бездна да те собира некој, како да те дига некоја рака голема силна како малите кученца што се дигаат од позади за врат. Па те става во друго некое течение, на многу повисоко ниво. Внатре од мозокот извира целата енергија. Воопшто не се чувствува дека играм. Не ми се верува. Да се доживееш самиот себеси пак. Не е нор-мал-нооо. Навистина не е нормално. И погледнувам исто му е и на Борут кој игра до мене. Во далечината можам да го осетам Палавиот. И Бекс. И Алекс дошол и нè нашол. Аурите им ги чувствував. Фиксирани во музиката што нè вози, сите игравме во некоја друга реалност, во проекциите од некаков друг вид сместени во мозочните вртлози. Секој во својот свет, опкружен со световите кои создаваат колективна позитивна вибрација. Сепак, само со неколкумина формирам јадро. Банда.
Припадност.
Ги гледам, сите се како мене. Со некаква сета. Сами во вртлозите кои сами си ги прават и сами си ги поставуваат точно пред нос. Сам на себе сопки си ставаш. Ејј, дека многу си паметен. Замисли? Колку си паметен, всушност.
Па во моментот откровение ти се чини ќе испуштиш душа, да, вистинско откровение е да сфатиш колку си глупав. И ова е најинтелигентен заклучок кој си го донел самиот за себе. Каков парадокс, а ти мислиш дека си многу паметен. Од сите попаметен. Не е битно за што. Од сите поубав. Ете најубав. Од сите пофакман, ете најфакман. Хааа. Колку си глуп. Его = Глуп.
И во центар на моето видно поле се појавува Арамис. Ист. Распаметено глупав.
Па ги бараме енергиите слични на нашата, од луѓето најблиски до нас. Во толпата луѓе само нашиве дречат како лампиони.
Далеку поставени, во различни делови од просторот, само еден со друг можевме да се видиме. Само мојата банда можеше да ми влезе во фокус. Ми се чини вонтелесно комунициравме, повеќе од телепатски. И тој момент кој траеше бескрајно долго, а сепак така кратко, остави печат силно врз мозочните вртлози. И вибрација која сеуште се чувствува, до денешен ден. Па некако повторно ми се појави насмевка по целото тело. Мала. И ежење по целиот ‘рбет.

Откако заврши интроспекцијата, веќе се заморив, почнаа да ме болат нозете и сакав да се најдам со другите. Видов дека скоро сите седат на едно сепаре. Сите собрани, без Палавиот и Бекс, седат и молчат. Борут беше интензивно истрошен исто како мене. Поминат низ празнење и сега смирен. Алекс седеше малку повознемирен. Арамис во обид да ја орасположи девојка му, уште толку ја запукуваше во бед. Нешто му се прекрши на девојчето таа вечер. Јас сум џокер за Арамис. Му налетав на екстра пуш. Успеа да го насмее девојчето.
Одеднаш силно замолкнавме. Од некаде се створи и Палавиот, а зад него и Бекс. Молк. Тишина. Во МНТ пука музика и врие народ, а во ова ќоше влегла некоја друга димензија, па го отцепила од останатиот дел на дискотеката. Речиси во ист момент станавме да си одиме. Еден по друг. Поминуваа некои луѓе и ни збореа нешто. Ние гледавме низ нив. Еден дечко нè викаше на афтер во Гоакабана. Каков афтер бе дечко. Сме виделе и афтер и бафтер и пичку мафтер. И продолживме со истиот чекор понатаму кон излезот. Секој по својот пат. Тивко. Секој во својата димензија. Секој сепак со уште по некој до влез до дома. Не сам.