Повторно најдена генерација или што е заедничко за Били тхе Кид, Цвајг и Тито

Повторно најдена генерација или што е заедничко за Били тхе Кид, Цвајг и Тито

По присетувањето на славната изгубена генерација  и  латентната хистерија за изгубените идеали и вредности, кои се попатен и  по малку патетичен приврзок на таа теза, да се осврнеме на опозитот/контрастот  на изгубените.

Кои би биле повторно најдените? 

Повторното наоѓање (на нешто загубено) асоцира на монументалното дело на Марсел Пруст   „Во потрага по загубеното време“. Пруст во последното дело  од неколкутомниот епохален потфат  се бави со повторното наоѓање на времето.

Но, дали патот кон апстракција преку  емотивно себезатворање води до пронаоѓање на себството? 

Плејада на модерни  писатели не се пронаоѓаат преку ментално онанирање, нема време де… особено имајќи го во предвид целиот тој  алкохол, коката, моката и другите помошни играчки за предизвикување на креативното лудило и беснило. Замислете го Бегдебе во зен поза или Буковски како опишува шолја за чај? Освен ако во шољата нема бар две голтки евтино виски. 

Не. 

Повторно најдена генерација е нешто сосема поинакво. Тоа е достигање или барем приближување до зенитот на една духовна, општествена и социјална рамнотежа. Тоа е достигање на егзистенцијален, духовен и морален врв ,или барем обид за освојување на тој врв,  кој овозможува широка лепеза на битисување на една цела заедница преку посветена преданост  на одредени идеали. 

Се бавиме со контрастите на изгубено – најдено, време – народ , па во тој контекст може да ја поставиме и следната кинеска клетва-благослов како услов за повторно наоѓање: 

  • Да  живеете во интересно време!

Што значи интересното време? Време на турбуленции и драстични промени, време на напуштање на стариот и преобликување  на новиот свет, време – невреме

Може период од само неколку децении да го преобликува просторот (време-простор), а векови и милениуми да го следат патоказот на ерупцијата од тоа време. 

Три примери за повторно најдено време-генерација 

  1. Познатиот период на американскиот див запад којшто стана и остана основа за бројни литературни, музички, културни, кинематографски и историски дела и реминисценции познати под терминот вестерн траел вкупно 25 години! Да, да,  целиот период што е обележје на голем дел од американската историја траел од 1865 до 1890 година. Односно,  до пристигање на пругата до западниот брег и поврзување на двата брега на САД.  Сите тие ликови кои денес се на ниво на митови, како: Вајат Ерп, Док Холидеј, Џеси Џејмс, Били Кид, Бафало Бил и др., сите тие живееле во тoj четвртина про-славен век . Има интересно  дело на познатиот историчар на западот, Eugene W. Hollon на оваа тема со наслов “Frontier Violence” („Граница на насилство”) издадена од Оксфорд Пресс, каде што провејуваат нишки на обожавање на тој наводно насилен свет, упатувајќи на бројни морални, цивилизирани и културолошки моменти кои поставиле темели на денешното општество и бројни примери на насилство-цивилизација. 
  2. Во 1881 година, кога Теди Рузвелт ја почнува својата политичка кариера во Њуjорк и полека се спуштаат завесите на дивиот запад, во аристократска Австро-Унгарија се раѓа големиот писател, мислител и пацифист Штефан Цвајг, промотор на европско аристократско братство. 

Најдобриот приказ за цивилизацискиот врв на австро-унгарското општество се, можеби, мемоарските натписи на Штефан Цвајг “Вчерашниот свет, спомените на еден Европеец”. Пред налетот на фашизмот ја напуштил татковината, веројатно не понесувајќи го парчето мебел кое припаѓало на Бетовен, или гускиното перо од  Гете на кое бил особено горд. 

Инаку филмот „Гранд хотел Будимпешта” од 2014 година е посветен на неговиот лик и дело, преку реминисценции на неговите хуманистички погледи на светот додека се околу него гние и се распаѓа.

Во длабока физичка, но и духовна изолација и потиштеност од грозоморите на големата војна, несфатлива после достигање на такво ниво на граѓанство, од Јужноамериканскиот континент се присетува на младоста, благородноста на  неговата генерација-средина и културолошкиот подвиг на космополитска Виена. Замислете свет во којшто општеството се замислува и себеостварува преку призмата на театарот,литературата и операта. 

„Првиот поглед на просечниот виенски граѓанин во весниците наутро не беше вперен во дискусиите водени во парламентот, или настаните во светот, туку во репертоарот на театарот што во јавниот живот имаше една важност одвај сфатлива за другите градови… Премиерот или најбогатиот магнат, можеа да чекорат низ улиците на Виена а никој да не се сврти по нив. Меѓутоа, актерот на Дворскиот театар или некоја оперска певица, веднаш ќе беше препознаена од секоја продавачка или секој кочијаш…“ 

Влегувате во улицата Ринг и не знаете дали лево кај што cвири Бетовен или десно каде што седи и пуши луле  Хајдн.  

Добро вино – свежо горко пиво ! Австро – Унгарија!

А потоа, еден слаботалентиран сликар по име Адолф се појави, па Штефан самиот се одјави.

3.Периодот од 1945-1990 година се славни  45 години на конечно реализирано братство-неединство на словенските народи на Балканот, во перманентна психоза на припрема на мир-војна, каде што  живеевме како да е вечен мир и се спремавме како утре да ќе избие војна. По својата славна  антифашистичка основа на СФРЈ, каде што Ј.Б Тито, лидерот на таа Југославија, најпрво е вброен во првата петорка на светот на победниците (заедно со Черчил, Сталин, Рузвелт и Де Гол), а подоцна поттикнува глобално  лидерство во друштвото на неврзаните каде што учествуваат 4 од тогашни 5 милијарди популација од сите можни расни, јазични  и религиски народи и народности. Балканот го живееше својот епохален и светски признат културолошки врв во соц-реалистичка верзија. И тоа неминовно се одразуваше  и на сите други полиња – од книжевната сцена, спортската до музичката (особено ЈУ-РОК ) сцена. Нобеловци, шампиони, олимпијци…

Каков налет од 45 години наспроти 450 години балканска цивилизациска кал. 

Не се важни столетијата на битисување и мизерување, важни се деновите на прогледување…

                                                                  почеток – крај