Кон „Во лавовска кожа“ од Мајкл Ондачи

Мајкл Ондачи е за мене нов автор и морав да го побарам на Гугл за да сфатам колку всушност бил познат. Неговата книга „Англискиот пациент“ е добитник на Букерова награда за литература, а според неа беше снимен и филм кој доби девет оскари во 1997 година. А, „Англискиот пациент“ всушност е продолжение на романот за кој сакам да зборувам.
„Во лавовска кожа“ е напишан во далечната 1987 година и не знам како досега не е преведен на македонски јазик. Причина: ликовите се македонски емигранти во Канада. Авторот е роден во Шри Ланка, а живее и работи во Канада. И токму македонските ликови ме привлекоа да ја купам книгава.
Приказната ја раскажува Патрик, главниот лик, кој заедно со татко му, учествува во изградбата на мостот „Принц Едвард“ во Торонто. Еден од работниците е и Никола Темелков, Македонец од Преспа, кој ги работи најтешките работи на мостот и најдобро е платен за тоа. Постои и ресторанот „Охридско Езеро“ каде се собираат работниците на крајот на денот, каде Патрик ќе научи што е сарма и барајќи храна за својата игуана, ќе го научи и македонскиот збор „гуштер“. Се спријателува со Никола, Коста, Елена. Ја запознава Клара, Алис и малечката Хана. Преку раскажувањето на Патрик, авторот ја открива историјата на Канада, ветената земја градена од доселеници од целиот свет кои со себе донеле по малку од своето дома за да се чувствуваат помалку осамени во новиот дом. Бегалци од војна, бегалци од затвор, калуѓерки, криминалци, богати, сиромашни, сите ги спојува едно, желба за подобро утре.
Авторот има интересен стил на пишување. На моменти мислев дека читам поезија. Кога раскажува Патрик, се прашував која е границата помеѓу реалноста и неговата фантазија. Се преплетуваат реални факти и соништа, вистински случки и фантазија. Малку невообичаено за мој вкус, ама сепак ми се допадна. Интересна приказна која вреди да се прочита!