Кон „Баба ми ве поздравува и ви се извинува“ од Фредрик Бакман

Кон „Баба ми ве поздравува и ви се извинува“ од Фредрик Бакман

„Секоја бајка има свој змеј. Тоа е заслуга на бабата.“
Приказна за љубовта на бабата кон внучето и пред сè е приказна за бајки и суперхерои, бидејќи како што вели Бакман: „Сите седумгодишни деца заслужуваат суперхерои.“ Бабата е раскажувачот, со необичен светоглед и смисла за хумор, која исплашената и многу интелигентна внука Елса, инаку од соучениците и соседите наречена како поинакво дете, ја води во светот на речиси будните – свет од бајките каде Елса и бабата секогаш се хероите. И двете со бујна фантазија, а големи обожавателки на Хари Потер и Господарот на прстените.
Особено симпатична е дискусијата на малата Елса на тема: Физички книги или читање на таблет.
Елса, која со помош на Гугл и Википедија дознава дека Дедо Мраз не постои и веќе не му пишува писма, Елса која научила брзо да трча кога ја бркаат децата од училиштето бидејќи е „поинаква“, која навечер се крие во орманот на баба ѝ за да отпатува во светот на речиси будните, каде времето се мери во бајковита бесконечност и е навистина мал херој. На училишниот маскенбал сака да оди маскирана како Спајдермен, а другите злобно ѝ се смеат бидејќи девојче не може да биде Спајдермен, иако во XXI век секој може да биде Спајдермен. И да, се чуствувате многу фрустрирано!!! Но, истовремено не можете да престанете да ѝ се восхитувате на Елса.
Ќе пуштите солза за ова мало храбро дете, ќе се восхитувате на бабата која прави сè за внучето на разделени и речиси постојано отсутни родители да не му недостига љубов и внимание.
Крајот на бајките е тежок, бидејќи секоја бајка мора да заврши, а јунаците треба да „живеат среќно до крајот на животот“. Како завршува оваа бајка за Елса и бабата ви препуштам да откриете сами. Книгава особено ја препорачувам на секоја мајка или баба.
А поуката е прекрасна: ако има доволно поинакви, никој не мора да биде нормален. Секој треба да биде свој и да се гордее со тоа.
„Баба ми ве поздравува и ви се извинува“ – уште една одлична книга од Фредрик Бакман, 416 страници во издание на Антолог. Од истиот автор ги препорачувам и „Човекот по име Уве“ и „Мечкоград“.
На здравје читање!