Вистинско крзно од леопард

Вистинско крзно од леопард

с н е г у л к а

Јана се наведнува над инкубаторот, над своето бебе. Болката ѝ се меша со воодушевување. Толку е малечко, на главата има прекрасно капче со пуфка, а облеката му е минијатурна, како за кукла, и пак му е голема. И покрај незрелоста и прераното доаѓање на свет, убаво е. Кревко. Збрчкано. Истовремено и намуртено како некој стар мудрец, кој самиот не знае колку години има. Беспомошно е со сите тие цевки и монитори околу него, а има израз на лицето како да знае сè, како да ги има собрано во себе сите минати и идни векови на човечката егзистенција, како да е воздигнато над раѓањето и смртта, појавата и исчезнувањето, цветањето и венеењето. Тоа е како цвет што се развил забрзано, без воздржување, сакајќи да се жртвува себеси.
Докторката ја отвора вратичката на инкубаторот. „Слободно погалете го“, ја охрабрува.
Јана нежно помина по неговото лиценце – колку малечко носе, потоа му го погали рачето – колку тенки прстиња, проѕирни…
Тоа нагло ѝ го зграби прстот. Се фатија еден за друг и таа во тој миг знаеше дека никогаш веќе нема да се пуштат.

свет на сенки
лавовска гозба
часовникот застана
девојчето од конго
зад аголот
олуците на свети вит
рут, ерна и насмевка
црна апостолка
танц на кокосовите палми
леопардови дамки

Јана е веќе дома, вратена од породилиштето, сета облечена во црнина, во жалост е, и држи мобилен телефон во раката. Се двоуми дали да ѝ се јави на својата најдобра пријателка Тинка и засекогаш да се ослободи од она што толку многу ѝ тежи и ја измачува. Она што ја труе однатре. Само пред некој миг се разделија во ресторанот со панорамски поглед на Прага. Таа не успеа во очи да ѝ ја каже вистината за идентитетот на таткото на своето дете, за тоа дека не беше на Алек, туку дека низ неговото недозреано телце течеше крвта на Виктор и дека нивната малечка Македа имаше полубрат. Уште не можеше да го каже тоа никому, иако тајната ја раскинуваше. Самата си ја носеше тежината на својата тајна. Тоа беше само една ноќ во Африка, непланирана, но судбинска. Од тоа време нема мир. Совеста ја гризе како немилосрден гладен стаорец.
Момченцето се роди предвреме. Веднаш по породувањето го ставија во инкубатор и го однесоа на одделот за интензивна нега и реанимација. Во ушите на Јана уште одекнуваат монотоните звуци на апаратите што бдеат над несигурните животи во инкубаторите, кои се премислуваат дали да останат или да си заминат, над слабичките гради што одвреме-навреме одеднаш спласнуваат, па апаратот свирнува, а сестрата дотрчува и им помага повторно да се наполнат со воздух, над неправилните срцеви ритми, меѓу кои некои чукаат за живот, а некои за смрт.
Нејзиното недоносено дете умре. Смртта ги надмудри контролните апарати и мониторите поставени околу инкубаторот и душичката на момчето се растопи како снегулка на надворешниот парапет. Линијата на неговиот живот остана недофатлива за докторите. Нагло, неочекувано, необјасниво и неповратно.
Траумата не станува траума сама по себе, туку дури кога ќе се заглави во времето на настанот. Оневозможува повторно да се тргне напред и постојано го држи вниманието врз себе. Темнината околу Јана се концентрира, се таложи, се згуснува, но некогаш во неа мора нешто да заискри, да се потпали со спасоносна мисла, со решение, затоа што нештата што следуваат се раѓаат во најдлабока темнина. Вистинската движечка сила не е свесната волја, туку повеќе несвесниот дел на психата, темниот, неразбирлив и недофатлив, кој треба само да се наслушне кога ќе проблесне во сонот, во несвесните лапсуси или при сопнувањето на прав пат.
Јана не копнее по светилка во темнината што ја обвиткува, туку напротив, во светот на сенките се чувствува дома. Постојано си повторува дека смртта е само илузија на мозокот и дека тоа добро го знаат дивите животни. Таа тоа го сфати кога беше на сафари во Кенија и кога набљудуваше лав и две лавици при нивниот лов. Лавот го растргаше грбот на уловениот бивол, а гладните лавици седеа настрана и чекаа тој да се насити. Едната од нив почна да се влечка кон биволот, но лавот ја оттурна. Се обиде повторно. Лавот се разлути, ја нападна и ѝ го прегриза гркланот. Се врати назад кај пленот и, кога се засити, се мушна покрај мртвата лавица, како да беше само заспана.

Во внатрешноста на Јана се крие маж. Како што ќе старее и ќе ѝ се смалуваат женските хормони, ќе почне сè повеќе да личи на него. Очигледната женскост ќе ѝ се замати, гласот ќе и стане длабок и груб, ќе ѝ се заострат цртите на лицето, дури можеби под носот ќе ѝ никне нешто како мустаќи. Годинава ќе наполни триесет години, се наоѓа на врвот на женската хормонална крива, естрогените ѝ се во пораст. Мора да ја бара машката половина на својата душа надвор од себе, во панданот што ја одразува, онака како што наложуваат законите на природата, животинското во
човекот, кое не е зоолошка градина, туку дива прашума, во која свеста не може да продре. И доколку некој се доближи до границата помеѓу свесното и несвесното, таму ќе наиде на страшен чувар на прагот, кој ќе му забрани да се вознемирува од нешто што би можело да ја поткопа неговата идеализирана слика за себе.
Беше со Алек пет години. Никогаш не ѝ ја побара раката, никогаш ниту зборуваше за брак, ниту спомнуваше, така што ѝ годеше да ја остави вратичката отворена. Колку ќе беше покомплицирано сега, кога Алек веќе дефинитивно си замина! Беше глува за драмските ситуации во соништата, особено за оние што се повторуваа и постојано се вртеа околу едно исто,
иако пред различни кулиси. Често ѝ се причинуваше како се возат во кола со Алек и секогаш завршуваа со несреќа, удирајќи во некоја препрека или излетувајќи покрај патот. Никогаш никаде не стигнуваа, дури Алек на крајот беше и повреден, а таа на сон му ја чистеше крвта. Сега го разбира тоа, нивниот заеднички живот немаше никаква иднина, перспектива, се стремеше да заврши со фијаско. Не ги забележа предупредувањата на сезнаејното несвесно и еве сега се случи тоа што се случи. Го повреди Алек, а таа со набрекнати гради се чувствува непотполна, ограбена, разочарана – ѝ недостига нејзиното детенце.