За „Магнетен Рид“ од Река Ман-Вархеѓи

Прониклив роман за академската заедница

(за „Магнетен Рид“ од Река Ман-Вархеѓи)

 

Романот „Магнетен Рид“ од Река Ман-Вархеѓи е нагласено општествен, на многу места дури и ангажиран роман, па преку приказните на авторката за привилегираните граѓански семејства и политички подобните поединци и за маргинализираните, крајно депресивни групи и затворени општествени заедници, го читаме како еден вид литературно-социографска студија на унгарската современост, која се движи од вибрантноста на урбаните средини до опскурните рабови и малограѓанскиот мрак. 

Истовремено тоа е и семеен роман, бидејќи интересот на авторката, нејзината, иако неформална, експертиза се одвива на три различни приватни контексти – буржоаски од центарот, конзервативно христијански од провинцијата и пролетерски, посткомунистички од периферијата на метрополата, а низ фрагментираните семејни приказни настојува да ги согледа промените во унгарското општество од времето на социјализмот, па сѐ до двеилјадитата година. Тоа го прави фокусирајќи се на периодот меѓу 1999 и 2002, изложувајќи ги нелинеарно, поигрувајќи се со текот на времето и со раскажувачките перспективи. 

„Магнетен Рид“ поврзува три, на прв поглед неспоиви семејства. Нивните најмлади членови се среќаваат на факултетот и така ќе се најдат во љубовен триаголник. Енике Боронд и Тамаш Богдан се наставнички и научен кадар, социолог и антрополог од помладата генерација, додека Река обајцата ја познаваат како талентирана студентка која се обидува да напише роман. Енике и Тамаш ќе завршат во непредвидлива и повредувачка врска, за подоцна Тамаш да се вплетка во љубовна врска со двојно помладата Река, која е всушност повеќе фасцинирана од неговата професорска позиција. Енике, од друга страна, воспоставува менторски однос со девојката, кој се темели на женска солидарност, сродни интереси и чувство на отуѓеност, секако, од сосема различни причини.

Дел од поглавјата се напишани во прво лице и нѐ вовлекуваат во динамичното студентско секојдневие на дваесетгодишната Река, девојка која потекнува од семејство кое живее во злогласната населба Бекашмеѓер. На факултетот ќе успее да влезе во кругот на избраните, за потоа наивно да заклучи дека е успешна, откако како најдобра студентка ќе се впушти во врска со еден од најомилените професори, а на крајот како губитник ќе се врати онаму од каде што избегала – во социјалните станови каде што израснала. 

„Магнетен Рид“ е роман за академската заедница, прониклив и возбудлив роман кој започнува среде една провинциска конференција, а завршува со собир на социолози, но овој пат, меѓународен. Романот успешно ја одржува атмосферата на универзитетското милје, комплициран и затворен свет, а истовремено правлив и живописен, елитистички изолиран со строга хиерархија, каде што се напредува со мазохистичко пробивање низ разни сплетки и заговори. 

Самиот наслов укажува на фактот дека е речиси невозможно да се извлечеме од социјалната категорија доделена со самото раѓање, дури и денес кога ни се наметнуваат лажните идеи дека можеме сѐ, под услов ако доволно се трудиме. Во бетонската населба на Река постои рид кој, според локалното предание, ги спречува жителите да ја напуштат населбата. Во случајот на Река, таквото проклетство буквално ќе се оствари, а Тамаш ќе го дофати на симболички начин, бидејќи и покрај стекнатиот статус, титулите и функциите, не престанува да го измачува чувството на неисполнетост.