Ноември – градот убав кој никогаш повеќе нема да никне

Сигурно милион пати сум рекла дека нема ништо поубаво од ноќите во Скопје. Прекрасни се, волшебни ноќите во Скопје.
Небото се отвора, ѕвездите излегуваат, Месечината свети силно силно.
Те гушка небесниот свод.
Ноември е. Месецот наречен осаменост. Најубавиот месец во годината. Студи, и тоа ги тера сите да седат внатре. Студи, и тоа го преполовува движењето во градов. Навечер го дели и тој дел на пола, и најпосле во глувото доба на ноќта надвор не останува никој жив.
Ноември. 

Сама чекорев во ноќта. Повторно индиго магична, преполна, прекрасна, студена, отворена, нестварна ноќ во Скопје. 

Си го слушав чекорот по калдрмата на Камени мост. Се враќав од забранетиот дел од градот. Касно е за враќање од забранетиот дел од градот. Но, понекогаш навиките ме тераат да им се навраќам. Ме влече како магнет забранетиот дел од градот. Па се качувам до Музејот на современа уметност, поминувам низ Кале, и пешки преку чаршијата до другата страна на реката. Таму каде ме среќаваат светла. Во утробата на градот. После ваква прошетка добивам наплив на емоции и пишувам поезија.
Горе качена над градот веќе почнувам да рецитирам тешка луцидна поезија.
Се отцепувам од сè друго и добивам заштитна мембрана. Ме штити ноќта од сите несакани појави. Ми носи сеќавања, ми буди скриени пориви, желби, луѓе, времиња, настани… Душата ми трепери од распон на емоции… Излегувам од себе…
Кога почнува да ме тресе студен бран однадвор, тргнувам назад кон светлата. Низ чаршијата. Лебдам покрај куќите. Не се движам, лебдам. Не ми е страв.
Ништо лошо не може да ми се случи зашто нема ронче реалност присутно во мене.
Ла луна здивајн.
Стигнувам точно до средината на мостот и чекорот ми запира. Запира времето како категорија… Веднаш зад портите на забранетиот град… Премин… Заборав…

Во забранетиот град излегувавме многу долг период. Секогаш или на одење или на враќање го поминувавме мостот. Една ретко специјална вечер се враќавме од забранетиот град токму во магична ноќ во ноември.
Атос носеше црн краток капут со црвена постава. Отворен.
Арамис си ја носеше убавата златеста коса.
Мрмутовска оригиналниот чекор по калдрмата.
Јас плишаната капа со точак брош опнат на нејзе.
Немаше никој жив. Само ние, ѕвездите, Месечината, мостот и реката под нас.
На никој не му беше ладно.
Застанавме на пола мост. In the middle of things. In medias res. Nowhere. Here.
На највисокиот дел од мостот. Оној кој ги дели двете паралели во градот – двете паралели во животот. Арамис застана на оградата на мостот. Сите тргнавме по него. Тогаш за првпат го видовме тоа што ретко кој го гледа – приказот на нештата кога не си ни ваму ни таму, кога си на некаков премин, in medias res, таму каде се пресекуваат сите теченија.
Ја слушав Мрмутовска како влече од цигарата. Ја слушав косата на Арамис како испушта звук додека ја трга да не му паѓа по лице. Зад мене го слушнав движењето на капутот на Атос и мелодијата која сега веќе ја свиркаше на глас. Сè друго престана да постои.
O give me the words
Give me the words
But tell me nothing
O give me the words
Give me the words
And tell me everything 

Во средината на бивствувњето сите пеевме иста песна на глас.
И од горе во таа магична отворена индиго ноќ над Скопје и Месечината пееше со нас. Tuxedomoon. 

Во аголот на моето десно око ми се преслика целиот забранет град. Мирисот на древните преданија. Историјата на нашето постоење. Стариот дел од Скопје. Сите мигови кои сме ги поминале таму. Сите духови од минатото.
Само еден чекор во лево значи пренесување во поинаква реалност. Никој сè уште не може да го направи тој чекор во лево.
Четири силуети стојат една покрај друга и потпевнуваат една иста мелодија цело време во моментот кога времето престанува…

Арамис конечно ме фати за рака и го направив првиот чекор во лево. Ме носеше надоле кон светлата на оваа наша метропола. Атос ја прегрна Мрмутовска, се издиша и почна да пее друга песна.
Се растеретивме сите. Од другата страна на реката нè чека друг град. Друга реалност.
Секаде е исто. Секаде сум јас, до мене ти, до тебе тој, до него таа.
Откако ќе го поминеш преминот помеѓу двата света, секаде станува исто. Секој град е во суштина ист.
London to Paris, Amsterdam to Berlin
Walking the same streets, thinking the same thoughts
Walk down Wardour
To Saint-Germain hahaha
One big lonely city
I don’t care
One big Eurocity
But I don’t care

You see my heart remains the same the same
Inside my heart remains the same
Mon Coeur reste toujours le meme 

На средината на мостот ми се врати сеќавањето назад. И музиката на Tuxedomoon. Од десна страна повторно ми се преслика забранетиот град. Се насмеав задоволно. Во било кој град да сум во светот кога ќе ги затворам очите повторно ќе можам да си го видам забранетиот град во аголот на десното око. И напливот емоции кои ги предизвикува.
И сеќавањата…
За тоа како сепак еден убав зимски ден во Скопје дојде Блеин Раинингер во МНТ, Опера и Балет. За тоа како Атос посака да чекори низ New York. За тоа како Арамис веќе чекореше низ Амстердам. За тоа како Мрмутовска избега во комплетно нов свет. За тоа како чекорам низ влажните улици на најубавиот град во Европа, носам црно полудолго здолниште во ноември, под неа високи чизми, црна ролка, црна јакна и црна плишана капа со точак-брош на неа. 

Забегувам и друга рака ме влече кон лево. Се смеам. Го сакам.
Сум го сонувала дека ќе ми дојде. In medias res.
Where the trams
Connect