Кон „Часовничарот“ од Михаела Гашпар

Си беше еднаш еден човек…

Си беше еднаш еден човек кој поправаше часовници, кој стана часовничар затоа што мајка му сметаше дека така ќе стане господин човек, и ќе има полесен живот од обичните селани.

Си беше еднаш едно дете кое немаше татко. Едно дете кое беше љубоморно на другите деца кои имаа татко. Дете кое во еден момент реши и неговиот најдобар другар да остане без татко, да бидат исти.

Си беше еднаш еден човек, кој навикнат на градскиот живот, се срамеше од сопствената мајка од село.

Си беше еднаш еден човек кој додека дома ја штедеа секоја пара, скришум јадеше колбаси во кафеана.

Си беше еднаш еден човек, кој посакуваше болната сопруга од рак, конечно да умре.

Ова е приказна за човековата мрачна природа, за лицето зад маската. Приказна за себичноста, за чувството на помала вредност, за желбата да се биде нешто повеќе, па ако треба и да се гази преку трупови.  Авторката успеала да допре до најмрачното дно на човековата душа, она нешто кое сите го закопуваме најдлабоко што можеме, оној лик кој се плашиме да го погледнеме в очи. Часовничарот не е лик кој ќе го засакате. Тој ќе ви создаде одбивност, ќе го мразите, а на моменти ќе ви доаѓа да го задавите. На моменти можеби ќе го сожалувате, за во следниот миг да сфатите дека не заслужува сожалување. 

Не знам зошто, но некако се потсетив на „Странецот“ на Алберт Ками. Тоа чувство на самобендисаност, на сакање единствено на самиот себе, преовладува и во „Часовничарот“. Не можев, а да не ги споредам двата лика. Часовничарот е странецот кој никој вистински не го познава, кој глуми пријателство кога е љубоморен, кој ги тера работите како само нему му одговара. 

„Часовничарот“ е уште една вешто раскажана приказна за мрачната природа на човековата душа. Авторката, Михаела Гашпар, беше гостинка на овогодинешниот BookStar2021 каде имавме прилика да ја запознаеме во живо, да чуеме повеќе за нејзината книжевна кариера и за самиот роман.