За четирите македонски книжевни моќници

 ЗА ЧЕТИРИТЕ МАКЕДОНСКИ КНИЖЕВНИ МОЌНИЦИ

На еден век од раѓањето на четворицата македонски книжевни великани – Славко Јаневски (1920), Блаже Конески (1921), Коле Чашуле (1921) и Ацо Шопов (1923), препрочитувајќи и согледувајќи ги нивните впечатливи книжевни опуси, сигурен сум дека уште посилно ќе ја засакаме македонската литература. Ретко, и во многу поголеми литератури, се случува вакви четири книжевни мајстори, речиси врсници, да се родени во еден толку збиен хронолошки миг од три години! Уште повеќе, зашто секој за себе, создава јасно индивидуализиран креативен свет, што во македонскиот, но и во поширокиот книжевен контекст, достига висок вредносен дострел. Во една свежа, напната и добро хранета книжевност, делата на овие четворица книжевни фигури од моќен книжевен калибар бараат подлабок увид, препрочитувања и превреднувања од страна на помладите толкувачи. 

Во еден мој (чисто) субјективен прием на македонската поезија, поетските опуси на Конески, Јаневски и Шопов се меѓу првите десет, а Шопов е сѐуште мој ненадминат поетски првенец. „Црнила“ на Чашуле е и ден денес силно и актуелно драматуршко дело, а и другите (бројни) театарски пиеси, како на пример, „Вејка на ветрот“ или „Партитура за еден Мирон“, сведочат за неговата ангажирана, проучувачка писателска дејност. 

Ќе се обидам, во овој оглед, да ги согледам четворицата автори во рамките на едно мое подолго истражување за фигурите на Трибунот, Кловнот и Хронистерикот и нивната улога и функција во книжевниот и социјален живот. Се подразбира дека важен дел во ваквата класификација носи и односот на Трибунот, Кловнот и Хронистерикот кон власта, и обратно. Еве како ги определувам нивните особености: 

 

Трибун – встоличено дејствие врз современата култура и јавноста, суштински увиди во јазикот и книжевната традиција, баран советник и заштитник на националниот идентитет; во однос кон власта користи политичко 

влијание, но гради слика на човек над партијски интереси.    

Хронисторик – јак полемиччки нагон, бриток, некогаш вулгарен речник во милитаристички занес, роден колумнист, најчесто партијски определен, честа жртва при промена на власта. 

Кловн – жанровски растрчан и иновативен, со најшироки варијанти на типот – од највесел до најмрачен – научен да се мимикрира, иако може да биде мета на озборувања. Во зависност од својот талент, или претходник, пионер на нови книжевни постапки, пред времето, или театрален маргиналец.

       

Имав среќа да се сретнам во живо со тројца од овие четворица значајни македонски автори. Единствено не се запознав со Шопов, но благодарение на пријателството со ќерка му Јасмина, се соочив со неговата работна соба, маса и библиотека. 

Интересно е дека со Јаневски и Конески се запознав патувајќи. Буквално. Со Конески во автомобил, на пат кон Куманово, каде се одржа промоција на стихозбирката „Црква“ (имав чест да бидам еден од промоторите), потоа вечера и враќање назад, со истиот автомобил, кон Скопје. На задните седишта на автомобилот бев стуткан меѓу две згодни младинки, организаторки на настанот. Конески седеше до шоферот, кој беше сиот возбуден што вози таква личност и зборуваше гласно, како и младинките, кои освен тоа и гласно се кикотеа на тивките шеги  на поетот. Со Јаневски пак, се запознав во ноќниот воз Белград-Скопје (за таа средба пишував во антиупаството бр. 221).  Иако имавме резервирани места во вагонот за спиење, поминавме долгочасовен, ноќен муабет во ходникот на возот. Темпото на неговиот говор беше релативно бавно, но зборуваше долго, го паметам неговиот устен есеј за Маркесовото Макондо (подоцнешна поврзаност со Кукулино?). 

Конески и Јаневски често се спомнуваат заедно, со право, како главни придвижници на современата македонска литература, иако како автори тие имаат речиси наполно различни книжевни стратегии. 

Кај Јаневски поезијата и прозата се како поплава, незапирлива, пребујна, преполна со надоаѓачки зборови, што се тркалаат носени од буицата. Во Кукулинскиот циклус таа напрегната  јазична сила, напоена со чудесни митски реликти, станува уште поволтажна. Што е делумно, мислам, показ и на неговата  човечка природа. Јаневски и во својата сликарска, градинарска и ловечка страст, во интересот кон стрипот, како да го позајмуваше вишокот енергија од писателството. 

Конески, спротивно, е строг, прецизен и одмерен творец. Се чини дека внимателно, со смислен план, ги подготвувал градбите на своите песни.   Неговата љубов кон шахот, неговата интровертна замисленост, се чувствува и во неговото поетско создавање што наликува на промислeнa, стабилна, детално вообличена градба. Во неговата поетска работилница, секое парче алат ја знае својата намена, и чека да се функционализира, да се вклучи во градењето на поетската стварност. 

Определбата која е фигурата што секој од четворицата значајни македонски автори ја изградија кон јавноста и власта, и овие кон нив, ја поткрепувам, пред сѐ, со нивните творечки специфики, а ја дополнувам со рецепцијата на нивните дела и личности за време на нивните животи, како и по нивната смрт. 

     Се чини најочевиден трибунскиот ореол што Конески го заслужи уште во младоста и којшто со годините и децениите го засилуваше со своето книжевно и научно влијание. Тивок Трибун, тој создаде чети од свои следбеници и почитувачи, кои наизуст ги говорат стиховите на „Везилка“, „Тешкото“, „Стерна“… Моќта на неговата реч постхумно се зголемува и е темелна потпора на македонскиот културен и национален идентитет. 

За разлика од Конески кој сосем се вклопува во трибунската позиција, Јаневски е мешан тип. Се знае дека поседувал прилична политичка моќ и дека умеел да манипулира со власта, но по сѐ изгледа не целел кон трибунското место (што и така било неприкосновено заземено од Конески), па не може да се означи дури ни како „несуден трибун“ (како Гане Тодоровски, на пример), а од друга страна, и покрај повремената жестокост и користење на политичката привилегираност во меѓуписателските  односи, Јаневски не ја прифаќал хронистеричката улога, да биде во служба на други приоритети, освен на сопствените.  Неговите книжевни амбиции, во бројните книги поезија, романи, раскази, сценарија, детска литература се силно и постојано насочени кон истражување на книжевната форма. Иако читателот го препознава неговиот стил, тој од книга до книга бара различни стилски решенија, при тоа преплетувајќи ги реалното и ониричкото, митското и имагинарното. 

 

ЗА ЧЕТИРИТЕ МАКЕДОНСКИ КНИЖЕВНИ МОЌНИЦИ, 3 

 

Оттаму, не би се двоумел  во творечките и човечки стратегии на Јаневски да ја препознаам  неедноставната, понекогаш застрашувачка кловновска сушност. 

Тука, се чини потребно, уште еднаш да ги појаснам (иако тоа порано веќе го формулирав) особеностите на оваа категорија писатели, зошто инаку ознаката „Кловн“ може (сосем) погрешно да се сфати. Да повторам: жанровски склон кон хибридизација и експериментирање, писателот – кловн е подготвен да си игра, да не го запира движењето на текстот, при тоа користејќи широка гама на поетички средства и „трикови“, неговото писмо може да изненади со  ненадејности и пресврти.   

Чашуле, пак, со кого, преку Независните, се среќавав почесто, поседуваше разговорна, немирна, борбена природа. И покрај доцната возраст, покренуваше и влегуваше во дискусии жестоко бранејќи ги своите ставови. Бев импресиониран од неговата виталност, физичка, но уште повеќе ментална, со бистра и остра перцепција на своите современици и епоха. Неговите кажувања, како и неговите драми и проза, ги исполнуваа фабули и ликови, нагласено карактерно и емотивно дегустирани. Додека кај Јаневски минатото се напојува со магичното, кај Чашуле тоа се осегашнува. Авторите со нагласена хронистеричка особеност, без оглед на својата поетичка разноликост (Мајаковски, Киш, Орвел…) ги актуелизираат своите сижеа, и кога станува збор за историја и кога ја обликуваат во поема, расказ или басна. И најчесто на некој начин го  „наговараат“ читателот да им се придружи на нивниот став.  Чашуле спаѓа во таа група ангажирани писатели, кои го чувствуваат времето, минато или сегашно, како поттик за дејствување, како предизвик на вештината уметнички да се обликува етичката порака.       

Останува Шопов. За неговата поезија напишав еден од своите најдолги есеи со наслов „Номадот Ацо Шопов“, фасциниран од неговата поетска моќ на трансформација, што од стихозбирката „Слеј се со тишината“ до последната „Дрво на ридот“, е во постојаната геопоетичка потрага по созвучјата меѓу надворешниот и внатрешен пејзаж  На ова патешествие, секоја книга на Шопов 

освојува поетска територија поинаква од претходната, а сепак не би било можно да ги разлабавиме нивните врски, или уште полошо, да ги разделиме, зашто патникот – стихотворец е еден во својата менливост.  

Би ја искористил ознаката Поет Номад како еден од специфичните подтипови на Кловнот. Оној што памети, ама не се закотвува во сеќавањето. Тој гледа како неговиот живот тече, но низ својата проточна мудрост ја прочистува сликовитоста на надворешниот свет. Во тој поетски подход, раснењето на творечката сила е очигледно: од најраните, пишувани заедно со Јаневски, „партизански“ збирки (иако меѓу нив е незаборавната песна „Очи„) до сублимираната „Стихови на маката и радоста“ се минати само две години.  Во своето творештво, поетот имал и духовит интервал, во сатирично-игривата збирка „Јус – универзум“, што покажува дека кловнот-номад може, во согласност со инспирацијата, да биде оштар и сатиричен.  

Чест е, среќа и поттик за една национална литература, да слави стогодишнина од раѓањето на четири автори од рангот на Јаневски, Конески, Чашуле и Шопов. Нивните дела, проникнати со спознанието на светот, на татковината, но и со самоспознанието, ослободени од провинцијализмот, везени 

на македонски јазик, а со универзален карактер, се вградени меѓу најзначајните во современата македонска книжевност.