Поезија од Виктор Дамчевски

За времето и некои луѓе во него

И брегот ги потроши сите бранови
и нè остави да се миеме во закрпени
сонови и изброени желби.
Така станавме луѓе на ноќта и заборавивме на мирот.
А утрата ветуваа мигови на мирни океани и сонца без залез.
Ти реков – купи време, денот е скап, а ти упорно носеше ноќи на вересија.
Така станавме должници на животот и тој изгуби верба во нас.
Ние, одамна не верувавме во него.
Ајде, зборувај ми пак за времето – ми рече.
Го изгубивме – ти реков.
Го изгубивме некаде меѓу утринската зора и студот во туѓите постели.
Некаде меѓу твоите љубовници и моите соништа.
Така станавме трагачи по изгубеното, осуденото, осудено од нас самите.
И разделбата немаше разделба.
И немаше време ни ден.
Лебдеше во ќелиите на вселената и раскажуваше измислени приказни за некои неизживеани времиња.
Време е – ти реков.
Тогаш знаевме дека веќе немаме ништо заедничко.
Така се збогувавме со цело недоречено збогум.
И тогаш светот стана прибежиште за сите напуштени, а смртта блиска за храбрите.
Има времиња кои ги паметиме.
Има времиња кои ги живееме.
Или паметиш или живееш,
ама додека паметиш, жив не си.

 

Заспиваме

Ги бакнувам сите зариени погледи на твоето тело
заробени од свилата која ги покрива само твоите гениталии.
Така засрамен, водам љубов со помислата да водам љубов со тебе доцна во една јулска ноќ,
на покривот на мојата зграда,
додека градскиот метеж стивнува,
а месечината го достигнала својот врв.
Лето е.
Мириса на липа, на тебе и на болката која ќе дојде кога ти ќе си заминеш.
Водам љубов до бесвест и ја замислувам твојата коса на моите гради па на стомакот па…
И не престанувам храбро да се борам со помислата пред да ми исчезне во реалноста
и сè да стане само уште една фантазија.
Не престанувам да ги бакнувам недопрените делови на твоето тело
и сите места на кои се воделе битки помеѓу твоите љубовници и нивните гревови.
Телото истовремено ти е меко како недопрена полјана со синоличнки
и како опустошено село после војна.
Уживам во секоја помисла за тебе
и давам заклетва дека вечно ќе те чувам.
Устава ми станува сува после секоја воздишка и желба некогаш ова да биде вечност.
Уличните светилки се веќе изгаснати
и градот е во својот најдлабок мир додека јас се борам за својот.
Ти лежиш на перницата до мене,
а јас ја имам целата вселена во рацете и не размислувам за ништо друго.
Вечерва имам сè.
Заспиваме.
Јас без сон.
Ти без срце.

 

Мојот септември

Мириса на есен
И по некоја болка
Една разделба
Сè уште нема жолти лисја
Те нема и тебе
Во есента нема…
Немој
Има утра и ноќи
Нема денови
Се прегрнуваме со болката
и топло ни е од чајот
Се смееме без насмевка оти боли помалку
Боли повеќе
Замижуваме
Лажеме
Есента е една голема лага
Љубовта е една голема лага
Боли од коренот и нè суши до главата
Не оди…
Оваа есен премолчувам.
Есента е непребол
Болиш до непребол
Мртов е и брегот
и срцево
и прстите
и спомените
и клупата на која се разделивме
и летото
и утрата се мртви.
Умира сè
Умира и есента
Умира со сето мртво во неа!

 

Раѓање на тагата

Останавме оттуѓени во толпата луѓе и таги.
Универзуми со неиспишани писма и заборавени зборови.
Ме љубиш ли ти?
Се сеќаваш ли понекогаш на мене?
Летото ги проголта сите прашални зборови и нè остави да заоѓаме во различни светови.
Не лути му се на животот оти и луѓето имаат свој залез.
На левата рака носиме два различни датуми и не знаеме на кој од нив се родивме, а на кој си подаривме смрт.
А уште живееме!
Како последниот ден во месецот,
никогаш првиот!
Заборавени од детските насмевки и прекорот на старите погледи.
Таму некаде меѓу лузните под очните капаци и болките два прсти под градите.
Заборавени од уличните светилки и автомобилските радија во понеделник.
Меѓу крошните на непребол и небото на заборав.
Ама не гледаме далеку.
Си ја љубиме тагата ближна,
не знаејќи дека кога тага со тага се љуби, уште една тага се раѓа!

 

Сведоштво на зората

Јас и ти ќе се сретнеме во други светови.
Tи ќе носиш очи на вселена,
а јас без никакви ќе те дочекам на последниот ден од јануари.
– Дојде?
– Веќе не одам!
Тогаш и океаните ќе се повлечат со својата осека.
И ќе знам оти во левиот џеб треба да ми собира две дланки!
И летото ќе му се предаде на сите вечери кои му ги должевме.
И веќе нема да има краеви.
Нема да ми е криво што не те гледам оти во мислата те носам за два животи однапред.
Конечно ќе одгатнеме каде им е југот на птиците и нема да ни е ладно во зима.
На плеќите ќе ми се закотви слободата,
а товарот на срцево ќе бара азил за други места.
Молкот ми се превртува во сонот ама и таму ќе те љубам.
Често ќе се ежам после твоите допири и ќе знам дека требаше да се случи.
Да се случи еднаш за да живее.
Сите јадеме по некоја лага кога срцето ни е гладно.
Мракот нема да ти поддава рака, а со зората ќе престанеме да војуваме.
Зората…
Зората е сведок на многу разделби.
Да ја преспиеме.
Овој пат
Заедно!