Кон „Модар накит“ од Катарина Винклер

Ова е приказната што ми предизвика бес, лутина и голем револт, што и во дваесет и првиот век некои мажиња не успеале доволно да еволуираат во паметот и да пораснат. 

Филиз е малолетна девојка, која повеќе од љубопитност, детска фантазија и наивност, се занесува во еден локален мангуп и тајно бега да живее со него и да му биде жена. Во истиот момент кога го прави тоа, таа престанува да постои за своето семејство. И покрај верувањата за совршена брачна бајка, животот и се претвора во кошмар. Филиз станува жртва на семејно насилство, полека го губи сопствениот интегритет, ја губи својата самопочит, чувството за продуктивност и допушта Јунус да го управува нејзиниот живот и да се храни од нејзиниот страв.

Најпрво, да ви кажам дека не станува збор за изолиран случај, ниту пак за алкохоличар или психопат, туку сосема спротивното – за наследно и изопачено однесување и следење на традицијата, за докажување на моќ и контрола како што е редот, како што е обичајот во нивниот народ уште од памтивек.

Се работи за Курдите во Анадолија, Турција, и навистина не можам да разберам зошто се гетоизираат и не сакаат да се интегрираат во општеството?! Сигурна сум дека постојат институции кои можат да им помогнат.

Дури и кога мислат дека спасот ќе го најдат со мигрирање во европските земји, целата традиција си ја носат со себе. Од една страна, слатки им се западните пари и удобности, а од друга страна, ги сметаат за одвратни и развратни луѓето кои живеат во нив.

Знаете што мислам? Филиз не е жртва само на Јунус, туку првенствено е жртва на нејзините родители, на гетото во кое живеела, на сите тие заостанати и одвратни средновековни навики, без кои, ми се чини, како да не сакаат да живеат.

Чест!

Покор!

Безгласност!

Обесчестеност!

Развод!

Срам!

Какви се овие глупости, ве молам???

Размислував и дали воопшто може меѓународната заедница да им помогне, дали ќе прифатат?! Што треба да се направи за овие кутри и несреќни жени? Можеби поагресивна кампања за подигнување на свеста, не само кај жените, туку и кај мажите. Ова не смее да се прикрива, затоа што работите нема да станат подобри!!!

Зошто сметам дека треба да ја прочитате оваа книга? Затоа што секој од нас по малку носи одговорност. Жените треба да си ја препознаат својата сила и важност на овој свет, и верувајте – нема да има подобар, поправеден и послободен свет сѐ додека има ропство!!!

Љубовта и насилството, едноставно, не одат заедно.