ДЕВЕТ ВРВНИ ЕВРОПСКИ ПИСАТЕЛИ – ГОСТИ НА BOOKSTAR 2021 ПОД СЛОГАНОТ „GENRESIS“

Од 12 до 15 октомври „Антолог“ најавува

ДЕВЕТ ВРВНИ ЕВРОПСКИ ПИСАТЕЛИ – ГОСТИ НА BOOKSTAR 2021 ПОД СЛОГАНОТ „GENRESIS“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со огромно задоволство го најавува седмото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од 12 до 15 октомври 2021 година.
Под слоганот „GENRESIS“, Фестивалот оваа година ги поставува прашањата: Дали COVID-19 е најопипливата апокалиптична форма на цивилизацијата досега? Вител во кој ќе исчезнуваме, дел по дел? Или сме исправени пред поглавје на повторно раѓање на човештвото? Втор GENESIS? И како литературата ќе си го најде своето место во овие застрашувачки моменти? Ќе треба да најде автохтон дискурс, или судбината ѝ е веќе испишана? Нови GENRES?
Европската литература како никогаш досега посегнува по своите деконструирани и раскршени крилја. Затоа, ќе мора да креира, реплицира, колекционира, конгруира. Тука, меѓу дискрепанцата на спротивставените жанрови во настанување или не-станување, се подига нов збор – GENRESIS. Зборот беше почеток, може ли сега да биде – крај?

Различностите надвладуваат, па оваа година пред македонската публика со лично присуство во Скопје ќе бидат претставени дури девет автори:
Катарина Винклер (Австрија)
Со романот „Модар накит“ го сврте вниманието на книжевната јавност, а учествувала и во театарски и филмски продукции.
Влада Урошевиќ (Македонија)
Еден е од најпродуктивните и најквалитетни македонски писатели.
Огнен Спахиќ (Црна Гора)
Наградуван автор, чии книги се преведени на десетина јазици.
Сјон (Исланд)
Исландски романсиер и поет, кој е вистинска книжевна ѕвезда во европската литература.
Миодраг Мајиќ (Србија)
Познатиот двигател на промените во српското правосудство доаѓа во Скопје како автор на два врвни и омилени романи.
Балсор Хоџа (Косово)
Автор на неколку книги и познат и влијателен публицист.
Марина Вујчиќ (Хрватска)
Подеднакво активна и во театарот и во книжевноста, моментално ја извршува функцијата директорка на драмата во Хрватскиот народен театар во Сплит.
Софија Лундберј (Шведска)
Име што уште со романот „Црвениот адресар“ стана меѓународна сензација.
Михаела Гашпар (Хрватска)
Нејзино примарно занимање била скулптурата, но подоцна се предава успешно само на литературата.
Во фокусот на фестивалот, како и секоја година, ќе бидат промоциите на нивните дела. Покрај овие настани од главната програма, организаторите најавуваат и тркалезна маса на тема „Превод/комуникација,/разбирање“, настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на Станислав Лем, книжевна дискусија на тема „Книжевни жанрови: систем или креативен хаос“, работилница за креативно пишување од страна на Сјон, книжевно читање „Ти реков, ми рече“, познатиот книжевен поткаст „Гол ручек“ во живо, Саем на европската литература и многу други содржини.
Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Стефан Танков, а настанот е организиран во соработка со Младинскиот културен центар, каде што ќе се одржат фестивалските настани.

Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен, но задолжителен е вакцинален сертификат. За време на Фестивалот, ќе бидат почитувани сите протоколи и заштитни мерки за превенција од ширење на КОВИД-19.
Фестивалот е поддржан од Делегацијата на Европска Унија во Република Северна Македонија, Министерство за култура, мрежата „Традуки“, Градот Скопје, Амбасадата на Австрија, Амбасадата на Кралството Шведска, Амбасадата на Полска, Исландскиот книжевен центар, Младинскиот културен центар, Друштвото на писатели на Македонија и Глобал такси.
Сите фестивалски активности и целосната програма се достапни на официјалниот настан на „Фејсбук“.

 

Следете нè на:

Facebook: АНТОЛОГ – Книжевен центар

Instagram: @antolog_mk; @bookstar_festival

Twitter: @Antolog_Books; @bookstar2017

Youtube: https://www.youtube.com/channel/UCPMeZZYy8_NAAGJ4bUR3OeA