Тркалезни форми

Песната „Тркалезни форми“ сфатена како портрет на идеалната, универзална жена

Ако погледнеме со аналитичност на сè што нè опкружува ќе осознаеме дека нештата имаат свои допирни точки и дека тие може да се сведат на една единствена форма. И формата ќе биде едноставна, сливница на сенешто, а сепак и ќе биде извор. Формата што би ја избрале може да биде секоја геометриска фигура, квадрат, круг, триаголник, цилиндар… (во зависнот од визијата). Впрочем, такви синтетизирања прават многу личности низ историјата. Доста познато е делото „Витрувијанскиот човек“ на Да Винчи каде што тој го става човековото тело во рамката на кругот и квадратот. Петре М. Андреевски, пак, во песната „Тркалезни форми“ го прави истото слевање на универзумот во една единствена форма, а тоа е тркалото, тркалезниот облик. И не е таа форма каква било, туку нагласено тркалезна. Зошто? Затоа што тркалото е вечно кружно движење, а жената е токму едно такво тркало – тркало за погон на цивилизацијата. 
Пред да се оди при натамошно исчитување и раслојување на песната важно е да се напомене дека секоја строфа од неа е една засебна слика која учествува во создавањето мозаик за целосната претстава на Андреевски за идеалната жена. Секоја строфа е посебен аспект од личноста на жената, од тоа што претставува жената за битисувањето на еден народ, на цивилизацијата, па дури и на универзумот.
Песната се отвора со очите, како што всушност и сè се отвора кога ќе ги отвориме очите,  оние тркалезни очи што се огледало на душата. Тие очи имаат моќ да му бидат императивот на поетот. Од очите погледот се префрла на устата. Преминот од очи на уста е многу логичен затоа што она што очите го гледаат и го пренесуваат како порака до мозокот, тој во форма на говор го обелоденува преку устата. Цртајќи ја по надолна линија ставата на жената „сликарот“ се задржува на рамената и на вратот и вели дека тие се скеле за поглед врз целата татковина. Зад овие убаво осмислени стихови е задскриена една претстава за жената од не толку далечните времиња на теренот на нашата татковина, која носи товар на грбот, а притоа на вратот и се обгрнало и детенце. Од оваа сцена, што побудува сожалување и малку тага поетот нè изведува бргу бргу кажувајќи ни стихови во кои еротизмот провејува како ветер. Дојките ги споредува со подвижни камбанарии што асоцира на цврстиот став на жената додека се движи и на нивното движење при одот. Следува претставувањето на жената како извор на храната, на животниот еликсир. Од градите и нивниот центар се спушта на нејзините слабини. Со тоа постигнува двоен погодок: физички праволиниски го скицира трупот на жената, но и ја развива претставата на жената како мајка. Вели „слабини,тркалезно што се шират, рамномерно што се враќаат“ алудирајќи на раснењето на мајчиниот стомак што пополека станува како рид при бременоста и враќањето во првобитната состојба по породувањето. „…рамномерно враќање“ може да упатува и на моќта за повторно зачнување, повторувајќи се до бескрај. Чинот на породувањето го доразвива и со физичкиот белег, папокот, кој пак означува и една бесконечност. На можноста за повторно зачнување и се навраќа во деветтата строфа каде што на колковите на жената гледа како на пат до нејзината утроба. 
Во неколкуте понатамошни строфи на сцена настапува жената заводничка. Таа на поетот му се обраќа со своите коленици така што ги насочува во негов правец, а со петиците го отпочнува придвижувањето. Тоа е нејзиниот говор. Наместо да му говори со артикулационите органи, таа му говори со своите дејства, а таквиот говор е многу помоќен. Тука провејува и еден еротичен тон. Имено, таа му говори со најдолниот дел од нејзиното тело за да ги остави усните и другите говорни апарати за нешто многу поважно од бесмисленото зборување. Еротичниот тон во следната строфа преминува во емотивен и сентиментален и ја отсликува жената како мошне нежно, мило и кревко суштество, суштество кое умее да љуби и да милува. 
Низ тркалезноста на дванаесеттата строфа ја согледуваме замислата на поетот за домот кој жената треба да го создаде. Тој треба да биде повеќе традиционален, одошто современ, да наликува на неговиот дом во мајчиното крило. Тоа го покажува со формата на масата, на лебот и на садовите, коишто се фолклорен белег на нашата татковина. Од домот се префрла на храната која треба да ја има во домот. Тоа се типични плодови од македонското поднебје. Тука ја вткајува и нишката на начинот на кој жената ги облагородува тие божји дарови. 
Некаде кон крајот на оваа химна, но не и последна е „жената-самовила“. Тука е претставен најинтимниот чин што го врши жената, а тоа е капењето. Стиховиве навистина побудуваат слика на некаков самовилски, ангелски аспект на жената. Откако ќе се искапе и ќе се исчисти, така миризлива и нежна, таа божица засадува семе (машко семе) во својата нива т.е. утроба, а тоа семе (фетусот) расте тркалезно во нејзината утроба. Тука се гледа најблагородната страна во ликот на жената. Авторот со право ја става на прво место неа при чинот што е резултат на љубовта, затоа што од нејзината волја зависи дали тој ќе се оствари или ќе остане пуст машки копнеж.
На крај, поетот избезумен, воодушевен, занемен… од моќта на тоа суштество нарекувано жена ја издигнува на ниво на божество, но не кое било божество, туку токму сонцето. А тој себе си се определува како сончоглед, што значи дека секогаш ќе ѝ се потчинува, ќе ѝ биде поданик и секогаш ќе ја следи. Во завршниот дистих тој ја нагласува пустотата и бесмисленоста без нејзиното тркалезно присуство (а и без нејзината волја).
По мое мислење, преку оваа песна Андреевски покажа кој е идеалниот модел на жена – спој од моделот на современата и моделот на традиционалната жена каде што вториот модел има малку поголем удел.