Размисли за текст што ќе биде среќен / Вистина / Ако тргнам пеш, ќе пристигнам ко крал / Отсекогаш сум сакала да имам кратка коса

Размисли за текст што ќе биде среќен

Збор и збор градат мост, еден мост до среќно дете
Избор не е да бидеш прост, избор е да бидеш кретен
Изгор-боли зборот скршен, што некогаш бил ветен

Истокот ќе грее бршлен, дур некој дворот го мете
Овој дом не е скршен, ако не се караме лете
Маж ти јајце спржи, готвач сака да е од дете
Немој говор да му држиш, гледаш дека правиш бетер
Сонце околу него кружи и во се’ го бива ептен
Со неуспеси не се дружи, сопственото друштво го прави несреќен.

Вистина

На метар од мене гори страст која ја игнорирам
Ме пече, ме гори, ќе ме стори пепел.
На метар од мене горам јас и се препарирам.
Костимов ми е тесен или трупот дебел?
Сум видела други како горат
Доброволно влегуваат во оган
Од пепел се издигаат,
велат: викај ме Атис.
А не знам дали и јас ко нив
ќе сум феникс.

Ако тргнам пеш, ќе пристигнам ко крал

Во сок од трнлив дрен, ко во своја крв ќе погледнам.
Ќе распрашам чиј пехар држам во раце
и чија судбина ја имам јас наследено

Каде ќе се отсвири последната нота од овој оркестар на коски?
Чии атоми ќе допрат до тебе кога ќе го почувствуваш мојот дух?

Далеку ми е одразот во огледалото,
далеку ми е вашето браво.
Колку повеќе им се приближувам.
толку поблиску ми е крајот.

Отсекогаш сум сакала да имам кратка коса

Отсекогаш сум сакала да имам кратка коса.
Уште како мала додека боса, го бранев голот на мојот тим,
во кој бев единственото девојче,
мечтаев и јас ко другарите да имам кратка коса.
За мене тоа значеше слобода.
Не ги болеа корените од прецврсто врзано репче.
Не си ја вкусуваа сопствената коса додека трчаа во одбрана.
Не поминуваа 15 минути секое утро пред огледало само за да се исчешлаат.
Некои не се ни чешлаа.
Добро, ни јас не се чешлав, ме чешлаше баба ми.
И додека го правеше тоа, никогаш не испушти прилика да ми потенцира колку убава,
густа,
долга
и права коса имам.
Да имаше натпревар за која ја има
Најгустата,
Најцрната,
права долга коса,
баба ми ќе се истепаше да ме пријави.
Исто така да имаше натпревар за која ќерка не го користи својот потенцијал во склоп на сите општествени стандарди за “девојка” –
јас ќе победев на тој натпревар.
Наградата ќе беше барбика или шминки.
Ама тоа – дека дете, нели, па треба да си играм со нешто.
Да беше натпреварот за возрасни, наградата ќе беше пегла или миксер.
Оти тогаш жена нели, па треба да подработувам по дома со нешто.
Абе сите сме исти.

Не сакаа да ја скратам косата.
Не ми даваа смислувајќи ги сите можни изговори.
Татко ми се плашел дека ќе ме мислеле луѓето за вошкарка.
А јас не се откажав иако само им ја зголемував нервозата.
На родителите им е важно да си ти, да си уникатен
да бидеш она што си,
да си свој…
се додека тоа е во рамките на нивните очекувања за тебе.
Велат твоите мисли да бидат твои, ама се додека нам не ни носат неспокој.

Ја скратив.
Татко ми, со машинката ставена на нула,
го поминуваше секој сантиметар од мојата глава и плачеше во себе,
таа ноќ во него имаше бура.
Влегов дома и изразот на лицето мајка ми беше коктел од болка, разочарување и тага.
За МОЈАТА коса.
Ми рече дека личам на робијаш
Другарка ми рече дека личам на некој што боледува од леукемија.
Јас, си личев на себе.
Се сакам со кратка коса, ама не ја барав слободата што ја барав.
Не ми пречи косата во секојдневните работи, не ми е толку жешко.
Епа колку не ми е жешко, толку ми е тешко.
За секој пат кога не користам фен пред да излезам
Има двојно повеќе луѓе на светов кои мислат дека сум машко
За секој пат кога не сум ја чешлала косата
некои љубопитни умови ме прашале: зошто?
Ме прашале и дали сум лезбејка
За секој пат што косата не ми ја уништил дождот
За секој пат кога сум кажала дека сум поубава со кратка коса
Тројца роднини ме погледнале остро
Сакав да сум слободна во својата кожа
Ете толку е просто.

Зошто ја скрати косата? Од каде оваа идеја? Што ти текна?
На сите истиот одговор: Така сакав.
Од сите желби на светов јас имав само една.
Да бидам јас и однатре и однадвор
и мојата коса да не биде за нечија болка извор.
Да не ме викаа машкоданка, смеејќи ми се зад грб
Стилот да ми е прифатен од моите, колку и да мислеа дека е грд
Сакав и уште сакам да не ме прашуваат дали некогаш ќе ја пуштам косата само затоа што ним им се допаѓам повеќе на тој начин.
Сакам да престане должината на мојата коса луѓето да ги мачи
Затоа што сакам да сум слободна во мојата кожа!
Затоа што сакам да сум слободна во мојата коса!
Ама кој ме прашал мене јас што сакам?