Приказната за Поликсена – приказна за секое дете кое сака да биде добро, ама не знае како

ПРИКАЗНАТА ЗА ПОЛИКСЕНА – ПРИКАЗНА ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ КОЕ САКА ДА БИДЕ ДОБРО, АМА НЕ ЗНАЕ КАКО

Книгата „Поликсена со прасето“ (Polissena del porcello, 1993) на Бјанка Пицорно (1942, Сасари, на Сардинија) во преден план ја има чувствителноста на искреното/вистинското не пријателство, туку токму ДРУГАРСТВО! Така малата Поликсена не ќе може да го изоди својот пат во потрагата на вистинскиот идентитет без верната сопатничка и другарка, па иако и помала и поситна, Лукреција во оваа книга за деца. Оваа книга има вистински печат и преку преводот што го направи токму Радица Никодиновска, еден исклучителен книжевен преведувач од италијански на македонски за што сведочат и бројните награди и признанија.

Но, за какво другарство (рас)кажува „Поликсена со прасето“ (Скопје: Три, 2020) на Бјанка Пицирно, инаку авторка која дури пет пати ја добива престижната награда „Ханс Кристијан Андерсен“ за литература за деца? Еве како започнува самата приказна за оваа неверојатна Поликсена, веселото девојче со многу бујна фантазија и вистинска вљубеничка во приказните за замоци и принцези, која може да се доживее и како книжевна посестрима на многу попопуларниот од неа Пинокио:

„Како што вообичаено им се случува на децата, и Поликсена Џентилески, на единаесетгодишна возраст, честопати си замислуваше дека не е ќерка на своите родители.

Тоа се случуваше кога, на пример, мајка ѝ ќе ја пратеше на спиење без вечера, за да ја казни за некоја непослушност.

[ … ]

Поликсена го потхрануваше гневот зборувајќи си во себе: Ќе умрам од глад. Утре ќе ме најдат умрена в кревет. Оваа безмилосна жена не може да ми е вистинска мајка. Така се однесува со мене затоа што јас всушност не сум нејзина ќерка, најденче сум, ќерка на непознати родители кои ме одгледале од сожалување.“

Таа е најголемата/најстарата ќерка/сестра во семејството Џентилески кое живее во Чепалуна. Така што таа започнува со онаа позната матрица на народните приказни што ја има и во македонските (но во нашата традиција се работи за приказните за тројцата браќа запишани од Марко Цепенков), како приказна за трите сестри: Поликсена, Иполита и Петронила. Тоа е така зашто самата авторка Бјанка Пицорно се одлучува нејзините главни ликови да бидат исклучително само девојчиња кои припаѓаат на современото раскажување затемелено врз големите архетипови од минатато. Приказната започнува со мистериозноста околу раѓањето и потеклото на Поликсена кое може да се спореди со најчестите раѓања на некои „роднини“ од митологијата. Впрочем, и самото име е преземено од таму зашто токму така се вика една од многуте ќерки на кралот Пријам. Од друга страна, нејзиното патешествие заради откривањето на вистинскиот идентитет и вистинските (биолошките, зашто има ли лажни??) родители започнува од едно ковчеже и една прекривка во кое е ставено бебето/детето што би можело да биде токму Поликсена, исто онака како што библискиот Мојсеј е (о)ставен/скриен во кошница и пуштен по Нил, или како што браќата Ромул и Рем се фрлени во реката Тибар. Исто така, Поликсена е задоена од свиња, а потоа и исчувана од еден морнар, како што Ромул и Рем се задоени од волчицата и одгледани од еден овчар и неговата жена.

Како најпримарна иницијација се согледува пубертетската чиј парадигматичен образец се среќава уште во волшебните приказни/сказните. Така и Поликсена, како 11-годишно девојче (многу блиску до своите 12, кога и условно завршува детството пред да се наполнат 13-те кога се влегува во пубертетот и светот на возрасните), е исправена пред предизвикот да го одбрани идентитетот, но и достоинството и да докаже дека не е најденче/посвоенче и/или ако е токму тоа, тогаш дека тоа најденче е ни помалку ни повеќе туку некоја изгубена принцеза. А авантурите низ кои минува се сложениот пат на самото растење и созревање сличен како на нејзините книжевни претходници – како на Пинокио на Карло Колоди или на Силјан Штркот на Марко Цепенков. Имено како и во самиот Пинокио (куклата со сите човечки мани), па и кај непослушниот син Силјан, така и во Поликсена откриваме особини својствени за секое дете кое сака да биде добро, ама не знае како, кое како кревко и недоследно суштество дозволува да го привлечат забранетите нешта, кое се лути кога е скарано и се радува кога е пофалено, кое е љубопитно но и тврдоглаво во некои свои замисли и намери. Затоа, многубројните епизоди низ кои се гради ликот на Поликсена ја имаат функцијата на изодување на патот на искушенијата, но и на нејзиното искупување. Во ова патување кое може да се чита и како една и авантуристичка, но и детективска приказна, и кое се одвива низ неколку етапи, Поликсена не е сама. Таа е заедно со членовите на Дружината Џиралди, која потоа станува Дружина Рамузио на чело со кревката/нежната, но бестрашна и паметна Лукреција. Всушност Поликсена во оваа Лукреција гледа и нова сестра/посестрима, а во оваа дружина ново семејство. Патешествието започнува од манастирот кој секогаш згрижува напуштени/оставени деца, па продолжува во домот на рибарот од Виорник, па кон една стара и напуштена тврдина која со години ја користат како засолниште или еден вид прифатилиште старите и неможни пирати кои не можат повеќе да пловат и како меѓу нив да го гледаме и пиратот – таткото на познатата Пипи Долгиот Чорап, па потоа и кон гостилницата „Кај Зелената Кукумјавка“, но и до кралскиот дворец Миренај и до подрумите/занданите на дворецот и до повторното доаѓање дома. Така оној авантуризам од „Патување низ светот за 80 дена“ како да се пресликува во ова т.н. „патување по светот за 6 месеци“. Тешко е, и долго е ова патешетвие, исполнето и со многу разочарувања. Па така Поликсена во името на откритието какво и да е, но само да е вистинито, доживува и големи разочарувања. Па таа е сè, дури и ќерка на сиромашен рибар/морнар, па и копиле на слугинка во кралскиот двор, но никако не е вистинска принцеза, единствената ќерка на кралот, престолонаследничка! Таа ги умножува и домовите и семејствата, но никаде не се чувствува вистински убаво и среќно така како што се чувствувала во домот на своите мама и тато Џентилески со своите помали сестри Иполита и Петронила.

Разочарувањето е огромно, но што да се прави?

Очигледно ќе треба да се прочита книгата „Поликсена со прасето“ за да си го одговориме и прашањето. Зашто на крај, сепак, победува и доброто и убавото и сè што е заплеткано се отплеткува, а Поликсена и Лукреција, едната како голема усна раскажувачка, а другата како потенцијална писателка, завршуваат како две големи и искрени другарки, и покрај тоа што едната (Лукреција) е веќе принцеза, а другата (Поликсена) е само маркиза! Ама и маркиза не е мала работа! Поголема работа е самото другарство!