Кон „Расипаниот часовник“ од Ѓорѓи Крстевски

ЗА КРАТКИОТ РАСКАЗ ,,РАСИПАНИОТ ЧАСОВНИК“ од ЃОРЃИ КРСТЕВСКИ

1. Вовед

Расказ – тоа е роман во кој авторот навреме ставил точка.

Расказот е кратко книжевно дело на наративна проза, која е карактеристична по малиот број на зборови што ги содржи. Краткиот расказ обично се насочува само на еден настан, има еден заплет, бројот на ликови е ограничен и се зафаќа краток временски период. Според некои дефиниции, еден расказ треба да биде толку долг за да може да се прочита во еден здив. Според содржината расказите можат да бидат: битови, историски, авантуристички, научно-фантастични, психолошки и хумористични.
За разлика од долгите книжевни дела, во модерните кратки раскази ретко има вовед, но сепак има врв на дејството, пресврт, а на крајот може, а и не мора да има поука.
Во поново време доста популарна е формата кус-кус расказ, за која би рекле дека е потребна исклучителна умешност од авторот за да ја пренесе приказната до читателот, имајќи го во предвид фактот дека должината е ограничена.
Во овој истражувачки труд, нашето внимание ќе биде насочено кон краткиот расказ, а посебно ќе се задржиме на расказот „Расипаниот часовник“ од авторот Ѓорѓи Крстевски.

2. Дефинирање на краткиот расказ

Постојат бројни дефиниции за краткиот расказ. Како што пишува Ненад Јолдески во „Дефинирање на краткиот расказ“, тој ,,најчесто се дефинира и се воспоставува во сооднос со ренесансната и со нововековната новела, како и со романот, под кој најчесто е и хиерархиски подреден.“ (Јолдески). Јолдески го наведува Едгар Алан По како еден од авторите што застануваат на страната на кратката приказна, кој јасно одредува некои од главните карактеристики на краткиот расказ, и му дава надмена положба над подолгите прозни форми, притоа истакнувајќи ја разликата помеѓу кратката приказна и романсата. „Фокусот на размислувањата на По за краткиот расказ е сосредоточен кон она што тој го нарекува „единство на впечаток“ (unity of effect) на приказната, кое може да биде остварено само доколку таа биде прочитана на едно седнување, не подолго од еден час.“ (Јолдески)
Јолдески во својот труд пренесува уште неколку дефиниции, како на пример: дефиницијата за краткиот расказ дадена од Алан Паско дека „…краткиот расказ е кратка, литерарна прозна форма“. Исто така наведува дека „Краткиот (модерен) расказ често бара да биде препрочитан, а читателот пред неговиот крај останува озарен при експлозијата на неговото литерарно и симболично јадро. Тој „гравитира исклучиво кон максималната неочекуваност на крајот кој околу себе концентрира сè што претходело“ (Ejxenbaum, 1994, p. 82). Затоа, „тој треба да биде напишан и структуиран на таков начин што секоја реченица во него би била неизбежна, а секое одземање или додавање во неговата наративната структура би било естетско уништување на неговата вкупност.“ (Јолдески)
Професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, Искра Тасевска Хаџи-Бошкова во својот труд „Македонскиот деветнаесетвековен расказ во контекст на жанровските промени“ пишува дека Чарлс Меј низ неколку искази ги сумира мноштвото дефиниции за расказот, кои главно се однесуваат на неговата формална, тематска структура, потекло и историја, како и на неговата поставеност во однос на читателот, и според него: „Расказ се нарекува најстарата форма на вербалното изразување, како и најновата; најприродната форма на вербалното изразување, како и најконвенционалната и највештачката; расказ се нарекува литературната форма, која најадекватно ја рефлектира човековата реалност како фактичко искуство, но и формата која го одразува само произволниот увид во човековата реалност.“ (Тасевска Хаџи-Бошкова)
Во истиот труд Тасевска Хаџи-Бошкова посочува дека расказот во македонската литература има своја предисторија, која може да се доведе во релација со сказните и легендите, односно со фолклорот воопшто, особено во однос на стилизаторската постапка на Цепенков и на другите собирачи.

3. За авторот Ѓорѓи Крстевски

Ѓорѓи Крстевски (1981, Скопје) завршил Руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Заедно со уште двајца автори (Рубин Меновски и Кирил Шентевски), во 2005 година ја објавиле книгата со куси прози и поезија во проза „Не сакам да ви кажам ништо“. Збирката раскази „Обични и необични приказни“ (2011) е негова прва самостојна книга. Негови раскази се поместени и во третото издание „Збирка раскази“ (2015) од проектот „Создади книга“ на ЕВН Македонија кој е во насока за директна поддршка на македонската литература и општество (покрај раскази од Крстевски тука се сместени и дела на Сефер Селими, Ѓоко Здравески и Иван Шопов). (kanal5.com.mk). Во истражувањето на Радио Моф, спроведено кај македонските издавачки куќи „Бегемот“, „Темплум“, „Или – или“ и „Антолог“ за тоа кои се најчитаните дела од македонските автори во нивното издаваштво за 2019 година, се наведува дека во издавачката куќа „Бегемот“ од Скопје меѓу најчитаните се наоѓа и авторот Крстевски со книгата „Другата страна“. „Се работи за збирка кратки прозни форми од авторот Ѓорѓи Крстевски, создавани во текот на повеќе години.“ (Смилевска).
Инаку, освен со пишување, Крстевски активно се занимава со преведување од руски, англиски, српски и хрватски јазик.

4. За книгата „Обични и необични приказни“

Првата самостојна збирка раскази на Ѓорѓи Крстевски „Обични и необични раскази“ (2011) е пишувана во формата кус-кус расказ, и таа е доста популарна во последно време. Во неа се сместени 66 раскази во кои „главна улога игра приказната, комбинирањето на нејзините елементи, создавањето напнатост меѓу ликовите, усложнувањето на заплетот и необичниот и често фантастичен расплет.“ (https://okno.mk/node/17210) Во сите има приказна во која ликовите се вплеткани во необичен заплет, за на крајот да има уште понеобичен и неочекуван распет. „Книгата е мошне компактна и во неа пулсира специфичен, затворен свет со свои правила и законитости.“ (Јанковски). Живко Грозданоски, пак, во својата критика за оваа книга на Крстевски, ќе рече дека неговите раскази се: „минијатурни творби кои проектираат голема и јасна слика, која се однесува или на општеството, или на поединечната човекова психа, понекогаш на двете, а понекогаш ни на едното ни на другото, и тоа е најубавото.“ (Гроздановски). Во расказите се дава слика на современото општество, на семејството, но и пошироко, на состојбата во светот. Гроздановски уште ќе забележи дека: „по сета отуѓеност и студенило кои се сраќаваат во голем дел од расказите, уште подлабоко се изживува радоста и топлината во останатите раскази.“
Би рекле дека Крстевски во „Обични и необични приказни“ го набљудува светот околу него и успева да ни ги донесе оние моменти кои ние не ги ни забележуваме. Или, ако ги забележиме, ретко си дозволуваме да ги коментираме.

4.1. Анализа на расказот „Расипаниот часовник“

Кусиот расказ „Расипаниот часовник“ е сместен во книгата раскази „Обични и необични приказни“ од авторот Ѓорѓи Крстевски. И можеби, по некоја логика, би требало, ако се работи за кус расказ да има и куса анализа. А таа би била: авторот преку детално опишување на сите дејства кои ги прави една млада девојка, почнувајќи од девет минути пред полноќ до една секунда пред стариот часовник да означи 12 часот, и потоа, повторување на сите дејства, но по обратен редослед, како враќање на филмска лента, ни кажува дека сите сме влезени во една рутина на живеење, во еден затворен круг, во кој секој ден е ист како претходниот. Уште пократката анализа или куса-куса анализа, би била – секојдневие.
Сепак, кусиот расказ „Расипаниот часовник“ заслужува и поголема анализа. Авторот ни прикажува една секојдневна слика во која може да се препознае секој од нас. Млада девојка се враќа дома девет минути пред полноќ и ги започнува редовните активности – ја отвара вратата од станот, ги соблекува патиките, го вклучува светлото, оди во бањата, ги мие рацете, се брише, го гаси светлото, оди во спалната, и таму го вклучува светлото, од гардеробот ја вади ноќницата, ја соблекува работната облека, ја облекува ноќницата, ги облекува влечките, го гаси светлото, оди во дневната соба, го вклучува телевизорот, гледа една минута вести, па оди во кујната, вклучува светло, зема чаша од полицата, ја одвртува славината, ја полни чашата со вода и таман да ја допре чашата до устата, на една секунда пред полноќ, ѕидниот часовник место да почне да чука дванаесет пати и да го означи крајот на тој ден, стрелката на часовникот што ги брои секундите почнува да се движи наназад. И нереално, девојката почнува да ги прави работите што до тој момент ги правела, но по обратен редослед. Чашата со вода ја спушта, ја враќа под млазот вода од чешмата, ја затвара славината, чашата ја остава на полицата… И се така до крајот, односно до почетокот, кога ги облекува патиките, ја отвара вратата од станот и излегува, а часовникот покажува девет минути пред полноќ.
Станува збор за секојдневие, за работи за кои и не размислуваме дека ги правиме, и нè ни значат нешто посебно. И би било ова една обична приказна на која и не би ѝ обрнале внимание, доколку авторот не би го вметнал тука часовникот кој почнува да го враќа времето назад. Тука е необичноста. Со враќањето назад, всушност ни се случува повторно истата ноќ, истиот ден, со сите работи кои секојдневно ги правиме. И пак, и пак, и пак…
Зошто Крстевски се решил да пишува ваков расказ? Веројатно за да ни каже дека е време да излеземе од шаблонот. Ние и не размислуваме за она што го правиме, а го правиме секој ден. Сме станале дел од еден затворен свет кој си има свои правила и законитости, кои ние слепо ги почитуваме и како да не се трудиме да ги смениме.
Часовникот е симбол на времето кое минува, кое не се враќа, и затоа се вели дека треба да го искористиме мигот сега, бидејќи она што се случува сега и овде нема да се случи никогаш повторно, освен во некој научно-фантастичен филм. Во реалноста тешко дека ќе се најде некој расипан часовник, како оној за кој пишува Крстевски, кој ќе ни овозможи да го вратиме времето назад, па макар и по некој обратен редослед на настаните. Затоа, да не го трошиме времето попусто на неважни работи кои ништо не ни значат, и да не дозволиме времето да нè згази.

5. Заклучок

Во време кога сите брзаат некаде, кога ретко наоѓаат време за себе, а уште помалку наоѓаат време да прочитаат некоја книга, кратките раскази стануваат литература која ги задоволува вкусовите на љубителите на пишаниот збор.
Краткиот расказ раскажува само една поединечна работа врзана за една личност. Во него се штедат зборовите, односно должината е ограничена, но сепак дејството е интензивно и во него секогаш е присутна некаква тензија. На прашањето кој расказ е добар расказ, веројатно ќе добиеме различни одговори од читателите. За некои тоа е расказот кој се задржал на интересен исечок од животот, за други расказот кој дава одличен опис на ликот, за трети фантастичното видување на иднината или минатото и т.н.
Во секој случај, дали краткиот расказ ќе биде добар или не зависи пред сè од авторот, од неговата умешност да ни пренесе еден момент од нечиј живот, да ни донесе реална слика која ќе не остави без зборови. Ефектот на краткиот расказ секако го гледаме на неговиот крај кога ја чувствуваме возбудата од необичното и неочекуваното.
Расказот „Расипаниот часовник“ од Ѓорѓи Крстевски е токму таков. Тој е еден сериозен кус-кус расказ кој, и покрај неговата должина, бара едно длабоко размислување.