Кон „Гитара од палисандер“ од Кристина Гавран

Приказната е врамена од метафоричкиот лик на една жена, носител на животоносно семе – ‘ртење во живо дрво, кое ја продолжува својата мисија и брза кон типична бајка со среќен крај. Играта ја водат неколку архетипски женски фигури, поврзани со музичката уметност и нејзиниот изведувачки инструмент – гитарата.

Пет жици на гитарата, пет женски судбини. Ништо во оваа книга не е случајно и сè е многу вешто исплетено. Толку многу успешна и суптилна симболика немам прочитано од „Сфинга на гневот“, па наваму. Од оваа книга добив приказ за еманципација на жената низ различни векови преку жени тотално различни една од друга. Пет жени – пет хероини. 

„Гитара од палисандер“ ни нуди фрагментиран комплекс од бајковити компоненти во кои наративниот столб се воспоставува врз основа на разновидни приказни со зачудувачки референци на пет женски судбини. Петте женски ликови во овој роман се прикажани фигуративно, но колку и да се просторно и временски разделени, меѓу нив е воспоставена врска што ги открива универзалните проблеми на женската жртва, на мачеништвото, на нивната трансформација, на разните егзистенцијални прашања во врска со слободата, љубовта, мисијата, креативноста, мајчинството и слично. Хероините на оваа необична романсиерска бајка се, всушност, патници низ еден вистински чудесен, но и реален свет.

Приказната е врамена од метафоричкиот лик на една жена, носител на животоносно семе – ‘ртење во живо дрво, кое ја продолжува својата мисија и брза кон типична бајка со среќен крај. Играта ја водат неколку архетипски женски фигури, поврзани со музичката уметност и нејзиниот изведувачки инструмент – гитарата. Гитарата е инструмент што носи среќа во рацете на бремената девојка, која претставува карактер на жена што е подготвена да даде најголема жртва (мајчинство), со цел да ги надмине забраните и границите и, преземајќи ја работата на мажите дрвосечачи, да ја исполни својата мисија и да овозможи континуитет на животот и уметничкиот тек (градење на гитарата). Девојче без име и корен што воспоставува обожавателски став кон совршениот градител на гитара е исто така обележано со плодно отуѓување; од нигде-никаде се појавува еротизирана жена-муза-гитара, еден вид femme fatale, чија посветеност на креативната и секоја друга слобода се рефлектира на физичката рамнина и поминува низ физичка трансформација, а на рамнината на идентификацијата почнува да личи на совршена гитара. Оваа серија продолжува со ликот на современа, урбана жена, бремена виртуоз-гитаристка, која се соочува со полемики за посветеноста на мајчинството или посветеноста на професијата. Во низата поранешни трагачи по слобода и нови животни патеки, односно борба против љубителите на музиката или инспиративните музи, таа триумфира како оригинален уметник, кој наоѓа начин да ги надмине пречките на патот кон уметничкиот подем.

Факт е дека сите женски ликови на овој наратив се толку генерализирани, што се безимени, односно на текстуално ниво се препознаваат по прекари или последователно доделени имиња; притоа, сите тие странци и потомци на другоста, означени со разни физички обележувачи, сиромаштија, музички талент, исклучителна физичка (машка) сила итн., со задоволство ги надминуваат дадените светови и конвенции.

Водечки мотив на оваа приказна, која е структурирана како мозаик од приказни, е гитарата како совршен инструмент споен со неговиот изведувач или градител. Ќе парафразирам една мисла, која многу ми се допадна: Не ја бираш ти гитарата, туку таа те бира тебе; само на тој начин ќе можете да создавате магии на овој волшебен инструмент. Најкреативниот инструмент на сите времиња – гитара од палисандер.

Изданието е на Антолог и ја препорачувам на сите љубители на вешто исплетени приказни. Крајот особено ќе ве воодушеви и тука ќе ја сфатите во целост вештината на авторката. Кристина Гавран е Кабре на Балканот.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Денис Бојаров
Кон „Децата на Волга“ од Гузел Јахина
Гузел Јахина уште еднаш импресионира со овој симетричен роман, кој започнува и...
Повеќе
0 replies on “Кон „Гитара од палисандер“ од Кристина Гавран”