Македонскиот дел од пеколот

Денес е Светски ден на мирот. Направив три тона медитации и трилион обиди за смиреност. Џабе. Токму денес ми се споија жичките, па си ја отворив устата на вистинското место. Со зборовите предизвикав пожар. Змеј. 

Отсекогаш сме биле користољубив народ. Во ниту еден момент не сум го заборавила тоа. Сепак, во моменти апсолутна вознесеност заборавам дека сме гадови и дека само суетите ни се важни и си дозволувам малку надеж (па дури и пуштам по некоја песна за објава на нет). Не објавувам. Слабо. Авангарда. Не сакам. Тежок е авангардниот пишан збор. Кратиме, сечеме, измислуваме, превртуваме, салто напред салто назад, стој на раце стој на глава, кобра поза, поза лав, со еден збор – јога. 

Овој град секогаш имал алтернативна сцена. Таа сцена си постои сама за себе, паралелно со сите останати сцени во градов. Никому не смета. Тоа се едни пристојни луѓе, алтернативците, кои си нашле свој домен на изразување во различните видови уметност. Питоми луѓе се. Ама полни со револуционерен набој. Агресивни се само кога станува збор за одбрана на она кое им значи повеќе од самиот живот – уметноста! Дел сум од нив. Орани ми се сите концертни сали. Од бина или од публика. Дел сум од Македонската Рок Енциклопедија. Од Тошо Филиповски научив дека не треба да се откажуваш. Човекот ме бараше триста пати за информации, просто ме тераше да се сетам на старите времиња, за да пише верно како било. Не се смири додека не нè собра сите на едно место. Му реков во една прилика дека толку упорна да бев, и храбра, како што е тој, сигурно до сега ќе постигнев многу многу повеќе. 

Најмногу ми лежи малку поразличниот пишан збор – таков, каква што е и музиката која ја сакам. Само, таквите како мене не можат да дојдат до принт. Никако (нема да се купува, нема читачи, нема пари да се направат, нема зошто да се мачат да принтаат…). Борба е да издадеш нешто. Да си го видиш делото во принт. Многу треба да молиш. Да се оправдуваш. Да убедуваш. Мора да си некој. Чија си? Која си? Ничија си? Па како ти да објавиш нешто? Па мора да кинеш страници – бришиии, цензура, па ова, па она… на крај ќе се предадеш, ќе се заситиш од самиот себе (од јазикот – никогаш) и ќе баталиш објавување поезија во јавност. За навек!!! И пак ќе се излажеш, дека да, глупав си! Дека да, сакаш да поеш. Дека да, не можеш во денот да поминеш без стих, макар ментално на глас. И пак ќе пуштиш песна дома. И ќе се изгориш по не знам кој пат. Долга била, ќе фатела место – ќе фатела место, бе луѓе, дали ви се верува – се тепаме за редови, разбирате ли?

Имам многу изгубени поеми и раскази поради непотребно преработување и цензура. Поради обесхрабрување. Да, другари, суптилно обесхрабрување. Да те потишти, да те згмечи, да те утепа во поим. Да не ти текне да пишеш нешто пак. Од тоа си патиме. А и зошто ти да бидеш подобар од мене? Сопки.  

 

Така, јас уште многу млада се сопнав. Ме сопнаа и се струполив додека бев во најжесток лет. 

Со неполни 18 години јас добив индекс од УКИМ. Бруцош со 17 години. По еден месец бев полнолетна. Од основно училиште знам дека ќе студирам јазици. Од основно училиште немам ниту еден ден поминато во учење на македонскиот јазик. Не се спремав ниту за приемен испит по македонски јазик. Никогаш не се јавила потреба од истото. Некако спонтано ми биле познати одговорите на сите прашања од сите можни тестови кои сум ги направила по македонски јазик, вклучително и од приемниот тест по македонски јазик за факултет. Во младост пишував секој ден, со саати. Дневници. Па од нив ќе се изродеше некој расказ и конечно некоја поема. Пишував без здив. На рака. Ситен бод. Двоен бод. Каков сакаш бод. Македонски бод. Седната без врска, на земја, со тефтерот во скут, јас пишував и пишував. Томови. 

Во адолесцентен занес, полна себе, полна поезии од Т.С. Елиот, почнав многу да пишувам и тоа многу поразлично од другите. Јас го разбирав Т.С. уште на мои 20 години. Дека да, мојот асистент на факултет во душа го носи Елиот и од него сум го засакала уште повеќе. И јас полна себе влегувам после многу слабо оценет (по мене) писмен дел од испитот на усно докажување, нервознa, aко не бев само јас таа будала која ја одбра темата за Елиот на писмениот испит, еве на. Но, добро, ќе докажам дека нешто не е во ред со оценката. И да, сакав дури и да го поништам испитот ако треба. Дека да, сакав десеткака на устен. Дека да, сакав да останам на факултет да учам уште и уште и уште и да предавам еден ден и јас, откако ќе научам уште и уште и уште… И таква целата пресреќна влетав во кабинетот за полагање. Наместо да блеснам, добив многу низок удар во слабина, во ахилова пета – ми се паднаа поети кои не ги сакав ич и не ги имав прочитано ниту еднаш… И толку од бизнисот. Во индексот асистентот мој најдраг и најважен ми пиша шестка на факултет. Плачев со денови. Имаше право кога ми рече дека ако сакам да останам на факултет треба сите поети да ги знам. Но, мораше ли толку да ме сакати и да ми ја пише шестката во индекс? Додуша, тргна по мене по скалите, ме викаше назад, но јас бев толку млада, толку бев повредена, тој, мојот омилен асистент, би требало веќе многу добро да ме познава од часовите, од кои не сум пропуштила ниту еден, ама ниту еден… Можеше барем да ми даде простор да ги научам, да ги прочитам, тој ме знаеше менеееее…

Џабе. Јас мирисав на рокенрол и тоа не им се допаѓаше на сите.

Набргу потоа имав устен дел од испитот кај професорката. Одредени генерации се тресеа при спомнување на нејзиното презиме. Растурив. Скокав додека одговарав. Женава ја оставив без текст. Најпосле таа целата пресреќна посегна по мојот индекс, десетката ѝ светеше во очи, го отвори индексот на крајот каде се пишуваат оценките и вресна вџашена на глас: колешке, како колегата шестка ви дал? Колешке, сакам десетка да ви ставам. И кажав право, јас не лажам, и да, и таа рече дека сите автори мора да се читаат ако сакам да останам на факултет… Веќе ми беше сеедно, до сега не верувам дека некој се дрзнал да поништи испит Модерна на наша катедра, јас првата ли да бидам? 

Несреќен сплет на околности. И его. Мојата позиција на его придонесе да се откажам од тоа што најмногу го сакав. Велам, никој не е крив, само сепак можеше да се земе во обзир дека сум многу млада, дека ако погледнат добро во индексот ќе видат дека сум пред време примена на саканиот ми факултет, детиште, и не би било лошо да ме насочат правилно… Па тоа се педагози, мајка му…

Да станев тоа што не станав, ќе го правев тоа што не го правам, ќе изнаоѓав начини да го извадам најдоброто од студентите, како Шеспировка – срцката од мене, како Библиотекарот од мене (кој после неколку години стана најдобриот преведувач од англиски јазик во земјава и еден од најјаките писатели), како Греам Рид кој без да размислува ми лупна десетка во индекс (десетка со кромид ја викавме таа од Греам…)

Кога ќе се сетам подобро, имам поништено еден испит и не ви кажувам кај кого, зашто син му е позната фаца сега. Е тој професор применуваше шестар систем (викавме дека фрла шестар над писмените и што ќе фати првиот пат е за шесткака, вториот за седмица итн). Сите кои сакаа поголема оценка поништуваа испит. Ама десетки не им пишуваше. Ни мене ни ми пиша, иако одговарав три саати и ги знаев сите прашања кои другите не ги знаеа. Ама згрешив во нагласокот и од умор употребив скопски сленг, па кажав: тек така. Аааааа, не колешке, еве колешкава ќе каже како треба, ајде: туку така – ама со нагласок на вториот слог и со дијалект од непознат вид… И отиде десетката… супер, на шестар системот јас имав седмица, па со деветкава веќе бев ОК, и толку бев уморна, ми се чинеше ако не се мрднам оттаму – ќе ме изнесат на носила. Ете така се полагале испити кај некои од професорите. Тешко. Мака. УКИМ. Институција! Има да цркнеш дур завршиш факултет и ќе памтиш за навек.

Деновиве слушам скоро и да нема нови студенти на Катедрата за македонски јазик и книжевност. Како? Не сакам да знам. Ако нема македонисти, џабе ни е муабетот. Затоа што за секој јазик кој го земаш за изучување ти треба мајчиниот ти. Ако тој го немаш – џабе си. Не си. 

 

Има едно мало парче надеж, што вели Влатко Стефановски: Во душата ти гори кандилце… И тоа кандилце не смееме да дозволиме да згасне… Тука се собрала цела историја на еден прекрасен народ… Тука се собрала цела книжевност на истиот и сите мртви поети кои без страв пишувале за истиве работи… За македонските работи…

Ништо повеќе нема да кажам. Ова е македонскиот дел од пеколот. Тука се гори. Постојано. Со векови. Мора да си змеј или ќе нема да можеш да се снајдеш. Може ќе ги биде другиве генерации како што никогаш не нè бидна нас, а на нас беше оставено да го смениме светот, и можевме… Ние, изгубените деца на социјализмот, заглавени длабоко во македонскиот дел од пеколот…