Дамата со рентгенските очи

Во широката и светла чекалница на прочуениот институт за разубавување „Козметикум Амајлија– салон за хирургија на дами“, седеа пет дами – елегантно облечени, грижливо нашминкани, но сепак толку грозни, што човек би се нашол во вистинска недоумица ако се зафатеше со неблагодарната задача да одлучи која од нив заслужува да ја носи со најголемо достоинство титулата „кралица на грдоста“. Ги одминеме ли со галантна рамнодушност природните недостатоци на петте дами, би споменале само еден мал детаљ, само како декоративен елемент на нашиот расказ: почитуваните посетителки седеа во длабоки метални фотелји и отсутно прелистуваа по едно илустрирано списание, меѓу чиишто страници, на прво место со свечените соопштувања за идните турнири во шах и за нови поларни експедиции, се криеја и вестите дека Велшкиот принц неодамна поминал низ лондонските улици во црвен фрак или дека индискиот махараџа Хариј Трипхубана Јон Бахадур Шумшаре пристигнал безбедно во областа Ривиера. На моменти молчеливите гостинки ги креваа очите од списанијата и вперуваа нетрпелив поглед кон сината врата во дното на чекалницата, од каде што требаше да се појави миленикот на сите жени – генијалниот маестро Чезарио Галфоне, кој се одликуваше со необичната дарба да се бори со каприците на природата и да го престори дури и најодвратното суштество во прекрасен ангел.
Од пред неколку години институтот за разубавување „Козметикум Амајлија – салон за хирургија на дами“ се беше стекнал со заслужена слава на вистинска магична лабораторија, каде што секоја жена можеше да стане едноставно непрепознатлива. Овде доаѓаа огромни дами, кои ги оставаа своите сала и излегуваа бледолики и стројни како модели. Доаѓаа жени со долги носови, со дебели и криви нозе, со усни развлечени до ушите, со овенати гради или со влакнести тела – и сите тие, по полчасовен зафат, го напуштаа институтот како сказнични убавици. Но, маестро Галфоне не беше прочуен само по искуството да ја победува природната грдост на своите клиентки. Не, тој измислуваше најнеочекувани козметички изненадувања и постојано ѝ даваше нови насоки на техниката во шминкање.Така на пример, тој го откри еликсирот за импрегнирање на кожата против белези од страстни бакнежи, а исто така и триаголните веѓи, коишто наидоа на одличен одзив помеѓу скромните дами од високото општество. Конечно, местро Галфоне дојде до заклучок дека како што серумот против тифус се приготвува од тифусни бацили, така може да се приготви и серум од гускин мозок за освежување на умствената способност кај жените што се занимаваат со добротворни чајанки, добротворни коктели, добротворни договарања и воопшто, со секаков вид добротворни активности. Го приготви магичниот серум и еднаш за секогаш, на дело докажа дека е чудотворец. Со помош на тој серум на една истакната дама ѝ појде од рака, со вртоглава логика, да го убеди својот љубоморен сопруг дека изневерувањето на современата жена не е ништо друго освен израз на еден најобичаен флерт. Накратко речено, маестро Чезарио Галфоне беше една натпросечна личност, чијшто живот целосно беше ставен во служба на понежниот пол од општествениот крем.
Ние сега ќе се позанимаваме само со една од петте дами што седеа во чекалницата на институтот за разубавување, без, се разбира, да правиме некоја намерна хиерархија во нашиот избор. Се фокусираме на оваа дама не затоа што таа ги надминува другите пет или заштоа што е во роднинска врска со авторот, туку само и само затоа што токму нејзе промислата ѝ беше пресудила да ја игра улогата на херој во долураскажаната приказна.
И така, дамата почестена со нашето внимание го носеше прочуеното име Мими Тромпеева, но, пак, за несреќа беше наречена од злата наречница со кривогледи очи, коишто беа страшна ноќна мора во нејзината, покрај ова, маркантна младост. Попрво би сакала да е слепа, одошто залудно да ги увидува прекрасните неодоливости на животот околу себе, до кои не можеше да допре. Жените ја гледаа со презир, мажите ја одминуваа со рамнодушност. Вистина, телото ѝ беше сосем нормално развиено, но испакнатите, кривогледи очи секого го одвратуваа и ја правеа неподнослива за општеството на оние што играа тенис и што зборуваа за новите марки автомобили. А Мими Тромпеева мечтаеше да се омажи со милионер бидејќи и самата беше ќерка на богат индустријалец и не сакаше да ги прекине врските со парфимираната младина од аристократските кругови. По цел ден седеше пред огледалото и се трудеше некако да ја прикрие ужасната шега на природата – но напразно. Ниту длабоко осенчаните очи, ниту издолжените трепки, ниту очните капаци премачкани со вазелин не можеа да ѝ помогнат. На крај, откако сфати дека е бессилна во борбата со својата судбина, Мими Тромпеева падна во ужасен очај, кој пополека ја наведе на мислата да појде в манастир. Но, токму тогаш во нејзиниот поматен ум неочекувано проблесна, како светло за спас, името „Козметикум Амајлија – салон за хирургија на дами“. Потскокна од радост и го зафрли малото подмнолно евангелие, коешто ќе ѝ ги отруеше дните со својата света здодевност. За чудо е како порано не се беше сетила да ја побара помошта на овој институт за разубавување, низ кој беа поминале, како низ некаква волшебна фабрика за среќни преобразби, толку многу жени! Мими Тромпеева бргу чкртна врз усните две црти кармин, си го напудри лицето и си ги обгради веѓите така што исцрта тенки линии со црно моливче, потоа ја грабна чантата и се упати со притаен здив кон салонот за хирургија на дами, во чијашто чекалница малку подоцна имавме можност да ја видиме седната во длабока метална фотејла.
По долго и мачно чекање маестро Чезарио Галфоне ја прими конечно својата несреќна клиентка со сето она сочувство што неговата професија го налагаше.
Ја смири возбудената девојка со свеченото ветување дека од неа ќе направи божица на убавината што ниедно суштество не би можело да ја подражава – една феноменална Венера на дваесеттиот век, со парафински гради и рентгенски очи.
– Што зборувате! – се зачуди пријатно изненадената Мими Тромпеева, откако го истресе пепелот од цигарата во емајлираното пепелниче на масата за пушење.
– Многу едноставно, џентилисима сињорина! – извика театрално маестро Галфоне, воодушевен од збунетоста на својата соговорничка. Сè уште не сум го имал големото задоволството да го видам вашиот градник, но уверен сум дека неговиот крој е беспрекорен. И сепак, гациозисима сињорина, ако судам по контурите на деколтето под фустанот, смеам да изјавам сосема категорично, дури и во присуство на неговото извонредно височество, сињор Морис де Валеф, инспиративниот експерт на сите париски конкурси за убавица на светот, дека Вашите божествени гради прават одредено отколување од нормалната анатомска градба и, следствено, имаат потреба од парафинска инјекција што ќе ги обликува можно најдобро и повторно ќе им ја врати изгубената класична форма.
– Господи Боже! Што зборувате! – воздивна радосно возбудената Мими Тромпеева, откако заводливо си го симна шапчето од дабровина и ја залупи врз откриеното колено. Но, што ќе се случи со моите очи? За божје име кажете ми, ќе можете ли да ми ги поправите очите? – додаде во истиот миг и лицето ѝ доби тажен изглед.
Маестро Чезарио Галфоне си ја стави левата рака на срцето, а десната ја крена одважно угоре и откако неочекувано заколеничи пред зачудената девојка, извика со мекиот, глицерински глас:
– О, џентилисима, белисима и карисима сињорина! Точно е дека визуелниот фокус на вашите зашеметени очи е сосредоточен на некаква заблудна далечина, но за среќа современата хирургија е на толку високо ниво што оваа сосем невина мана ќе може да се отстрани за само десетина минути. При тоа ќе капнам во Вашите ангелски зеници неколку капки од мојот последен изум, „Рентгенол“, кој ќе ги искапе во сјаен блесок и ќе ги претвори во сјајни ѕвезди за нежно вдахновение на поетите. Подготвен сум, без никакво колебање, да ви дадам тригодишна писмена гаранција за врвниот ефект на моите чудотворни капки, а и мојот кавалерски збор дека вие доаѓате во салонот токму кога имав намера да ѝ дадам живот на првата пробна серија дами со ренгенски очи. Верувајте ѝ на мојата нега, илустрисима сињорина, и најдоцна до полчас ќе парадирате по улиците како воскресната Семирамида!
Опиена од патетичната слаткоречивост на тој необичен творец на женската убост, Мими Тромпеева пријде како хипнотизирана до пердушестиот кинески параван и се сокри зад неговите крила офарбани во црно.
Дотука, драг читателу сè се одвиваше, така да се рече, нормално. Но еве, се испостави дека нашата приказна добива сосем неочекуван расплет и за чудо се преточува во форма на дневник, каде што нашата преобразена хероина ги запишала со сопствена рака своите необични доживувања по излегувањето од салонот за хирургија на дами. Впрочем, ајде да престанеме да зборуваме од името на авторот, кој и така ја презира озборувачката слаткоречивост по каков и да е повод. Страниците од дневникот на Мими Тромпеева, што следуваат, објаснуваат што се случи понатаму.

8 септември
Само што се вратив од салонот на маестро Галфоне. Кога минував по улиците, сите се вртеа да ме гледаат. Многумина дури застануваа и воскликнуваа: Леле, какви необични очи! Дури сега чувствувам дека живеам. Господи, колку сум среќна! Се надевам ќе се омажам што побргу.

9 септември
Јупи-јеј, ура! Гледам работи што другите не ги гледаат. Моите рентгентски очи продираат насекаде. Утрово, кога се разбудив, во спалната забележав еден скелет со сребрен послужавник во рацете. На почетокот се искплашив и си помислив дека сè уште сонувам. Но потоа сфатив дека скелетот не е никој друг, ами нашата готвачка, која влегла да ми го донесе појадокот. Волшебните капки на маестро Галфоне на моите очи им го придадоа својтвото да гледаат преку материјата.

10 септември
На улицата, во трамвајот, во градината – насекаде гледам само скелети. И тоа ужасно ме забавува. Во нечии градни кошеви чукаат срца големи како тупаница, на други, пак, срцата им се сосем малечки, како на врапчиња.

11 септември
Како да се движам низ некакво живо гробје. И интересно, не чувствувам непријатност. Напротив, моја најголема забава е да се загледувам во секој минувач и да ја проучувам неговата анатомија.

14 септември
Извесно време набљудувам една необична појава. Некои од луѓето што ги среќавам, и тоа претежно оние од општествениот крем, немаат никаков мозок во главата. На пример, денес го видов братучедот на Валја, кој е член на управниот одбор на спортската федерација и кој има идеално развиено тело. Ме запре и ме зазборува. Ми ја бакна раката, ме избомбардира со комплименти, а јас го гледам и си мислам: Господи, ама строен скелет! Но, штом ги кренав очите кон главата, открив дека во неа нема ни капка мозок. Сакав да му го кажам тоа, но се воздржав за да не го навредам. Можеби ќе ми ги протолкуваше зборовите погрешно. Но, и покрај тоа, попрво би сакала да се омажам за човек како него, наместо да имам сопруг чијшто череп е полн мозок, а се крепи на слабикаво тело.

16 септември
Синоќа бев на вечеринка кај Дејзи. Имаше многу интересен народ. Само дами и господа од високото општество, меѓу кои и еден странски дипломат. Сите се натпреваруваа да флертуваат со мене, но јас, сепак, го избрав Жан. Тој е толку богат и толку мил. Се зборува дека бил единствениот наследник на вујко си – некој си мултимилијардер, кој за време на војната натрупал грамадно богатство, а кој сега го лекува црниот дроб во Виши. Меѓу петнаесеттемина кавалери немаше ни еден со мозок. Главите на сите им беа празни, но затоа, пак, необично убави. А, пак, нивните скелети – ах какви градби! Се разбира, Жан им предничеше. Тој има фигура на атлет, а кога се смее, ‘ржи како мечка. Ми се чини дека ќе му се стопам в раце ако ме прегрне. Би сакала да знам од каде му дојде таа духовитост што успеа да ме забавува цела ноќ со богато зачинети вицеви. Едноставно ќе пукнев од смеење. А, наводно мислите на човека му доаѓале од мозокот. Којзнае, можеби луѓето од високото општество расудуваат и мислат со други делови од телото… За дамите – што да речам. Ниту една не ми остави особен впечаток. И нивните глави немаа мозоци, а скелетите им беа претерано проширени во струкот, и покрај тоа што сите носеа корсети. Дејзи беше облечена во нов фустан направен од виолетово ламе, ама некако изгледаше старомодно. Пепи и Гретето си ги беа надградиле ноктите и, пак, останаа незабележани. Набљудував како белите дробови им се дујат од звист за мојот блескав успех кај кавалерите. Не ги фаќаше место од јад што го предизвикуваше фактот дека станав центар на исклучително внимание, па постојано бараа повод да ме „каснат“. Простачки! А на заминување, пак, се осмелија да ме избакнат како ништо да не било, па дури изразија желба да ми дојдат на гости. Какво безобразие!

18 септември
Ах, Жан е најпривлечниот маж што сум го сретнала во животот. Денес појдовме на прошетка со неговата кола вон градот. Бевме само ние двајца. Навистина е ненадминлив во шегите што ги кажува. Ги знае сите улични песни на обичниот народ и ги пееше цел пат. А притоа е толку интелигентен и воспитан! Ми зборува за значењето и ефектот на различните видови парфем и за чистењето заби со чепкалка на официјалните собири. Такви истанчени манири како неговите не сум сретнала досега. Да, ние би биле еден идеален пар!

23 септември
Нормално дека аристократите треба да се разликуваат по нешто од обичните луѓе. Затоа и главите им изгледаат шупливи. Всушност, мозоците им се на своето место, само што се направени од многу тенка материја, дури и од пајажина потенка, па затоа не може да се видат. Ах, се надевам дека и мојот мозок е толку фин како оној на Жан!

27 септември
Се чувствувам како на седмо небо од радост! Жан ми изјави љубов. Повторно бевме на прошетка со неговата кола. На една кривина ја намали брзината на движење, ме прегрна и ме бакна. Ми рече дека утре официјално ќе ме побара од татичко.

28 септември
На почетокот, татичко се противеше бидејќи сумата што Жан му ја понуди, му се стори висока. Но, потоа, откако увиде дека Жан е човек со карактер, отстапи. Еден милион однапред и два по свадбата.

5 октомври
Ми се чини дека ќе излудам од среќа. Жан трепери над мене и постојано ми ја докажува својата бескрајна љубов. Денес попладне кивнав, а тој веднаш истрча по лекар. Никогаш не сум претпоставувала дека ќе имам толку внимателен и нежен сопруг.

20 ноември
Ура! Заминуваме со експресниот на Voyage de noce! Прво во Ница, а оттаму, по палто од хермелин и тоалета за бал, во Париз.

 

Превод од бугарски: Валентина Трајановска