Конци на судбината

На дванаесет години го завршив школувањето и влегов како чирак во модното ателје каде што работеше мајка ми. Нормално, тоа требаше да биде мојата судбина.

Судбината ми ја одреди една машина за пишување. Тоа беше една хиспано-оливети од која со недели ме одделуваше стаклото од излогот. Гледајќи од денешна перспектива, преку бедемот на изминатите години, е многу тешко да се верува дека обичен механички предмет може да има толку големо влијание, што ќе го промени текот на еден живот и за четири дена ќе ги уништи сите планови направени за неговото одржување. Но, така беше и не можев да сторам ништо за да го спречам тоа.
Всушност, во тоа време, немав многу големи проекти. Стануваше збор за остварливи стремежи, речиси домашни, што соодветствуваа со координатите на местото и времето во кои живеев; планови за иднина што можев да ги дофатам ако ги испружев прстите на раката. Во тие денови мојот свет се вртеше бавно околу неколку личности за чие присуство мислев дека е цврсто и вечно. Мајка ми секогаш била најстабилната. Таа беше шивачка, работеше како главна шивачка во модно ателје за богати клиентки. Имаше искуство и добар вкус, но секогаш беше само шивачка што работи за плата; работничка како многу други што, десет часа на ден, ги оставаше ноктите и очите кроејќи и шиејќи, правејќи проби и поправајќи алишта на тела што не беа нејзиното и за погледи што ретко ѝ беа упатени нејзе. Во тоа време многу малку знаев за татко ми. Речиси ништо. Никогаш не бил покрај мене, а неговото отсуство не влијаеше врз мене. Никогаш не бев многу љубопитна за да знам нешто повеќе за него додека мајка ми, кога имав осум-девет години, не се осмели да ми даде неколку скудни информации. Дека имал друго семејство, дека не можел да живее со нас. Ги голтнав тие податоци со истата брзина и слабиот апетит со кои ги изедов последните лажици од манџата за Великите пости што се наоѓаше пред мене: животот на тој туѓ човек не ме интересираше толку колку да завршам побрзо за да отидам да играм на плоштадот.
Сум се родила во летото 1911, истата година кога Пастора Империо се омажила со Галјо, кога Хорхе Негрете дошол на свет во Мексико, и во Европа згаснувала ѕвездата на времето наречено бел епок. Во далечината почнале да одекнуваат тапаните од тоа што ќе биде првата голема војна и во кафулињата во Мадрид во тоа време се читале Ел Дебате и Ел Ералдо додека Челито, на сцената, ги возбудувала мажите бесрамно движејќи ги колковите во ритамот на кабаретски песни. Кралот Алфонсо XIII, помеѓу една љубовница и друга, во текот на тие месеци, успеал да ја зачне петтата легитимна ќерка. Во тоа време, на чело на владата се наоѓал либералот Каналехас, кој не можел да предвиди дека само една година подоцна ексцентричен анархист ќе му го оконча животот со два куршума во главата додека ги разгледувал новите изданија во книжарницата Сан Мартин.
Пораснав во умерено среќно опкружување, повеќе скромно отколку во изобилство, но без големи кризи и фрустрации. Растев во тесна улица во типичен мадридски кварт, крај плоштадот Паха, на два чекора од кралската палата. Близу до незапирливата врева во срцето на градот, во средина со спрострени алишта, мирис на белило, викот на сосетки и мачки испружени на топлото сонце. Посетував основно училиште сместено во мезанинот од околна зграда, на клупи за двајца на кои седевме четворица, без ред и туркајќи се за да ги рецитираме гласно Песната на пиратот и таблицата за множење. Таму научив да читам и да пишувам, четирите основни аритметички операции и имињата на реките прикажани на пожолтената мапа обесена на ѕидот. На дванаесет години го завршив школувањето и влегов како чирак во модното ателје каде што работеше мајка ми. Нормално, тоа требаше да биде мојата судбина.
Од ателјето на дона Мануела Година, сопственичката, со години излегуваа прекрасни алишта, извонредно скроени и сошиени, познати во цел Мадрид. Алишта за секој ден, фустани за коктел, палта и наметки што потоа ги носеа угледните госпоѓи на своите прошетки на шеталиштето Кастилијана, во хиподромот или поло-клубот Пуерта де Иеро, за пиење чај во Сакуска и кога одеа во црква за да се перчат. Но, измина извесно време додека не почнав да навлегувам во тајните на шиењето. Дотогаш во ателјето бев девојка за сè: промешување на жарот во мангалите и метење остатоци од ткаенини на подот, загревање на пеглите на печката и трчање без пауза за купување конци и петлици на плоштадот Понтехос. Бев задолжена и за доставување во богатите куќи на завршените модели спакувани во големи платнени темни вреќи: мојата омилена задача, најдобрата разонода во кариерата на почетник. На тој начин ги запознав вратарите и шоферите од најдобрите куќи, слугинките, одговорните за послугата на најбогатите семејства. Ги набљудував без да ме забележат најрафинираните госпоѓи, нивните ќерки и сопрузи. И, како нем сведок, влегов во нивните буржоаски куќи, аристократски палати и раскошни станови во прочуени згради. Во некои пригоди не стигнував подалеку од зоната за послугата, тогаш некој од вработените во куќата ги земаше алиштата што сум ги донела; во други, пак, ме канеа да влезам до гардеробите и за таа цел минував низ ходниците ѕиркајќи во салоните и голтајќи ги со очите килимите, лустерите, кадифените завеси и пијаната на кои понекогаш некој свиреше, а понекогаш не, и мислејќи дека животот во тој свет е многу чуден.
Моите денови минуваа без напнатост во тие два света, речиси без да бидам свесна за противречностите што постоеја помеѓу нив. Исто толку природно чекорев по широките улици низ кои минуваа кочии и на кои имаше големи порти како и по испреплетените кривулести улици во мојот кварт, секогаш полни со бари, смет, викотот на продавачите и острото лаење на гладните пци; улици на кои луѓето секогаш се движеа брзајќи и, при извикот внимавај, валкана вода, најдобро беше да се засолниш некаде за да не те испрскаат со урина. Занаетчии, ситни трговци, службеници и надничари, новодојдени во главниот град ги исполнуваа куќите под кирија и во мојот кварт го носеа духот од своите села. Многумина меѓу нив ретко излегуваа од неговите граници освен поради виша сила; за разлика од нив, мајка ми и јас го правевме тоа секој ден рано наутро, заедно и заитани, одевме до улицата Сурбано за да ја започнеме без одлагање секојдневната работа во ателјето на дона Мануела.

 

Објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Конци на судбината”