Сеќавања

Сè се промени – физички и психички. Тоа што еднаш го знаевме, чувствувавме и
допиравме остана само сеќавање. Малку остана од порано, малку работи нè
навраќаат во минатото и нè потсетуваат на безгрижноста. Онаа детската…

Поминаа повеќе од 10 години. Можеби и повеќе. Времето ти поминува низ раце,
мигови ти се пролизгуваат низ прсти, не забележтвајќи колку денови се нанижале и
натежнале. Оваа есенска дневна топлина ме начека во моето старо маало. Не прашај
како стигнав и како нозете зачекорија по старата каллива уличка. Не помнам скорешни
работи. Знам дека одам и загледувам, сè наоколу се изменило. Стариот лик на
уличката драстично се изменил – лик на непрепознатливост, а душа на оттуѓеност.

На првата кривина лево, веднаш до нашата стара куќа, магијата на промените
чиниш нè одработила како што треба. Како осамен бележник на некогашното
изминато време осамнува само куќата на старите, веќе одамна заминати, соседи.
Старата грамадна куќа, повеќе наликувајќи на плевна отколку на дом, со своите
камени наредени ѕидови еден до друг надвиснуваа и погледот ми го земаа. Сенки од
пладневното сонце разиграле танци на ѕидовите и го оживуваат мртвилото. За миг ме
опива, примамува и ме привлекува. Можно ли е да останала целосна? Малку, барем
од надвор, од напуштеноста зајадена, но со истата топлинска привлечност што еден
топол дом треба да го има?

Се навраќам и вртам спомени и се присеттвам. Да, никој одамна не живее во
неа, никој добронамерно прагот не го поминал и в куќи не пристапил. Моите често
тоа го зборуваа и сегашната состојба ја потврдуваа. Некогашното топло огниште, се
сеќавам велеа, сега пајажина го обвива, темнина го милува и гадинки вдомува.

Куќата беше, или можеби сè уште е, чардаклија, со пет пространи соби
прилепени една до друга. Секоја со своја посебен шарм и стара убавина. Дрвените
скали – единствен пристап до чардакот. Во средишниот дел на куќата скалите се
извиени и водат кон чардакот, на кој често дните ги минеа двајцата старци кои куќата
ја поседуваа. Дрвените скали сè уште чуваат траги на старите стопани – замастени
дрвени држачи од прекумерна употреба и неуспешни поправки на тогаш со черги
прекриени скалила. Качувајќи се нагоре, прав околу нозете ми танцува, а исушени
листови под нозете ми закрцкуваат. Тишината ја разбрантваат.

Чардакот, како опустошена гола гора без живо дрвце насадено, ме опива и
натажува. Ништо не останало од некогашниот богат семеен чардак. Ќилими
раскинати, прагови распукани и покуќнина опустошена. Само два празни ковчези ме
загледуваат и потсетуваат дека, да, тука си поминал дел од детството.

Силен, за во тој миг, тресок ме пресекува и сетилата ми ги наострува. Силен звук
во празни запуштени куќи не е секогаш добредојден. Со наеженост се вртам наназад и
ми олеснува. На третата соба вратата се ниша, на една шарка се држи и инаетливо не
допушта целосно да ја соголи внатрешноста на одајата. Решив да влезам и да видам
што времето оставило, какви трагови од минатите дни останале.

Со мака и тага реалноста ја апсорбирам и носталгично разгледувам што
останало и што за навек отишло. Чувството на опустошеност и заборав ме заведува и
размислувам. Зарем ништо не останало од местото каде детските игри се играле? Дали
е ова местото каде мирисот на скоро печена баклава и свежо сомлено кафе ги
засладуваше сетилата? Сè e растргнато, однесено и испокрадено. До најмало
безвредно делче. Загледувам само два кревети, распарани како мевови на фрлен
добиток на буниште и еден стар креденец. Отворам и се чудам. Како во
временска капсула е зачувано сè што бабата и дедото користеле. Нивните траги
оставени на чинии, лажици и чаши чиниш можеш да ги видиш. Мислиш од некаде пак
ќе дојдат и ќе продолжат да ги користат садовите.

Чудно чувство ме обезема и умот ми се заматува. Се навраќам во стари денови
и луѓе гледам насмеани и разговорливи. Шпоретот усвијан од дабови дрва пече
костени и пријатен мирис одајата ја исполнува. Луѓе се насобрале, разговор се
разврзал. Сите ми се познати. Јас на прагот стојам и се чудам, зарем не ме гледаат?
Често и како мал сум се вртел околу нив и знам дека со сигурност мора да ме знаат. Во
левиот ќош кандилото свети и фрла нежни зраци кон лицата. Повикувам имиња,
мафтам со рацете, но никој не ме забележува. Залудно се обидувам да се вклопам во
куќен собир каде проблемите и грижите се разрешуваат и ублажуваат.

Наеднаш силен и јасен глас ме довикува. Слушам име некој ми спомнува и се
завртувам да видам кој ме бара. Вртејќи се гледам нема повеќе никој околу мене.
Нема луѓе, нема костени, нема кандило, нема топлина. Само мртва тишина и мрачна
заледеност.

„Излези побрзо, нè чекаат“, довикува жена ми од патот. Сфаќам и се враќам во
реалноста. Спомените кои за миг заживеаја и се разиграа, засекогаш исчезнаа.
Носталгично тргнувам кон излезот и поглед не вртам. Спомените со себе ги носам, а
оставам зад себе тврдина која веќе одамна е згасната.