Гитара од палисандер

АША

Шјуефеи Јанг – Прелудиум BWV846 (Ј. С. Бах)

Секој човек има своја семка. Ја носи со себе од раѓањето до смртта.
И секоја семка е различна, во зависност од тоа во која шума е роден човекот. Семки големи колку дланка или малечки за под нокотот, тркалезни, долгнавести, збрчкани, мазни, жолти, бели, со шари, со точкички, кои се јадат или се отровни.
Аша е родена во шумата што ја беа чувале тигри и ја беа залевале дождови, а нејзината семка беше била малечка, срцолика, со кадрави кафени влакненца по целата површина. Изгледаше како исушен кокосов орев, кој некој го намалил до големина на нокот на малиот прст. Уште од најраното детство Аша беше знаела дека тоа е единствената семка што некогаш ќе ја посади.
Аша му беше припаѓала на едно номадско племе, сточари што беа патувале од шума до шума, од град до град, движејќи се покрај реките и следејќи го брегот на морето. Пред нив беа газеле животни, а тие беа оделе по нив. Беа патувале секогаш кон една цел – таму каде што тревата е позелена. Беа барале нови простори на кои би можеле да ги постават своите шатори и по неколку месеци ќе исчезнеа незабележливо.
Аша сѐ уште беше била девојче, безгрижно беше трчала по ливадите, се беше качувала по дрвјата и беше играла со животните. Мајката постојано мораше да ја предупредува да не ѝ падне семката по патот. Мајка ѝ од кравја кожа направи малечок врзоп во која грижливо ја положи семката и потоа со врвка го заврза за раката на Аша. Навечер, пред спиење, Аша ќе ја извадеше семката од врзопчето, го допираше лицето со нејзините скокотливи влакненца и го замислуваше тајното дрво што семката го крие во себе.
Мајката на Аша ги беше истражувала новите шуми, беше собирала бобинки од грмушките, со голи раце ја беше копала земјата во потрага по корења, беше извлекувала масло од цветовите, ги беше сончала семките на сонцето и ја беше стружела кората од дрвјата. Девојчето ја следеше во чекор и го впиваше знаењето што мајката го споделуваше со неа.
Каде и да се најдеше племето, домородците не ги сакаа, ги беа гаѓале со камења и стапови. Но, и се плашеа од нив. Дење стоеја во групата, плукаа и навредуваа, а ноќе еден по еден беа доаѓале во шаторот на мајката на Аша и беа молеле лек за невозвратена љубов, пијалак за плодност, прав за забавување на времето или премаз против вина.
Мајката ги беше заборавала сите дофрлени навреди, сите повлекувања за коса и штипења на нејзината темна кожа. Ноќта носи прошка. Ќе го загледаше човекот пред себе, ќе ја сослушаше неговата болка, а потоа ќе го отвореше дрвениот куфер и од него вадеше теглички со пијалаци од билки.
– Вештерке! – разбуденото сонце повторно го будеше најлошото во луѓето. – Заминувајте оттука!
Аша цврсто ќе ја држеше мајчината рака, а лицето ќе го скриеше во нејзиното здолниште за никој да не да ги забележи солзите.
На крајот, целото племе ќе тргнеше понатаму, по нови ливади.
По некое време, Аша веќе не ги запираше солзите. Немаше потреба, научи да гледа во земјата. Не дозволуваше очите да ѝ ги сретнат очите на другите, Земјени луѓе.
Ги беа нарекувале Земјени зашто земјата ја беа исцртале со огради и столбови. Така ја бранеа и ја штитеа својата земја од натрапници, на што мајката на Аша се смееше и одмавнуваше со главата. Птиците исто им влегуваа во имотот и им го колвеа родот.
Нивното племе не одгледуваше житарки, овошје или зеленчук. Јадеа диви растенија и бобинки што ги наоѓаа, но никогаш не остануваа на исто место доволно долго за да го дочекаат родот. Затоа и не садеа.

 

Објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија