„Букварот на Биби“ посакува да биде другар на секое дете

Пред нас е најновото од „Светот на Биби“. Имено самата Биби многу играше, јадеше, раскажуваше, пееше, учеше и лека полека растеше. Или, можеби и не растеше така леко/лесно? Вие сето тоа можевте да го следите и на yotube каналот, но и преку книгите, сликовниците, боенките… Нема кој не знае за Биби. Знаете и дека се презива Боровинска. Дека ги сака мама Ана и тато Тино, и тоа знаеме, и тоа знаете. Дека има необично милениче под уште понеобично име – Зази, и тоа знаеме! Дека без другарчињата од сказноликите приказни, како малиот и син Зази и жолтата и слатка Зина од планетата Заз, или диносауриусот Даро, мајката и бебето-змеј, малата вештерка со црното маче, па и џинот со шарениот џемпер, на Биби не би ѝ бил светот толку убаво откачен. И тоа го знаеме? И тоа го знаете! Ама не знаеме дали Биби знае да ги чита и пишува буквите? Очигледно не знае! А тоа значи дека дојде вистинското време Биби да ги научи да ги пишува и печатните и ракописните букви од македонската азбука, како и сите вие. Затоа еве го и „Букварот на Биби“.
Но, драги деца, па и драги наставници и родители, драги баби и дедовци, да направиме и една мала прошетка низ времето и да се потсетиме на некои претходни буквари, буквари од детството на вашите баби и дедовци, па и на вашите (пра)прабаби и (пра)прадедовци што имаат дури и сериозно историско значење. Македонската азбука се усвои на 05. 05. 1945, а потоа, по само еден месец, и правописот (07. 06. 1945). Така се создадоа сите услови за издавање на првиот буквар на македонскиот стандарден јазик кој израсна од повеќевековниот македонски народен јазик. И така, драги деца, во таа 1945 се роди и „Буквар со читанка за I одделение“ (на 96 стр.), значи нешто помал од „Букварот на Биби“ и по формата и по бројот на страниците. Како што „Букварот на Биби“ го има својот илустратот или популарно кажано цртач во името на Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, така и тој прв македонски буквар од 1945 визуелно бил осмислен од страна на Василие Поповиќ – Цицо. Во Читанката која била интегрално вклопена во самиот Буквар (каде биле поместени народни песни и приказни, македонски и руски), како автори се јавуваат: Васил Куноски, Ванчо Николески, Лазо Каровски, Славко Јаневски, Јонче Јосифовски. Сега во „Букварот на Биби“ сите нив ги заменува Билјана С. Црвенковска. Во Македонија и пред овој буквар имало учители кои се обидувале да направат еден вид свои буквари и читанки на народен македонски јазик. Па така, според Блаже Конески, Македонија го добила во Јордан Хаџи Константинов – Џинот својот најистакнат учител, а неговата „Таблица Перваја“ („Прва таблица/книга“) Конески ја смета како почеток на една нова епоха во развитокот на македонската просвета и писменост во 19-от век. Така што ние во Македонија слободно можеме да гледаме на таа прва таблица како на прв буквар од кој учеле македонските деца во 19 век на часовите кај скромниот учител Џинот. Вие, драги деца, ќе го запаметите неговото име Џинот зашто тоа ќе ве потсетува на било кој Џин од приказните (напишан со голема буква зашто ниеден џин не е мал), како и на оние џинови со шарени џемпери, на Џинот од „Светот на Биби“.
Оттогаш, и од времето на Џинот и од времето на првиот буквар на стандарден македонски јазик, се напишаа повеќе буквари… Со тие буквари многу деца ја научија македонска азбука. Многу деца научија да читаат и да пишуваат. И многу деца со тие буквари станаа големи луѓе. Ама сега, некои од тие некогашни деца станаа пишувачи и цртачи на некои нови буквари…
Така еве го „Букварот на Биби“. Како што секое дете сака да се поистовети со Биби, па и со Боби, другарот и соседот, а сега и другарот школски на Биби, така и овој буквар може да биде / сака да биде буквар за секое дете, но и за секоја возрасен кој ќе му помага на тоа дете да ги проследува содржините додека сè уште не знае да чита, додека сè уште е во фазата на слушател.
Ова е буквар кој пробудува вистинска активност кај читателот (кај возрасниот кога овој му чита на малиот, кај искусниот кога му чита на неискусниот или на помалку искусниот, но и на малиот кој само што започнал да чита и да пишува). Овој буквар има забавен карактер (но тоа е само на прв поглед), зашто зад забавниот карактер се крие ненаметливо неопходната дидактика. Од првата до последната страница, од првата до последната научена буква нуди развивање на визуелизацијата на читателот, како и на фините моторни вештини преку цртањето и боењето, потоа и преку пишувањето, но и на емоционалните вештини преку прераскажувањето, дораскажувањето, но и пеењето. Од друга страна, букварот ненаметливо се приближува и кон барањата на наставната програма и нуди нови интересни јазични играчки (како што би рекол и премудриот Цепенков) и тоа: брзозборки (2021: 26), гатанки (2021: 61), но и сценки/мали драмски игри (2021: 84-85, 86-87, 114), басни (2021: 72, 88). Исто така, тој учи да се брои, но и да се подредуваат броеви, да се научат редните брои, учи на професии (2021: 74-75) и омилени спортови (2021: 78-79), но и насочува кон другите уметности како што се: музиката, стрипот, филмот или театарот. Учи и на правопис, па донекаде и на краснопис. И згора на сè за да биде уште поигриво некои од задолженијата ги дава во облик на крстозбори, осумнасочници, ребуси.
„Букварот на Биби“ тргнува од тоа да не се следи азбучниот редослед (значи тој не е подреден од А до Ш, како што е на пример популарната книга-сликовница „Бушава азбука“ која сега ја имаме и во електронска форма на: https://gocemitevski.github.io/bushava-azbuka/bukvi/01-%D0%B0.html) туку редоследот по коишто се изучуваат буквите, секако имајќи ги предвид актуелни буквари по кои учат и се описменуваат македонските деца. Тој нема намера да го истисне/замени официјалниот буквар. Тој сака да му биде побратим на тој буквар и другар на сопственикот на букварот.
„Букварот на Биби“ се отвора со писмо. И така тој како да си го отвора своето срце. Имено, Биби кога пишува „драго непознато другарчето“, тоа значи дека ти пишува токму тебе, драго дете, и притоа ти нагласува дека „овој буквар се чува како малечко богатство“. Затоа „Букварот на Биби“ е и книга и буквар и сликовница и боенка/цртанка и вежбанка и… И (на)ука и поука и игра…
Драги наставници и родители, драги баби и дедовци, „Букварот на Биби“ низ една синестизична концепција ги става во погон сите сетила на малиот читател, и окото и увото и допирот и низ весела игривост овозможува можното и неможното, текстуално и ликовно, особено преку илустрациите и ликовните решенија на Тхе Мичо, да сраснат во една компактна оствареност. Притоа се охрабрува дететото: и во пишувањето (почнувајќи од првите цртки и линии, кругчиња и полжавчиња); и во читањето (од буква до збор и до реченица); и во раскажувањето (било да е тоа преку слики, или преку можноста да даде некој свој поинаков крај на веќе започнатата приказна и така да се допише/дораскаже приказната, па и басната (2021: 50, 120)). Главната порака, инаку дискретна и суптилна, инаку упатена до самото дете е дека со своето невешто раче тоа може да нацрта, па и доцрта, да напише и допише сè што ќе се посака, сè што може, па и дури она што не може, зашто ако не може, тогаш тука е мама, тато, или некој друг да му помогнат… Но, најпрвин да се научат буквите, како што се учат игрите. И така буква по буква, печатна и ракописна, да научи и да пишува, и сè така до првиот збор, до првото сознание за магијата на пишувањето и цртањето, на читањето и играњето…
Затоа велиме дека „Букварот на Биби“ е исклучително креативен и педагошки убаво осмислен проект, и како таков ќе го олесни самиот чин на совладувањето на учењето на печатните и ракописните букви, а потоа и самиот чин на читањето.