Кон „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов

Контрастот село-град е прикажан и со нејзиното одење во Скопје со воз. А до неа седи ‘културата’, младич, панкер кој се разлкува премногу од неа прикажувајќи ја изопачената слика на градскиот живот. Ако Скопје е културата, селото е натурата...

Медена земја – горчлив живот или за жената-матица

Некаде зуи. Некаде далеку зуи.
Звуците се бранови на ветрот
низ тревите подгонети. Некаде зуи. Продолжително остро и нежно.
Глуво е сѐ. Сал ритамот
плиска….
Матеја Матевски („Ѕвона“, со моја мала интервенција)

За да се доживее текстов и да допре до оној што го чита, напрвин треба да се замисли зуењето на пчелите како најдлабока мелодија на некоја композиција креирана од природата. И не само зуењето на пчелите туку и шумолот на природата, лаежот на кучето, крцкањето на вратата од трошната куќа на Атиџе… Во овој документарец не е потребно да се внесуваат мелодии или звуци за да се разубават сликите кои се прикажуваат или снимаат, доволни се оние од природата и тоа е она што на прва средба со филмот ме фасцинираше. Многу се значајни звуците затоа што ни дозволуваат да го доживуваме сниманото како да се случува до нас, во нас… Да не го заборавиме звукот на муви кој буди некаква застоеност, звукот на воловите… А има ли нешто поболно од звукот на водата која капе во застареното леѓенче кога Атиџе ја мие мајка си, или звукот на тап удар кога Хамзе ќе падне врз трупчето или пак звукот на пилата што го сече домот на матицата… Но, не се сите звуци тажни, има и среќни звуци како оние кога децата скокаат во водата, кога Атиџе разговара на некој заумен јазик со своите пчели, смеата на народот на Ѓурѓовден… Уште многу звуци ми се будат во главата и ме скокоткаат, но овие се доволни за да го доловам моментот кога шумолот на природата, животот и зуењето на птиците ја создаваат хармонијата на постоењето.

 

Папочна врвца

– Доаѓа пролет…
– Има ли пролет? Толку многу зими поминаа…
(цитирано од разговорот помеѓу Атиџе и мајка ѝ)

Папочната врвца е најсветото нешто кое е создадено од Бог, од природата. Таа е света врвка која поврзува два света: оној на мајката со оној на детето. Во овој дел ќе се задржам на поврзаноста на Атиџе со мајка ѝ, на грижата која безрезервно ѝ ја пружа, на нераскинливата врска помеѓу мајката и ќерката. Грижата на Атиџе кон нејзината мајка која е пред умирање наликува на грижата на мајка кон своето новороденче, само што сега животот ги сменил улогите: Атиџе е мајката, а мајка ѝ е новороденчето кое треба да се роди отаде животот. Ладалото е предмет за усреќување иако старицата со сигурност не знае што е тоа… Посветеноста и позитивноста со која се грижи за својата мајка го фасцинираат гледачот. Последните мигови од животот на старицата се исполнети со вкусот на овошките со кои Атиџе ја храни. Овошките кои нам ни се на дофат за старицата се нешто свето, нешто посебно и затоа болат нејзините зборовите Дури и лубеница каснав. Атиџе ѝ пее песни, како мајката што ѝ пее на својата рожба, приспивни, весели… Атиџе гради култ на нежност и љубов со својата мајка. Оваа врска може да се толкува и преку зборовите на Јулија Кристева дека кога жената раѓа таа влегува во договор со сопствената мајка, таа станува, постанува нејзината сопствена мајка и тие се истиот континуитет, кој сам со себе се диференцира. Смртта на мајка ѝ всушност означува и остварување на првиот идентите Јас кај Атиџе затоа што колку и да е остварена како жена сепак тоа не било целосно возможно поради папочната врвца која не успеала да се пресече во текот на животот. Колку и да е болна смртта на мајката таа го означува и новото раѓање на Жената-матица која одново ќе се роди и ќе ѝ преостане само да се слее со и во природатата останувајќи сама со неа.

Жена-матица
Жената-матица, жената соединета со природата е Атиџе. Всушност кога зборував за папочната врвца и односот на мајката и ќерката не напоменав дека папочната врвца се остварува двојно, едната е Атиџе-мајка ѝ, а другата: Атиџе и нејзината ‘рожба’ пчелите или природата. Силната врска на Атиџе со пчелите се гледа и во фактот што таа не носи целосна опрема кога работи со нив, но сепак е нежна и тие во ниеден момент не ја касаат, туку делува како да ја почитуваат. Поврзаноста на Матицата со пчелите се гледа и преку заумниот јазик кој го користи кога ги довикува… Атиџе делува и како владетелка на природата, па и секогаш сопственичката на природата е жена, а во овој случај тоа е Атиџе. Нејзината душа како да е навезена со цвеќиња и како да мириса на мед, во неа нема ништо злобно. Нејзиното остварување како жена не се остварило преку мажењето и раѓањето деца поради несреќните околности кои ѝ ги сервирал животот (смрт на сите сестри, татко кој не ја омажил за да има кој да се грижи за него и за мајка ѝ). Раѓањето симболички се остварува кога ќе ја поврземе со природата и со пчелите. Од друга страна можеме да кажеме дека нашата Матица се остварува како самостојна жена која сама заработува и на која не ѝ е потребна машка поткрепа. Тоа може да го видиме во сцените кога оди во Скопје и го продава медот. А позитивизмот и желбата за разубавување никогаш не згаснале кај неа, таа и покрај лошите услови за живот се разубавува, се фарба. Надвор врне, а таа пее и се фарба, чиниш мома е. Овде морам да го споменам Фројд кој во своите истражувања смета дека жените се разубавуваат за мажите што во овој случај со Атиџе се покажува како неточно затоа што Атиџе се разубавува затоа што таа сака така, и тоа е доволно! Сизифовското е прикажано во една сцена кога таа турка една плоча во форма на круг по угорница, плоча која е наменета за нејзините пчели. Така го турка животот за да ги добие медовните плодови од него… Не може, а да не се спомене животната филозофија на Атиџе „пола-пола“. Пола за неа, пола за пчелите. Таа е вешта Матица, вешта Мајка на природата, таа знае како треба, не е себична, се соживува со природата и сраснува во нејзините прегратки.

Природна непогода

– Зошто не си одиш Атиџе од местово?
– Да имав син како тебе… сѐ ќе беше поинаку…
(цитирано од разговорот помеѓу Атиџе и момчето)

Нејзиниот хармоничен живот ќе се наруши со доаѓањето на седумчленото семејство во селото во кое таа е ‘владетелка’. Природната непогода доаѓа со нивното доаѓање. Во нејзиниот хармоничен свет доаѓа семејството кое создава дисхармонија и со неа и со природата. Интересно е прикажано нивното доаѓање и сместување посматрано од страна на Атиџе затскриена зад оградата. Таа бавно ги набљудува не сакајќи да се појави целосно пред нив, како да се плаши, како да претчувствува дека нешто ќе се смени. Тука се создава и контрастот меѓу нив, таа е сама со мајка ѝ, а тие се огромно семејство со голем број на стока. Начинот на кој живеат е примитивен и создава тажна слика, како да не е снимено сега пред две, три години туку како да е во некој друг век. Сиромаштијата, валканите алишта, многудетното семејство и борбата за живот сето сурово и вистинито прикажано. Запознавањето на семеството се одвива преку запознавањето на децата кога Атиџе оди по вода на селската чешма. Таа слика потсетува исто така на едно старо време опишано во фолклорната традиција на нашиот народ и во песните кога покрај чешмите се случуваат важни настани, а овде таков важен настан е запознавањето. Радоста е во малите нешта, а тоа се гледа кога се обидува Атиџе со децата да се забавува и да слуша музика. Се радуваат на секој јасно фатен фрекфенциски бран како да го освоиле светот, како да ја поразиле тагата. Природната непогода ја предизвикува Хусеин, таткото или главата на семејството кој се решава да одгледува пчели. Прикажано е и ѕитчето кое го дели просторот на Атиџе и нивниот простор, а моментот кога Хусеин ќе стапне во нејзиниот простор, бурата може да започне. Имено, се судираат два света: машкиот и женскиот, суровиот свет и природниот. А на крај ќе се покаже дека сепак жените се подобри управителки со природата затоа што тие знаат како треба со неа. Всушност, пред да се случи природната непогода врз Атиџе и нејзините пчели таа со целото срце ќе се обиде да го научи Хусеин на занаетот. А единствено неговиот најмал син ќе ги научи вистински лекциите за пчеларството од Атиџе и со неа ќе формира длабоко пријателство. Во него се гледа идниот пчелар, првиот вистински ученик на Атиџе. Интересно е и тоа што Хусеин и неговото семејство во одгледувањето на пчелите често се напаѓани, касани од истите. Пчелите ја сеќаваат добрата од лошата рака. Најсилна е непогодата во моментот кога ќе се појави откупувачот на мед, поради кој Хусеин ќе им го земе целиот мед на пчелите и нема да ја испочитува филозофијата на пчеларството „пола-пола“, а тоа ќе ги уништи пчелите на Атиџе. Суровоста на надворешниот свет претставен во откупувачот се гледа и во моментот кога се сече дрвото во кое мирува матицата на пчелите. Природата веројатно враќа и можеби поради сето зло што ќе го направат Хусеиновите пчели врз пчелите од Атиџе ќе ги стигне болест. Ќе се разболи стоката, воловите и кравите. Кравите на кои момчињата им помагаа да ја донесат рожбата на овој свет. Тоа ќе биде причината за нивното заминување. А, Атиџе, нашата матица ќе го набљудува тоа качена на височинка сакајќи да каже дека Матицата победила, но заминувањето на семејството ја остава сама во селото. Заминувањето значи и дека пријателската врска со момчето прекинува, но едно сигурно нема никогаш да прекине, а тоа е љубовта која Атиџе му ја всадува за пчелите.

 

Култура vs натура
Живописните слики на недопрената природа, трошната куќа во која живее Атиџе со нејзината мајка за нас претставуваат жешка шлаканица која нѐ враќа во реалноста. Реалност која и не е така розева затоа што зад висококатниците и бучавата на градовите се живее еден суров живот. Не е зад седум планини и мориња ами е тука зад пердето кое ни се вгнездило во очите и од кое не можеме или не сакаме да ја видиме таа слика. Документарецот го прикажува животот како суровост испреплетена со жолтата медова боја на природата. Позитивноста која се всадила во насмевката на Атиџе треба да нѐ разбуди од удобниот сон на незадоволството во кој сме западнале… Споредбата култура версус натура се гледа во паралелата град-село. Градот во кој сите живееме и селата како она од Атиџе со по еден, двајца жители… Сликата на пустош наспрема сликата на загушеност од згради… Контрастот село-град е прикажан и со нејзиното одење во Скопје со воз. А до неа седи ‘културата’, младич, панкер кој се разлкува премногу од неа прикажувајќи ја изопачената слика на градскиот живот. Ако Скопје е културата, селото е натурата… На една страна го имаме звукот на природата, а на другата звукот на чаршијата и пазарските муабети. Па така, селото е космосот (упатува на мир, смиреност), а градот е хаосот (прикажан преку брбливите продавачи и звукот на колите). Хармоничниот живот на селото кое заспало во убавината на природата го руши сликата на градот во кој време за спиење скоро и да нема. Просторот на куќичката во која има само едно импровизирано креветче, триножно столче и печка (стар пампур) е многу потопла од милиони домови. Селото изгледа како Помпеја, како Хераклеја, целото од камен, скоро срушено и напуштено, додека градот изгледа современо со висококатници. Но, тука си го поставуваме прашањето, што има подлабоки корени, зградите всадени во асфалт или селските куќички засадени во земја? Може да се сопостават трошната куќа на Атиџе вкоренета во селото и патувачката приколка која ја користи како куќа семејството. Куќата на Атиџе има корени, таа нема да ја напушти додека номадската приколка како да шепти дека не може да опстои на едно место, дека за брзо следи преселба. Во малата куќучка која личи на мало катче нема електрична енергија, единствено сонцето и огнот осветлуваат. Куќичката на Атиџе наликува на колиба. А колибата својата вистинитост мора да ја добие од интезитетот на својата суштина, суштината на глаголот домува. Со тоа, колибата е центрирана самотија. А самотијата има хипнотизирачко дејство, нѐ хипнотизира погледот на оваа осамена колиба во која има толку живост и во која се создава силно чувство на домување. Трошната куќа, колипка со една врата, еден прозорец, еден кревет упатува на самотија затоа што сѐ е во знак на бројот еден, но и во самотија се гради дом, најпрвин со себеси, потоа и со природата. На крај да се нема ништо, а да се има природата, нејзините животни сокови е нешто свето. Но, добронамерноста, доблестите, позитивниот став кон животот кога сѐ околу неа е обвиено во сивило, таа ја гледа во жолтата боја на медот, на пролетното сонце, онаа нишка надеж што не умира никогаш. Тоа што нѐ боли нас-гледачите е токму фактот што ние никогаш нема да можеме да бидеме такви- позитивни во сивило затоа што сме отруени од градскиот метеж.

Медена земја-горчлив живот

Време, удри и ти по споменот
грубо и незаситно.Некаде зуи.
Премногу дамна и сега.
Сѐ боли, небо. По тревата
на звуците познати легни ме.
Матеја Матевски („Ѕвона“ со моја мала интервенција)

Режисерите на документарецот „Медена земја“, Тамара Котевска и Љубомир Стефанов ја прикажа македонската болна стварност и животната приказна на Атиџе на многу светски платна. Приказната за Атиџе ја однесоа и на Оскарите каде доби две номинации. Не освои оскар во Америка ама кај нас освои толку оскари колку што чукаат срца. „Медена земја“ е наш, но истовремено и светски филм/документарец. Што и да се кажува секогаш ќе биде малку… Она што ќе остане е жолтеникавата боја на медот, неговиот вкус, сликата за медот од карпите. Можеби ќе нѐ натера да се свестиме дека природата секогаш си го наоѓа патот и дека таа може без нас ама ние без неа не. Во нас остануваат и жолата боја на сонцето и огнената на свеќите кои го исцртуваа лицето на Атиџе и на нејзината мајка во мракот како да се некои светици. Бојата на медот, на природата… Не се сомневам дека последната слика од филмот некој ќе ја заборави: Атиџе и нејзиното кученце сладејќи се со мед на сред зима насмеани и весели. Без зборови ни порачаа дека ако се грижиш за пчелките тие ќе имаат плод и во зима и дека зимата е студена, но таа ја наговестува пролетта, кога сѐ ќе се разбуди.
При првото гледање на документарецот во мене се роди и едно друго толкување за истиот, една можеби длабока порака што се крие зад него е таа дека нашата земја е медената земја, таа плодилка и родилка на животни сокови, а Атиџе е слика на целокупниот народ кој во таа медена земја живее горчлив живот! Можеби е така, можеби не, тоа останува да го одгатнеме во некоја наредна прилика…

Тагови од објавата
Напишано од
More from Елена Ѓорѓиовска
Кон „Гробница за Борис Давидовиќ“ од Данило Киш
Расказите проткајуваат заеднички модел на нарација: нараторот е резервиран за почетокот и...
Повеќе
0 replies on “Кон „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов”