Црвено и зелено

„Ова е амајлија од баба ми. Ми ја даде пред да умре. Знаеш, таа беше по потекло домородка. Нејзиното племе, Пујума, се занимавало многу со магија. Дедото нејзин бил врач и пред да умре и ја дал оваа амајлија на баба ми и и рекол дека има магична моќ на носење среќа.“

Беше околу половина час после пладне кога заѕвони телефонот. Сем сè уште спиеше и едвај се крена да го дофати и да изговори едно рапаво – Ало.
– Уште спиеш? – проговори женскиот глас од другата страна на линијата.
– Ммм – испушти потврден одговор со затворена уста.
– Цел свет работи, а ти уште спиеш.
– Па знаеш дека немам часови наутро.
– Па што не најдеш?
– Дорис… те молам… о боже… ми треба кафе… ќе се чуеме после.
– Во ред! – со повишен тон проговори таа и линијата се исклучи.
Го познавав Сем веќе неколку години од нашите вечерни дружења во Шида паркот. Беше познат по тоа што постојано велеше дека еден ден ќе отвори пицерија. Кој беше тој ден не се знаеше, но како што минуваа годините се чинеше дека тој ден беше сè подалеку.
Живееше во еднособно станче во она што може да се нарече предградие на Тајпеј во близина на реката Шиндјен. Беше средно висок и слаб, со црна коса која паѓаше до под ушите. Низ градот се движеше со велосипед и носеше ранец во кој обично имаше шишенце виски. Кога чекаше на црвено светло ќе го извадеше и ќе голтнеше од него.
После само неколку недели откако дошол овде да учи кинески, пред повеќе од десет години, го засакал местово и си рекол дека овде ќе остане до крајот на животот, а за тоа ќе му придонело пицерија која што тој ќе ја отворел. Но во меѓувреме, додека да се создадат услови за тоа, работеше како наставник по англиски јазик и вредно го учеше кинескиот. Морам да признам, беше еден од ретките странци што ги познавав со толку добар кинески.
Една вечер, седејќи на вообичаеното место под настрешницата во паркот, еден од момците го праша:
– Сем, до кај е пицеријата?
– Ох, до никаде. Немам пари.
– Можеби треба да земеш некој заем.
– Да, можеби, ама некако ме мрзи да го правам тоа.
– А немаш некоја заштеда?
– Ништо. Веќе извесно време немам утрински часови, а и попладневните и вечерните не се нешто многу, така што живеам речиси на работ на егзистенцијата – се поднасмеа Сем
– А зошто не земеш нови утрински часови?
– Аммм… и тоа ме мрзи нешто во последно време – рече и голтна од лименката пиво.
Навистина, ситуацијата на Сем беше сè полоша и полоша. Во градинката каде што предаваше англиски наутро го отпуштиле зашто почнал често да доаѓа мамурен, а и здивот му мирисал на алкохол. Па тоа не му се виде толку лошо. Сега можеше да остане да пие до доцна навечер, па дури и до рано наутро и да спие до пладне или после пладне. Остануваше во Шида паркот и откако сите ќе си отидевме, а некогаш после тоа одеше покрај реката во близина на неговиот дом и седеше на клупа и пиеше, некогаш и до раните утрински часови, кога веќе почнуваа да доаѓаат повозрасните лица кои вежбаа чигонг или тајчи чуан. После купуваше некаков појадок од драгстор и откако ќе го изедеше легнуваше да спие.
Во последно време штедеше на сè освен на алкохол и цигари. Ние тоа го знаевме, а се гледаше и по неговиот изглед. Одеше со парталави маици, некои со дупки, патиките исто така му беа искинати, а фармерките излитени и оддаваа впечаток дека се многу стари. Исто така, косата често му изгледаше несредена и мрсна, како да не се бањал неколку денови. Но тој не изгледаше многу загрижен, барем не толку колку што беше загрижена Дорис.
Дорис беше локална девојка и понекогаш доаѓаше со Сем во паркот. Беше со средно низок раст, тркалезно лице, долга коса која што и ги покриваше рамењата и најчесто носеше фармерки и патики и обична маица или блуза. Околу вратот секогаш имаше тенка врвка на која висеше нешто што наликуваше на камче во црвена и зелена боја. Не се интересираше многу за темите кои јас, Сем и останатите ги дискутиравме, но понекогаш јас и таа ќе развиевме некој муабет, околу разни работи. Ме прашуваше за моите студии по филозофија, за тоа како се живее и што се јаде во мојот роден крај итн. Се разбира, на Сем тоа му одговараше зашто така на Дорис и беше помалку досадно и тој можеше да остане подолго.
Една вечер седејќи во паркот, ми падна во очи црвено-зеленото камче околу вратот на Дорис, па ја прашав што е тоа. Таа рече:
– Ова е амајлија од баба ми. Ми ја даде пред да умре. Знаеш, таа беше по потекло домородка. Нејзиното племе, Пујума, се занимавало многу со магија. Дедото нејзин бил врач и пред да умре и ја дал оваа амајлија на баба ми и и рекол дека има магична моќ на носење среќа.
– И, и донело среќа? – веднаш прашав јас.
– Па баба ми велеше дека имала среќа да се омажи за добар човек, мојот дедо, кој имал свој мал бизнис и во времето после војната кога во Тајван владеела сиромаштија, можеле да имаат прилично пристоен живот. И се разбира, сето тоа го припишуваше на амајлијата.
– А тебе? Ти носи среќа?
– Па… што знам – погледна накај Сем кој зборуваше нешто со другите и мавташе со рацете – поминаа три години од смртта на баба ми. Не знам што да кажам. Или можеби треба да бидам стрплива – и се насмевна.
– Така е – се насмевнав и јас и голтнав од пивото.

* * *

Едно врнежливо попладне додека работев нешто на компјутерот, ми стигна порака на телефонот. Го зедов и видов дека е од Дорис. Се изненадив зашто никогаш до тогаш не сме се допишувале. Ја отворив пораката и во неа пишуваше: “Здраво, јас сум Дорис, дали си слободен да ти се јавам?”
Кога одговорив на повикот, прво што слушнав од другата страна беше шмркање, што ми остави впечаток дека најверојатно плачела.
– Извини што ти се јавувам, да не ти пречам? – и трепереше гласот.
– Не не, повели.
– Види – пак шмркна – извини што ти се јавувам, ама тебе те знам најдобро од другарите на Сем. Не знам кому друг да му се обратам. Дали имаш време да ме ислушаш?
– Да да, слободно, кажи.
– Во последно време Сем не е добар. И ти знаеш, го гледаш… само пие и воопшто не мисли на иднината. Седи до рано наутро и пие, станува после пладне, веќе речиси не ни заработува доволно за да се издржува. Дури и кога преноќувам кај него, јас ќе заспијам и тој продолжува да пие до рани зори. Зошто стана ваков? Порано имавме убава визија за иднината: ќе отвори пицерија, јас ќе помагам во неа, ќе се земеме, па ако сè е во ред и дете ќе имаме. Ама сега не гледам дека тоа може да биде. Со ова негово однесување тешко дека нешто од тоа може да се оствари. Не знам што да правам. Еве, веќе наполни триесет и пет, а и јас не сум многу млада. Што мисли до кога може вака?
Се слушна уште едно шмркање и настана тишина. Не очекував дека ќе слушнам нешто вакво од неа и со ваков тон. Не знаев што да кажам. Сето тоа што го кажа беше вистина и имаше смисла.
– Така – реков отсечно.
– Денес се расправавме – продолжи таа. – Меѓутоа, не сакам многу да ти одземам време. Сакам само да те замолам нешто, може?
– Слободно.
– Ако можеш да поразговараш со него, може тебе ќе те послуша.
Кратка тишина. Ми падна малку незгодно. За вакви работи со Сем не сме зборувале.
– Добро – реков. А што можев друго да речам.
– Ти благодарам многу. Само уште нешто. Те молам не му кажувај дека сум ти се јавила.
– Во ред – реков. А што можев друго да речам.
Беше вторник или среда, не можам да се сетам точно и врнеше цел ден, така што претпоставив дека ќе нема никој од момците во паркот, што би било идеална прилика да поразговарам со Сем на само. Му пратив порака да се најдеме таму и тој со задоволство ја прифати поканата.
Седев скриен од дождот под настрешницата со отворена лименка пиво и мислев како да го почнам разговорот. Тогаш се појави Сем на својот велосипед облечен во мантил за дожд. Ме поздрави и се симна од велосипедот. Го соблече мантилот и го префрли преку клупата. Седна до мене, од ранецот извади лименка пиво и шишенце виски. Го отвори и рече:
– Сакаш голтка?
– Не фала.
Тој се напи една и го врати шишенцето назад во ранецот. Ја отвори лименката и ја крена кон мене да наздрави. Откако се напивме по една голтка, извади цигара и ја запали.
– Како си? – реков обидувајќи се да го скршам мразот.
– Никако – одговори тој.
– Зошто?
– Денес ми е роденден.
– Па тоа е добро, ај среќен роденден.
– Фала, ама имавме расправија со Дорис – Сем вовлече од цигарата.
Потоа ми раскажа за нивната расправија која завршила со тоа што Дорис налутено си отишла. Тоа не можеше да биде подобро кршење на мразот за она што јас требаше да го кажам. Кога заврши, реков:
– Види, Сем, мислам дека ако вака продолжиш сигурно ќе ја изгубиш Дорис. А мислам дека не го сакаш тоа, нели?
Тој одмавна со главата во знак на одрекување.
– Добро, не сакам да ти кажувам сега, ајде престани да пиеш, легнувај си порано, тоа сигурно веќе Дорис ти го зборувала.
Тој кимна со главата во знак на потврдување.
– Друга една работа – продолжив – нели велеше дека сакаш да отвориш пицерија. Ама вака како што си тргнал, тешко дека ќе биде тоа. А ние сите веќе едвај чекаме да ја отвориш, ни се јаде пица веќе одамна, лиги ни течат – се обидов да внесам мала доза на хумор. Сем кратко се насмеа. – Ајде барем за нас отвори ја таа пицерија веќе еднаш.
Сем стрпливо ме ислуша. Кога завршив, запали уште една цигара и рече:
– Искрено да ти кажам, веќе не знам ни дали сакам и дали можам да го правам тоа.
Го извади шишенцето виски, го отвори и ми го подаде. Јас го зедов, се напив една голтка и му го вратив. И тој се напи и го остави на клупата.
– А инаку што ќе правиш? Да не мислиш да се враќаш во Америка?
– Не не – отсечно рече Сем.
– Е па тогаш ајде, среди се и почни да работиш на пицеријата.
– Како што ти реков, не сум сигурен веќе дали сакам.
– А што сакаш?
– Не знам. Всушност и вака не ми е лошо. Само да најдам повеќе часови за работа и ќе биде добро. И се разбира да средам со Дорис, да не се лути… мислам дека ќе и помине. Ќе се врати.
– Од кај знаеш?
Сем брцна со раката во предниот џеб и ја извади амајлијата на Дорис.
– Види – рече – ја имаше оставено на масата. Ти знаеш дека ова е од баба и? Ова е нешто што не се заборава туку така. Намерно ја оставила за да се врати.
Сфатив дека е бесполезно да се разговара на оваа тема. И решив да се откажам.
– Добро тогаш – реков. – Види, утре рано наутро имам некоја работа, да го допијам ова и ќе си одам.
– Нема гајле – рече Сем гледајќи во амајлијата во раката.
– Ти што ќе правиш?
– Ќе останам тука уште малку. Престанува да врне. Може ќе одам после до кај реката – и сè уште не го тргаше погледот од камчето.
Ја испив последната голтка од пивото и станав да си одам, кога Сем наеднаш извика.
– Мрдаат!
– Што?
– Мрдаат боите, види!
Ми ја покажа амајлијата. Јас ја зедов да ја видам одблиску и по неколку секунди му ја вратив.
– Не бе, не мрдаат.
– Хмм… добро – рече Сем збунето. Гледаше уште некое време во неа и ја врати во џебот.
Одејќи накај дома и напишав порака на Дорис: ”Само што разговарав со Сем, дадов сè од себе, но не можам да ветам ништо.” Стигна одговор: ”Ти благодарам многу.”

(продолжува)

Тагови од објавата
More from Александар Стаматов
Црвено и зелено
Се чекавме пред излезот од метро станицата. Кога дојдоа сите, тргнавме долж...
Повеќе
0 replies on “Црвено и зелено”