Полнота на животот / Сонцето

Остави ги човеку тривијалните разговори / И мислите од кои денот ти се затемнува / Предај ѝ ги на водата сите тежини / за да го видиш сонцето поубаво во зората.

ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ

 

Ги гледаш ли онаму

Сите тие луѓе кои се избориле

со својот непријател?

Пробај да си дел од нив

Спротивстави му се нему во огледалото!

 

Времето е целосно твое

Твои се сите утра кои може

да ги обоиш во пастелни бои

Твои се ноќите и тишината

Која е мека како памук.

 

Ги гледаш ли птиците

Од својот прозорец

Сфаќаш ли колку е убава слободата

Колку е вредно твоето постоење

Во полнотата на животот.

 

 

 

СОНЦЕТО

 

Сè се одвива во потполна беспрекорност

Онака како што треба

Онака како што е замислено

Најсовршено, добро и свето.

 

Остави ги пријателе старите чунови

Нека се одморат од патилата

Остави ги косачу високите треви

Нека си спомнуваат

за своите врвови пред поколенијата

Остави ги златару паричките

Недолиени, негравирани

така поубав дар за младенчиња ќе бидат

кога ќе пораснат ќе имаат што да видат.

 

Остави ги човеку тривијалните разговори

И  мислите од кои денот ти се затемнува

Предај ѝ ги на водата сите тежини

за да го видиш сонцето поубаво во зората.

 

Тагови од објавата
More from Мирослав Трајковски
Посета / Ветришта
Ги чувстуваме ветриштата / Кои носат многу размислувања / Нескротливи луњи во...
Повеќе
0 replies on “Полнота на животот / Сонцето”