Кон „Совршената дадилка“ од Лејла Слимани

Имено, книгата е според вистинит настан и авторката, според мене, многу умешно избрала да ја започне приказната со крајот

Иако е сторено кривично дело, оваа книга не е трилер, туку психолошка студија на ликовите, нивните карактери и начин на живот и социјалните разлики меѓу нив. Книга која крие длабоки, помалку или повеќе, скриени пораки во содржината. Едната ќе ја сфатите преку корицата, која е, всушност, апсолутно совршена според мене: Униформа на дадилка чие лице не е прикажано. Драги мои, тоа е една од скриените пораки во оваа шокантна приказна, каде што преку невидливиот лик на дадилката се прикажува класната разлика во општеството. Колку поголеми ти се шансите да работиш како мигрант, толку помалку ти се шансите да те ценат и вреднуваат како индивидуа и личност. Затоа и нејзината приказна не е воопшто битна за ова семејство. Тие на моменти се поставуваат пријателски кон неа и се обидуваат на заедничка вечера да ја запознаат со нивните пријатели и претпоставени, но ниту еднаш не прашуваат ништо за неа: ни каде живее, ни со кого, ни како… сè додека не почнат работите да тргнат поинаку. Да, тогаш е битно кој си.
Книгата започнува од крајот. Ние ги знаеме последиците и сторителот, но не ги знаеме причините. И лека-полека Лејла Слимани на еден едноставен јазик и со лесни реченични структури, ни ги раскажува причините за дисфункционалноста на совршената дадилка Луиз. Нè запознава со нејзиното семејство и минато, со нејзините претходни работни места и газди, со нејзиното растројство, и преку таа нарација откриваме како и зошто дошло до тој прекин на совршенство.
Миријам, мајката на децата, е далеку од совршена мајка. Многу далеку. Кога конечно успева да ја најде совршената дадилка, која, патем, по сопствена неплатена желба работи и како куќна помошничка, Миријам на прво место се става себеси и својата кариера. Таа знае дека платата што ќе ја добива од работата ќе ѝ ја дава на дадилката, но нејзе ѝ е побитно да излезе од дома и да се ослободи од децата и од грижата за нив. Во еден или два наврати, додека е на работа, оваа мајка немајка размислува каков би и’ бил животот доколку би ги немала децата, дека животот сигурно би ѝ бил помирен и поубав кога би ги немала воопшто. Се случуваше неколку дена по ред да се враќа од работа и да не ги види сопствените деца будни за да им посака барем добра ноќ, затоа што тие веќе спиеја. А во деновите кога ќе ги видеше, не можеше да ја препознае болката во очите на својата ќерка Мила, која мене ми беше единствениот лик со кој сочувствував во оваа приказна. Како може една мајка да ја погледне ќерка си во очи и да не ја препознае тагата во нив? Како може една мајка да ги види модринките на своето дете, а да не го праша од каде му се? Како може на една мајка кариерата да ѝ биде поважна од своите деца?

Имено, книгата е според вистинит настан и авторката, според мене, многу умешно избрала да ја започне приказната со крајот, затоа што ако завршеше како што започна, нашите реакции ќе беа потрогателни и ќе чувствувавме гнев и омраза затоа што ќе бевме запознаени со ликовите и приказната. А вака сме само шокирани и зачудени и ја бараме причината за несаканите последици. Едно големо браво за изборот на авторката за начинот на пренесување на поентата на приказната.
Никој не може да се грижи подобро од вас за вашите деца. Грижете се вие за вашите деца. Но, доколку не сте во можност, дозволете им на децата своето време да го поминат со нивните баби и дедовци или со други членови од вашите семејства. Доколку не сте во можност и за тоа, потрудете се да дознаете и да ги запознаете луѓето што ќе се грижат за вашите деца. Внимавајте во изборот, затоа што од тоа зависи животот на вашите деца.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Денис Бојаров
Кон „Гитара од палисандер“ од Кристина Гавран
Приказната е врамена од метафоричкиот лик на една жена, носител на животоносно...
Повеќе
0 replies on “Кон „Совршената дадилка“ од Лејла Слимани”