Краток осврт кон „Невидлива жена“ на Славенка Дракулиќ

Подредувањето на куферот функционира како подредување на животот. Се разработува постојаната потреба на човекот да го (о)држи во ред животот, да го контролира, да го задржи во однапред зададени граници бидејќи изненадувањето е помало со предвидувањето. Апсолутната подготвеност за одбрана во секој даден момент е само поради стравот од непознатото.

Како да се измие вкусот на горчина од устата?

Најновото книжевно остварување на хрватската писателка Славенка Дракулиќ, претставува комплексна збирка конципирана во целина преку шеснаесет автономни раскази. Иако при исчитувањето во прв план, акцентот паѓа на бремето на староста, ова дело во никој случај не може да се стави во една, единствена рамка. Приказните, иако одделни, постојано се допираат меѓусебно во есенцијални точки. Невидлива жена и други раскази е женско писмо за осамата, отуѓувањето, напуштањето и загубата, за фрагилната природа на човечките односи. Меланхолични, служат како осуда на патетичноста и самосожалувањето, расказите дејствуваат како освестувачки шамар во побуната против исчезнувањето.

Сивило, истуткани чаршави, слаб мирис на јасмин и лаванда

Домот, како фактички простор, претставува исклучително важен дел од интеграцијата на идентитетот на невидливите, раскуќени жени. Тој е појдовна точка од која се тргнува за да се разрешат нивните најинтимни болки и доживувања. Се продава куќа е расказ – меморија. Евоцирањето на спомени е чин на документирање на сопствениот живот и потврда за личниот идентитет. Разликата е во тоа што, сегашноста е крајно спротивна со претставата на минатото.
„Мојата мајка во староста посака да се врати на местото каде што некогаш одамна се чувствувала сигурно, во нешто познато што ѝ припаѓа само нејзе. Како се чувствуваше кога виде дека куќата е провалена, дека нема враќање, дека и нејзе ѝ е украдено минатото, дури и спомените?“ (Дракулиќ 2019: 122)
Можно ли е, пишува Дракулиќ, да се силува куќата, да се отвори насилно, да се провали во нејзината утроба, да се осквернави туѓата интима? (Дракулиќ 2019: 121) Куќата веќе не е симбол на интимност, туку стои како потсетник на ужасот кој останал да сведочи за националистичката војна. Напуштањето на домот е осуда на внатрешен егзил. (Шелева 2005)
Своите раскази, Дракулиќ најпрво ги отвора со цитат од Ани Ерно: „Да старееш, тоа значи за избледнеш, да станеш проѕирен.“. На сите раскази може да се гледа како на хроника на исчезнувањето, во кои фигурата на Невидливата жена е сеприсутна. Невидливи, без исклучок стануваат и мажите. Испливуваат на површина сите несигурности при пропаѓањето на машкото тело, особено во Непосакуван сведок, каде жената, вели: „Гордоста не му дозволуваше некој да му ги види белата истенчена кожа посеана со старечки петна.“ (Дракулиќ 2019: 80). Постои ли одреден момент кога човек може да каже – еве, сега остарев?
Каде започнува невидливоста? Таа ја лоцира најпрво во брачниот кревет. Не станува збор за погрешната слика на жената за себеси и за нејзините најдлабоки несигурности, туку за еден поглед накриво и забелешка кажана во лошо време од оној кој ѝ е најблизок. Потоа, општеството продолжува да ја модифицира первертираната слика – таа избледува и во очите на другите, во оние моменти кога ќе престанат да ја забележуваат. Исто онака како што во Панталони на распродажба ликот на мажот се смалува пред младоста на купувачите. Тука иако машкиот и женскиот свет се прикажани како одделни поларитети, тие не се оспоруваат. Признавајќи се како заемни субјекти, двајцата невидливи кои се видоа барем еден со друг (Дракулиќ 2019: 63) заеднички ќе ѝ пркосат на осудата на долготрајно понижување (Дракулиќ 2019: 108).
Прашањето за односот кон телото се разработува и во Колач од јаболка, расказ кој излегува од сферата на домот, во кој се актуализира проблемот на брачната изневера. Но, во никој случај овој расказ нема морализаторска тенденција, туку единствено има за цел да го проблематизира пустошот кој надоаѓа после копнежот. Патријархалниот свет, иако понекогаш можеби со негодување, сепак на крај го дава своето, условно речено амин, при релацијата воспоставена меѓу постар маж и помлада жена.
Но, што кога таа премолчена конвенција е прекршена? Помладиот маж функционира како огледало, но лажливо, кое ја има моќта да му покаже на женскиот субјект една поразлична верзија, пишува Дракулиќ. Општоприфатено е мнението дека возрасната жена е далеку повеќе способна од младата жена да го оддели еротизмот од чувството (Бовоар 1989). Но, во горенаведениот расказ, единството е мошне цврсто, иако свеста се спротивставува на тоа.
Истутканите чаршави се симбол на постојаното исчекување надоместено во неколку часа, а белата боја, симбол на невиноста, прераснува во белина која ужаснува и е ознака на самотијата. Борбата со вродената себичност на човекот е суштината на прашањето – како да го пуштиш некој кој не ти припаѓал? Останува телото како живеалиште на она што било, но никогаш веќе нема да е, да се стреми кон надминување на траумата во светот изделен на фрагменти.
„Понекогаш во неа ќе се појавеше силна желба за него, на улица, во автобус. Во тој миг ќе се вкочанеше, како кога нагло ќе те заболи заб. Нејзиното тело, кое ги имаше запамтено неговите допири, тогаш накратко ќе оживееше.“ (Дракулиќ 2019: 102)
Список на работи што треба да се понесат на пат иако последен во збирката на Дракулиќ, можеме да го читаме и како расказ – меѓник меѓу свеста за стареењето и потполното исчезнување. Подредувањето на куферот функционира како подредување на животот. Се разработува постојаната потреба на човекот да го (о)држи во ред животот, да го контролира, да го задржи во однапред зададени граници бидејќи изненадувањето е помало со предвидувањето. Апсолутната подготвеност за одбрана во секој даден момент е само поради стравот од непознатото.
Соочувањето со процесот на стареење најреално се забележува во огледалото, таму го гледаме Другиот, непознатиот. Може да се каже дека преку староста директно се доаѓа во допир со Другиот, а релацијата кон Другиот е релација на мистерија (Бановиќ – Марковска 2007). Доколку телото го поистоветиме со храм, се поставува прашањето – дали тоа ја задржува својата светост додека пропаѓа? Апсолутно, бидејќи човекот не е безличен објект. Судирот е центриран околу тоа да се остане личност, да се остане Јас, а не да се остане само тело. Проблемот на идентитетот не смее да се изедначи со минливоста на телото. Следствено, рамнодушноста кон телото во Неделата е тивка и сива е сосем природна.
Но, што кога умот е првиот предавник на тоа Јас, а не телото? Не е тоа ништо претставува расказ посветен на болната свесност за исчезнувањето. „… ѝ недостигаше чувството на целина. Не, веќе не беше цела. Парче стварност во еден момент ѝ избега и направи дупка низ која истече. Ништо веќе не беше како порано.“ (Дракулиќ 2019: 22) Во Кафето веќе го нема истиот вкус преведувачот ги губи зборовите – ироничен призвук на животот. Сепак, важен е неговиот однос кон ситуацијата – тој не признава гласно дека постои проблем. Продолжува тивко да се бори, додека во брачниот кревет се вгнездува стравот да не се остане потполно сам. Чија болка е поголема – на оној кој се губи себеси и не е свесен за тоа или на оној кој е само нем сведок? Овој расказ е доказ за тоа колку навидум тривијално нешто како ритуалот на заедичко пиење кафе може да ја изгуби својата смисла во лавиринтот на бесконечната празнотија.
Во интервју со Ана Јовковска, Дракулиќ, вели: „Старите луѓе никој не ги препознава, бидејќи не се веќе важни. Во денешнава култура, тие се товар, не само на општеството туку и на најблиските. Никогаш немаме време за нив. Дружењето со нив ни е обврска, а не радост. Згора на тоа е и чувството на гризење на совеста дека не се грижиме доволно за нив.“ Оттаму, расказите Неделата е тивка и сива, Тато седи на дното на скалите, Расчистување и Годишнина функционираат како раскази – пресметка. Пресметка со (мртвиот) родител, но пред сѐ пресметка со себеси. Родителите се оние субјекти со кои човек е најинтимно поврзан и чија прва меморија носи, но парадоксално на тоа, родителите се и луѓето кои всушност најслабо ги познаваме.

Чоколада во црвено пакување, заледено море, сируп од малина

Тато седи на дното на скалите нуди маркиран почеток, опис за тоа како изгледа татковата недостижна фигура во очите на едно мало девојче. Но, многу скоро, нарацијата се крши, импозантниот опис се губи. Останува само поделената претстава за него. „Татко ми, тој не е тато, туку човек што ми се обраќа со повишен глас. Неговите очи се ладни.“ (Дракулиќ 2019: 65)
Генерацискиот јаз се продлабочува поради забраните и рестрикциите, а поради еден клучен ултиматум репресивната функција на домот која предизвикува нелагодност, неизбежно преминува во револт и крајно отуѓување. Од убавиот, храбар и недофатлив татко нема ни трага. Го нема ниту татиното девојче со чоколада во црвено пакување. Само резигнација и непријатност. „Премногу слични, разочарани еден од друг, ги пропуштивме сите шанси да се помириме со тоа какви сме и да се обидеме да бидеме подобри еден кон друг.“ (Дракулиќ 2019: 74)
Сонот како медијатор, како индикација за неискажаната мачнина е точката што ги поврзува Тато седи на дното на скалите и Расчистување. Во репетитивноста на соновите ги детектираме осаменоста и каењето. Пресметката со постедипалната мајка на Фројд екслицитно е покажана преку „рушењето на нејзината интима“; преку расчистување на плакарот во домот за стари, кој е симбол за нејзиното битие. Од мајчината суета и постојана критика не останува ништо. Останува само самопрекорот поради неисполнување на заветот, завиен во форма на бедна утеха и каење поради сопствената, постојана игнорантност.
Интимниот попис во Годишнина функционира на исто рамниште како и оној во Расчистување – деструкција на идентитетот. Реалната мисла за неприфаќањето и негирањето на смртта на мајката се канализира и процесира преку сонот како чистилиште. Доколку засебно се разгледаат Неделата е тивка и сива, Расчистување и Годишнина постои простор за да може слободно да се каже дека тоа се раскази за една иста жена. Како заедничка нишка што ги спојува во една целина е и мотивот на загубата на синот, кој умира на средината од својот земен живот.
Се тематизираат нетреливоста, оддалеченоста меѓу мајката и ќерката – странци, потиснувањето наместо соочувањето, лутината и сожалувањето и постојаната себичност. Една прегратка продолжува да лебди во воздухот, заедно со прашањето – зошто го ускратуваме допирот на оние на кои најмногу им е потребен?

Тагови од објавата
Напишано од
More from Јованка Пачовска
Кон „Пасија по Г.Х.“ од Кларис Лиспектор
Лесно можам да го избегнам конзистентниот хаос на другите луѓе, но како...
Повеќе
0 replies on “Краток осврт кон „Невидлива жена“ на Славенка Дракулиќ”