ПРОФЕСОРОТ МОУ

Улицата почна да се накривува, а со неа и зградите од едната и паркот од другата страна.

– Само момент – проговори менторот на мојата докторска дисертација додека гледаше во екранот на компјутерот пред него и типкаше на тастатурата. Седев на фотелја лево од неговата маса, во ќошот на кабинетот, чии ѕидови беа покриени со полици на кои имаше книги. Всушност, книги имаше насекаде низ кабинетот. До масата на менторот, пред масата, на масата и дури на сред собата имаше неколку полици со книги. Така што движењето беше ограничено. Имаше само две патеки: една од вратата до столчето на менторот и една од вратата до фотелјата на која што седев. Бев при крај со пишувањето на мојата дисертација за Лаоце и ова требаше да биде нашата последна консултација.
– Готово – рече менторот. Ја исправи главата и се сврте кон мене. – Твојата дисертација е при крај и наскоро ќе ја браниш. Но, има уште една работа што може би било убаво да се додаде. А тоа е гледиштето на професорот Моу. Добро? Знаеш, тој е многу значаен мислител и има многу оригинални идеи во толкувањето на кинеската филозофија.
– Но… професоре… нели… професорот Моу е познат по толкувањата на конфуцијанизмот и неговите гледишта за филозофијата на Кант? – проговорив тивко и плашливо. – Како би го применил тоа овде?
– Да – се насмеа менторот – но има пишувано и нешто за Лаоце. Неговото гледиште за Тао е мошне специфично и оригинално. Тоа не значи дека мора да се согласуваш со него. Можеш и да го критикуваш. Добро?
– Добро.
– Ајде, кога ќе го направиш тоа, прати ми ја новата верзија. Добро?
– Добро.
Извади менторот од фиока еден лист хартија за печатач и почна на него да пишува нешто.
– Еве, побарај ја оваа книга од професорот Моу, а исто можеш и овие автори да ги консултираш. Добро?
– Добро.
Ми го подаде листот, му се заблагодарив, го поздравив и веднаш се упатив кон библиотеката.
Откако ја најдов потребната литература, тргнав да си одам дома. Универзитетот се наоѓаше издигнат на еден рид, на околу четириесеттина километри западно од Тајпеј. Прво со автобус отидов до железничката станица во Џонгли, а оттаму се качив на воз за главниот град. Уште во автобусот и возот почнав да ги разлистувам книгите. На корицата на една од книгите имаше слика на професорот Моу во доцните години од животот. Имаше високо чело и косата му беше малку обелена. Носеше очила, имаше блага насмевка со затворена уста, подзамижани очи и големи уши.
Кога стигнав дома уште веднаш се фатив со работа. Навистина неговото гледиште беше специфично. Тој смета дека Тао, кој е главниот концепт на филозофијата на Лаоце, не е она што вообичаено се мисли. Односно, дека не треба да се сфати како извор на сè што постои и принцип на сите промени и движења во светот, туку дека идејата за Тао била некаква си субјективна визија, т.е., дека произлегува од субјективната состојба на умот постигната преку праксата. Така што веднаш претпоставив дека навистина има простор за критикување, како што и рече менторот. Таа вечер легнав и заспав со една од книгите.
Беше петок. Навечер обично со пријателите се собиравме на пиво и муабет во Шида паркот, кој се протегаше долж улицата со исто име, а после тоа можеби и на друго место, ако ни тргнеше. Меѓутоа, имаше уште цел ден да помине до тогаш. Отпрвин се фатив за работа околу последната задача за дисертацијата. Професорот Моу објаснува дека ваквата субјективна визија доаѓа поради тоа што концептот на небитието кај Лаоце не е чиста празнина, како што е тоа во западната филозофија, туку претставува практична субјективна ментална состојба. Така, Тао не е нешто што објективно постои туку е концепт што субјективно произлегува од праксата, но ние мислиме дека објективно постои. Тоа е така затоа што небитието не е онтолошки концепт, туку практичен.

Попладнето требаше да одам во школото за англиски јазик. Не заборавив со себе да понесам една од книгите. Возењето со метро траеше околу петнаесетина минути, така што можеше и тоа време да се искористи за читање. Влегов во возот, седнав до вратата од спротивната страна и веднаш ја отворив книгата. Се разбира, вакво екстремно гледиште наидува и на многу критика. Дали од тврдењето дека Тао е субјективна визија може да произлезе дека филозофијата на Лаоце е некаков си субјективен идеализам? Ова би било малку претерано, нели?
Возот застана на станица и вратата од спротива се отвори. Забележав како еден постар патник се приближуваше полека кон возот. Прво стапна со едната нога, па полека направи чекор со другата и веќе беше во возот. Со ситни чекори се движеше кон столчето спроти мене и полека седнуваше. Гледаше во мене со блага насмевка на лицето. Забележав дека имаше високо чело и големи уши…
А? Па тоа беше никој друг туку професорот Моу!
Се стаписав и го гледав со ококорени очи, а тој продолжи да зјапа во мене со благата насмевка. Тоа траеше неколку секунди сè додека тресокот на книгата врз подот на вагонот не ми го одвлече вниманието. Се наведнав да ја земам и кога погледнав накај професорот Моу, видов дека на неговото место седеше едно старче и ме гледаше со широка насмевка. Кога погледите ни се вкрстија тој кимна со главата. Кимнав и јас, ја отворив книгата и го насочив погледот кон неа.
Одеднаш некаде од вагонот почна да се слуша силно пиштење. Титититииии… титититииии… титититииии. Најверојатно доаѓаше од нечиј телефон. Погледнав низ вагонот и видов една жена која испаничено буричкаше во чантата и го бараше изворот на пиштењето. Ми се чинеше како чантата да немаше дно. Го бараше и никако не можеше да го дофати. Пиштењето толку ми идеше на живци. Како цела вечност да го бараше. На крај успеа од чантата да извади телефон и го запре пиштењето.
Пристигнав во школото малку порано и во училницата сè уште немаше ниедно дете. Седнав на учителското столче и бидејќи имаше уште неколку минути до почнувањето на часот, ја отворив книгата. Значи, како што тврди професорот Моу, Тао е субјективна визија, која што произлегува од нашата пракса, односно, од небитието сфатен како практичен концепт. Но, работата е што ова може да се критикува дека е премногу конфуцијански опишано, т.е., дека професорот Моу се обидува да го стави Лаоце во конфуцијански рамки.
Како што читав забележав дека некој ѕирка од вратата. Ја кренав главата и го видов високото чело на професорот Моу со едно од неговите големи уши издадени од зад ѕидот кај вратата. Потоа влезе и седна на едно столче гледајќи ме со блага насмевка. Се гледавме така неколку секунди додека тој не проговори.
– Наставниче!
– Молам?
– Ви паднала книгата.
Се наведнав да ја земам и кога се исправив, на местото на професорот Моу седеше еден од моите ученици.
Таа вечер, како што и планирав, отидов до Шида паркот. Се собравме вообичаено под правоаголната настрешница која од трите страни беше затворена со клупи, а едната страна беше отворена кон улицата, стоејќи паралелно на неколку метри од неа. Јас седев на клупата од десната страна и полека пиев од лименката. Момците разговараа нешто, но мене мислите ми одеа кај професорот Моу. Знам дека еден од момците се обидуваше да докаже нешто што не сите се согласуваа. Во еден момент се сврти кон мене и ме праша што мислам, а јас отсечно одговорив:
– Па сигурно не е субјективна визија!
Тој замолчи, се подзамисли малку вртејќи ги очите и рече:
– Да, може си во право.
Момците продолжија со дискусијата, а јас отворив втора, трета и не знам веќе која по ред лименка пиво. Нивната дискусија стануваше сè пожестока, но некако нивните гласови како да се оддалечуваа од мене. Сигурен сум дека зборуваа многу гласно, но јас едвај можев да ги слушнам. Наеднаш настана тишина. Забележав дека на една од клупите седеше никој друг, туку професорот Моу. Ме гледаше со познатата блага насмевка. Штом погледите ни се сретнаа, тој стана и почна да се движи накај мене со ситни чекори. Дојде и седна од мојата десна страна, ме фати за десното рамо и ме протресе.
Наеднаш гласовите се вратија, но жестоката дискусија беше завршена. Сите беа станати и се спремаа да си заминат. До мене седеше еден од момците кој со раката сè уште врз моето рамо рече:
– Ќе одиме до Рокси на по некое шатче текила, ќе дојдеш?
– Не фала, вие одете, мислам дека доста ми беше за вечерва.
Тие почнаа да си одат, а јас останав да седам уште малку да потсоберам сила. Кога одеднаш одзади се слушна силно пиштење. Титититииии…. титититииии… Се свртев и видов еден човек како буричка во џебот од панталоните барајќи го телефонот. Некако едвај го извади од џебот, но му се слизна од рацете и при падот човекот направи движење со ногата обидувајќи се да го спречи да падне, но испадна дека го шутна и тој одлета на два-три метри пред него. Не можев веќе да го поднесам пиштењето. Ми се чинеше дека траеше цела вечност. Ми идеше да се стрчам и да го грабнам телефонот. Човекот направи два големи чекори, се наведна, го дофати телефонот и стискаше на него неколку пати неуспешно и конечно го исклучи пиштењето.
Тргнав да одам накај дома. Одев долж Улицата Шида. Се наближуваше полноќ и беше прилично тивко. По некој автомобил или скутер ќе ја нарушеше тишината. Како што одев така, одеднаш зад мене повторно го слушнав тоа досадно пиштење. Титититииии… Се свртев и го видов истиот човек како го држи телефонот. Гледаше во мене со кисела насмевка и се чувствуваше незгодно.
– Извини, не можам да го исклучам – рече со треперлив глас.
– Дај го ваму – реков и отидов кон него.
Го зедов телефонот, го стиснав копчето и настана тишина.
Тогаш човекот почна да лебди и да се оддалечува од мене. Стануваше сè помал и помал и на крај веќе не се гледаше. Улицата почна да се накривува, а со неа и зградите од едната и паркот од другата страна. Се создаде еден вртлог кој собра сè во него за потоа од него да произлезе силна светлина.
Го подигам горниот дел на телото, ги спуштам нозете од креветот и останувам во седечка положба. Во раката ми е телефонот со штотуку исклучениот аларм. Денес е одбраната на мојата докторска дисертација.

Тагови од објавата
More from Александар Стаматов
Црвено и зелено
„Ова е амајлија од баба ми. Ми ја даде пред да умре....
Повеќе
0 replies on “ПРОФЕСОРОТ МОУ”