ХРОНИСТЕРИК, ТРИБУН, КЛОВН

Колку различни, дури спротивставени во своите човечки природи, а не можам да не ги поврзам со улогата што им беше дадена (прифатена)

Писателот и власта. Слободата и стравот. За разлика од забележливиот, поотворено или поприкриено, заеднички вишок на суета, писателите меѓу себе се разнообразни човечки суштества, па затоа и во нивниот однос кон власта постоела и постои лепеза тактики, нијансирања, меандрирања. Сепак, покрај сите очигледни грешки и грубости својствени на генерализирањето, можат да се одделат три главни типа однесувања меѓу писателот и власта. Ги означувам како: Хронистерик, Трибун, Кловн. И во македонската литература може, не толку тешко, да се воочат (а и самите да се препознаат) овие три типа улоги и дејствувања што писателот ги има кон власта, а од коишто и самиот сум бил инспириран во некои свои поранешни раскази и антиупатства.

1. Хронистерик
е позајмен од сложенката-поднаслов на романот „Данунцијада“ – хронистерија – на хрватскиот прозаик Виктор Цар Емин, инспириран од приказната за Кварнерската Република на Габриеле Данунцио, тој чудникав полис со кусо времетраење (1919-21). За време на мојата неодамнешна посета на Ријека, на авторскиот фестивал Врисак, излегував на пуш-муабет на терасата на импозантната Гувернерова Палача, од каде што Данунцио ги држел своите пламени говори, тие повторливи, но за присутните тогаш веројатно единствени манифестации на локален гигантизам, за потоа, зад палатата, во неговата приватна резиденција, со своите верни бригадири да организира бесрамни оргии. Да не се заборави, Данунцио бил еден од најпознатите љубовџии на своето време (кој, како и Цезар и Пикасо, го поткрепува митот за потентните ќелавци) – впрочем, еротската хиперактивност понекогаш е виталистички поврзана со политичката амбиција – да го споменеме само примерот на Кенедиевци.
Освен како спој на „хроника“ и „хистерија“, збирниот поим „хронистерија„ (или во Еминовиот оригинал „кронистерија“) може во себе да го вклопи Хронос (Крон), голтачот на сопствените деца и неумоливото божество на времето, Сатурн во римската и астролошката верзија. Во новоизведениот поим на Емин се преплетуваат митолошкото и историското: во хистеричните времиња, „децата“-продуктите на таквите времиња, често се проголтувани „преку ноќ“.
Данунцио во милитаристички занес, на чело на своите бригади, на прв поглед заличува незначително на авторот на суптилните стихови на Alcyone или на декадентно-еротскиот истражувач во „Уживање“ и „Невин“, иако дионизиската екстатичност на ничеовскиот натчовек кај неговите следбеници, меѓу коишто спаѓа и Данунцио, може да се произнесе (во некоја квазимоќ на животот над рациото) и како фашистичко-авантуристички продукт.
Како тоа, се прашувам, салонскиот декадент и блазираниот љубовник да се занесе или да се стрмоглави (зависи од која страна се гледа) во воен командант и радикален гласноговорник на толпата? Во случајот на Данунцио се споија аристократскиот декандентизам и фашистичката реторика. Навидум екстремна, ваквата преобразба не е толку ретка меѓу книжевниците, иако почетната социјална позиција на хронистерикот може да биде најразлична, од скитник до добростоечки господин. Хамсун, Езра Паунд, Мајаковски и многу други, се примери на големи писатели коишто својот книжевен авторитет го ставиле во служба, едни на фашизмот, други на комунизмот.
Ваквите, очигледни примери на писател-хронистерик неретко постојат во матната, хаотична балканска стварност. Балканскиот хронистерик си дозволува зголемена доза насилство во неговите искази, грубоста и навредливоста на неговиот речник заличува на онаа на најжестоките партијски борци. Понекогаш сме затечени, на пример, како еден лиричен, дури нежен поет може да користи говор толку исполнет со клетви и навреди. Едно од најблагородните човекови чувства, патриотизмот, се искривоколчува во ксенофобичност, од постојана напнатост и анксиозност до омраза кон неистомисленикот, различниот, туѓинецот. Ставајќи се во „служба на народот“, всушност во служба на одредена партијска пропаганда, писателот се откажува не само од својата иманентна „служба“ кон литературата, туку и ја стеснува, ја осакатува вистината. Еден од знаците на тоа осиромашување е хиперболизација на жанровите што претендираат кон историчност и актуелност – од (псевдо)историските романи до, особено, колумните. Соочен со се помалиот интерес за книгата, писателот-хронистерик станува доброволна жртва на времето, од креатор станувајќи не толку манипулатор, туку оној кого што го манипулираат.

2. Трибун
За разлика од Хронистерикот, Трибунот има подолготрајно, повстоличено дејствување врз јавноста, некогаш доживотно, некогаш и по неговата смрт. Наместо нервоза – достоинство. Наместо избрзаност – умност. Трибунот е неопходен за секоја национална литература, за секоја национална култура. Не само за ткн. мали, туку и за оние ткн. големи, што се гордеат со богата и долга воспоставена традиција. Гете, Иго, Толстој… колкава моќ тие имале врз своите современици, не само општествена и морална, туку и една природна, дадена моќ што ги прави фигури од извонредна важност.
Иако порано мислев дека трибуните во литературата се својствени за некои поранешни времиња, кога се премостуваат важните фази за самосвеста и совеста на нацијата, се чини дека и во овој измешан, конфузен, порозен свет, трибунот и натаму се чувствува способен да дејствува, да ја прифати и да ја одигра улогата (должноста) што обврзува. За што бива и соодветно награден како академик, почесен граѓанин, угледен избраник на својата нација.
Встоличувањето на трибунот бара соодветна публика, соодветен простор. Неговата сила се храни од големото: важни идеи, општоприфатени мудрости. Уште од етимолошкиот корен (tribus = племе), трибунот ја презема функцијата на заштитник и советник на плебисот. Трибунот си постава задача да поттикне што поголем број читатели (слушатели), па и темите му се големи, важни, поткрепени со ораторски замав. Не може да му се одрече дека поседува извесно политичко влијание, иако званично го гради својот имиџ над партиските интереси. Свесен за својата исклучителност, го соопштува својот став за важните дилеми на општеството и знае дека тој личен влог има соодветен прием.
Односите на Трибунот со политиката и власта се преплетени со бројни видливи, уште повеќе невидливи нишки зашто, од една страна, тој го памети и го користи минатото, но и, доволно претпазливо, дејствува во сегашноста.
Македонската литература и култура има потреба од трибун. Рацин, поради неговата трагична судбина, остана „трибун во замисла“. Конески ја поседуваше трибунската убедливост и умност, иако неговата мисла беше осенчена со благопесимистичен штимунг на една интровертна природа. Гане Тодоровски, пак, настапуваше како признаен маг, со мајсторска реторика, а неговата постојана патриотска (социјална) свесност се напојуваше со интересна, во суштина експериментаторска навика. Рацин, Конески, Тодоровски. Колку различни, дури спротивставени во своите човечки природи, а не можам да не ги поврзам со улогата што им беше дадена (прифатена) – трибинството! Нивниот книжевен опус уште долго ќе предизвикува натамошни препрочитувања, а нивното трибунско место во македонската култура, и покрај сите можни оспорувања, е обезбедено.
Интересно е што во однос на родовата распределба, особено на Балканите, кај трибуните се уште владее цврстата патријахална логика, меѓу хронистериците се наоѓа по некоја жена писател, додека кловновите и кловниците писатели се речиси равноправни.
Се подразбира дека улогата на трибунот во културниот идентитет на својата нација е исклучителен. Но што се однесува до книжевноста и уметноста, тука владеат некои поуниверзални, посеопфатни законитости, во кои што се очитува и духот на времето, но кои естетски го исполнуваат духот на вредното, премавнувајќи го мигот во којшто делото е создавано. Затскриени од сенката на Трибунот, пишуваат другите писатели, поневидливи, понечујни, потскриени (Трибун може да биде само еден!). Несомнената предност на Трибунот е што во „своето време“ и „своето место“ умее да се актуелизира врз поширок круг читатели, и во таа смисла, да биде (по)вистинит и (по)актуелен. Писателот што создава „во сенка“, пак, може кај читателот, негов современик, да предизвика сочувство или симпатија, но никогаш не ќе ја достигне националната важност што ги добива трибунот. Но за самата литература е единствено значајно што покрај Гете постои Хелдерлин, покрај Иго-Бодлер, покрај Толстој-Чехов… што покрај трибунот и маргиналецот, несоодветниот, изопштеникот создава ремек-дела!

3. Кловн
Тука именувањето ми е најпроблематично. Кловнот се врзува за циркусот, засмејува, но и замислува, за потоа филмските магови како Чаплин, Тати, Вуди Ален, Бенињи… преку ликови со кловновски карактеристики и кловновски однос кон светот, да ја пренесуваат, на милиони гледачи, нивната радосната возбуда и човечка отпорност.
Сепак, иако понекогаш заличува во однесувањето, кловнот не смее да се меша со дворскиот шут или со шегобиецот. Дворскиот шут има свој владетел, господар, и обврзан е, покрај сите смелости, на послушност. Шегобиецот пак, својот шарм го троши без напор и со главна цел да го засмее друштвото. Кловнот има поголеми амбиции за сопствениот успех, особено ако е во писателската фела.
Кловнот-писател ќе учи да се мимикрира и затоа понекогаш ќе мора да истрпи да го сметаат за несериозен, недозреан, фолирант, да го озборуваат и да му се потсмеваат.
Кловнот нема да биде достоинствен, чествуван и славен како трибунот, ниту подржуван, лајкуван и платен (повремено, во зависност од тоа кој ја држи власта) од хронистерикот, а веројатно, со своето непостојано место во националната книжевна пирамида, ќе биде подложен на променливи расположенија и несигурности. Жанровски, тоа може да значи дека ќе биде склон кон хибридизација и експериментирање во ракописот и во зависност на својот талент, пред своето време. Ако кловнот е талентиран писател, тој, спонтано, ќе умее и кога пишува за тешки, тажни искуства да посее трошки хумор низ своето дело.
Пред триесет и пет години, се обидов, во прозната минијатура „Комедијант“, да го охрабрам кловнот во себе:

Го навлече кловновското лице и појде по светот.
Тираните го сметаат за шут. Сепак, и на најжестоките им ја враќа одамна невидената насмевка.
Срамежливите ќе заиграат со него, па иако сето тоа им се чини будалесто, отпосле не чувствуваат никаков срам.
Разбушавен, безгрижен, ги охрабрува страшливците по правливите меани да го навредат. Додека му се смеат, зачудени од каде им е толкав кикот, тој веќе ита кон идниот град.
Понекогаш, ноќта ќе го фати на патот. Таму, меѓу тревките и ѕвездите, ја свлекува маската. Бавно, како вљубеник, минува со дланката по своето лице.
Да не се заборави.

И денес овој текст ми се чини како искрена, наивна исповед на млад човек, но веќе настрадан во закачките со политиката, кој сака понатаму да се обезбеди од посериозни последици.
Но сега знам дека патот на кловнот-писател е значително поисцрпувачки. Ја нема силината на полемичкиот нагон и еретичност каква ја поседува Хронистерикот. Ја нема монолитноста и класичната умност на Трибунот. За разлика од сите нијансирања кај Трибунот и Хронистерикот, подтиповите кај Кловнот поседуваат поширока лепеза, од Џокерот до Забавувачот (Комедијантот), што меѓусебно понекогаш можат и да не се препознаат. А поразениот писател кловн се претвора во театрален маргиналец кој го изгубил компасот.
Како ќе биде прифатен секој од овие три типа писатели што не ја подржува или отворено се спротивставува на владеечката политика? Хронистерикот експресно од листата на привилегираните ќе биде префрлен на црната листа.
Трибунот, рековме, е искусен, вешт играч кој умее да игра на долги патеки со политиката, освен тоа, тој внимателно ја премерува секоја промена на власта и нејзиното можно влијание врз неговата функција.
А Кловнот? Тој знае дека секоја власт е минлива и дека владеечката политика, дури и кај спротивставените партии, има некои сличности. Затоа ќе се обиде, и натаму, да се… кловнизира…

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
Модел
Типот беше, ако може така да се каже, комплициран во својата простодушност...
Повеќе
0 replies on “ХРОНИСТЕРИК, ТРИБУН, КЛОВН”