Ако не постои Бог, тогаш јас сум Бог

Кога слобода ќе добие некој кој постојано бил неслободен, сфаќа дека слободата е ѓаволска работа.

Се врати дома трчајќи да не ја фати невремето.
После неколку обиди за отклучување на веќе ‘рѓосаната клучалка, која како да сакаше да го одложи влегувањето за да помогне во криењето на некоја тајна, веќе при крај со трпението, успеа да влезе. Трпението кое за малку не го изгуби додека се обидуваше да ја отклучи вратата, сега, кога влезе и забележа што се случило во нејзиниот малечок стан, не можеше да го задржи.
Седна на подот и почна очајно да липа колнејќи ја нејзината осаменост и препишувајќи ја сета вина на неа.

После неуспешноста на нејзината прва љубов, се впушти во постојан коитус, мислејќи дека така ќе го зачне својот нов живот, а најчесто зачнуваше други од кои брзо се ослободуваше.
Го задржа срамот како доказ дека не се предала сосема, затоа остранувањето на новите зачнати животи го правеше скришно, во еден еднособен стан без вода, токму поради срамот. Таму кајшто и најчесто ги зачнуваше.
На почетокот за неа се грижеше еден лекар, кој ја беше загубил својата работа и кој живееше во среќно и високоморално семејство. Ама, откако последниот пат му се слоши отстранувајќи го фетусот кој самиот го зачна, таа остана сама да се справува со чистењето на фетусот, но и со чистењето на грижата која му е прилепи сега на совеста на достоинствениот лекар, одеднаш, како комарец во летна квечерина и не можеше да се ослободи, слушајќи го неговото зуење постојано. Затоа прекина да го бара.
Не беше воопшто лесно да го води тој начин на живот, затоа и го одбра.

Кога дојде овде на почетокот, немаше никој. Првите неколку вечери ги помина на автобуската станица бидејќи не знаеше од каде да почне да си го средува животот.
Постојано го носеше со себе тоа чувство на неприсутност, затоа ѝ требаа три дена да стане свесна дека прво ѝ треба живеалиште.
Беше убава девојка, несвесна за својата убавина бидејќи дома, во таа дома од кај што избега, воопшто никогаш не ѝ покажаа ниту дека е убава, ниту дека е сакана. За убавината воопшто и не размислуваше, но како што созреваше, без да биде свесна, а потоа и без да сака, ѝ се разви потребата да биде сакана.
За нејзината убавина иако таа не беше свесна, другите ја забележуваа, па така на четиринаесет години, таа го имаше својот прв дечко постар само две години. Тогаш почна за првпат да се чувствува сакана или таа новост што ѝ се случуваше ја дефинираше како сакање. Се додека не забремени првпат, на петнаесет години. Не знаеше што ѝ се случува, а немаше ни кому да каже бидејќи тој што прво ѝ покажа што е пенис, а после тоа и внимание – исчезна.
Така почна да се создава нејзината желба за постојан коитус, бидејќи само така успеваше да почувствува нечие внимание.
Кога остана трудна на 15 години и кога нејзините дознаа, прво помина 8 дена затворена во собата на баба ѝ без храна само со вода, потоа мајка ѝ ја однесе на лекар за да се ослободат од срамот, но срамот веќе беше мртов, требаше само да го исчистат од неа.
Тогаш реши да замине.

Нејзините родители се израдуваа на веста дека таа уште сега, на 15 години сака да почне да работи. Не дека до сега не работеше, но за домашните работи никој ниту ја плаќаше, ниту ја фалеше. Сега беа среќни дека и таа ќе донесува по некоја пара дома, кои ги собираа во едно купче под стариот кревет на нејзината почината баба. Купчето сѐ повеќе се зголемуваше, но никој не смееше да го допре бидејќи тоа требаше да се зголемува, не да се намалува.
Тоа беше идеја на мајка ѝ, која ја доби кога почина нејзината мајка – баба Мара и под нејзиниот кревет на кој што лежеше 3 години, најдоа купче пари, големо колку што можеше да дозволи измачувањето и пензијата на една изнемоштена старица, која тие пари ги чуваше како единствен спомен за времето кое го потрошила да се стекне со нив. Само за тоа ѝ служеа. Додека беше млада воопшто не се штедеше себеси во тоа да заработи што повеќе. На крај не ги штедеше молитвите, да замине од светов што побргу.
Затоа беа среќни кога слушнаа дека Лиле сака да работи. Никој од нив не можеше да претпостави дека дел од парите кои Лиле ги заработува, ги криеше од нив и правеше посебно купче, со кое сакаше еден ден да избега. Нејзиното купче се разликуваше од тоа на родителите, тие сака да расте се додека не умрат, таа сакаше да расте, за да почне да живее.
Така, си создаде за првпат цел која ѝ помагаше да ги преживее сите неправдини од нејзините родители.
На 19 години, имаше доволно пари и години за да го направи тоа кое ѝ светкаше изминатите години, давајќи ѝ надеж и влечејќи ја низ животот за да не пропадне.
Го напушти својот дом рано утрото, кога сите мислеа дека оди на работа. Не беше тешко да одбере каде да оди, бидејќи од нејзиниот град имаше линија само до главниот град. Кога се качи во автобусот без багаж, само со пари, сфати дека ја имаше достигнато целта по која долго време копнееше и не знаеше што да сака сега кога ја достигна. Затоа, кога стигна на автобуската, беше толку изгубена и неколку дена седеше таму без да знае што да прави. Кога слобода ќе добие некој кој постојано бил неслободен, сфаќа дека слободата е ѓаволска работа. Слободата значи раскинување на секаква врска со морализаторскиот Господ.

Причината која што толку ја вознемири кога се врати дома беше тоа што ја најде нејзината библија на земја. Отворените прозорци кои ги заборавила брзајќи за на работа, го пуштиле ветрот внатре како близок познајник а тој изместил сѐ што допрел. Библијата ѝ остана подарок од лекарот со желба да го најде вистинскиот пат. Ја препрочитуваше неколкупати, но не пронајде ниту еден патоказ по кој би сакала да се упати. Опцу. Ама не опци поради тоа што библијата беше падната на земја, туку опцу оти библијата беше падната врз последниот допушок од џоинт што ѝ имаше останато до следната плата. А следната беше за две недели. Пцуеше по животот. Пцуеше по себеси. Пцуеше по Господ и по тоа што тој се претставуваше дека е. Почнаа да влегуваат капки дожд низ сѐ уште отворените прозорци. И почна да се зголемува водата во станот, повеќе и повеќе… сѐ додека не стана свесна дека станот ѝ се преполнува со вода и полека сѐ почнува да потонува.
Не знаејќи што да направи, се качи врз дрвената маса обидувајќи се да спаси нешто од тоа што ѝ е во близна. Најблиску ѝ беше библијата но не ја спаси. Од масата, скокна врз библијата од бес како да сакаше да ја удави во водата, чие ниво сѐ повеќе се зголемуваше.
Немаше време да размисли дека тоа што скокна да ја удави библијата, значеше и нејзина смрт. А дрвената маса стоеше спокојно како ноевата арка, чие спаснение однапред беше загарантирано. Водата ѝ ја полнеше внатрешноста а со тоа ги истиснуваше сите претходни мисли и грижи. И конечно почна да чувстува спокој, кој за чудо, иако водата беше ладна ѝ предизвикуваше топлина.
Почна да ја чешка таа топлина, прво по нозете, па по стомакот и потоа како да почувствува нечиј здив на нејзиниот врат. Не сакаше да ги отвори очите оти мислеше дека така ќе го изгуби спокојот кој сега го пронајде ама здивот како да инсистираше дека мора да се разбуди и несвесно ги отвори очите.
„Мамо, за каков божји потоп зборуваше во сонот, ме исплаши?“ праша малата Лили, гушкајќи се сѐ уште топла околу телото на мајка си Мара.
„Ах, Лили, сонував дека сум ти, а јас сум сосема друга мама, го сонував дури ѝ татко ти во неговиот бел мантил…“, и ќе продолжеше да објаснува ако не се освестеше од чуднот сон и не сфатеше дека зборува со нејзината петгодишна ќерка, Лили.
„каков потоп?“, ја праша за да го тргне збунетиот поглед од лицето на Лили.
„па зборуваше дека сите сме лоши и сме го налутиле Господ и поради тоа ќе се случи голем потоп“, ѝ раскажа Лили што зборувала во сонот и таа почна да си ги враќа сликите од сонот.
„тоа се глупости, можеби сум го зборувала тоа бидејќи пред да заспиеме ти ја читав приказната за дедо Ное и неговата арка“
„сакаш да кажеш дека не е вистина тоа што го прочитавме?“
„можеби е.“
„е како можеби, или е или не е, тогаш зошто е запишано?“.
„сѐ тоа што е запишано не е баш како што е запишано. А и тоа што е запишано не мора да значи дека е баш така како што е случено.“
„значи не го предизвикал Господ потопот?“
„Лили, кога ти ќе скршиш нешто ми викаш дека тоа го направила мачката и мислиш дека ти верувам. Кога ќе скршиш нешто што многу ми значи и ќе речеш дека тоа го направила мачката и јас се терам да мислам дека тоа го направила мачката, за да не ти се лутам…“, почна да ѝ објаснува на Лили
„ама навистина мачката го прави тоа…“ Лили почна да се бунтува, мислејќи дека ѝ следува кавга.
„добро ама ислушај ме. Никој човек не си ја прифаќа сопствената грешка, научи го тоа. Грешката најчесто се префрла на некој што не може да се брани или можеби и не постои. Ако не си сигурен за неговото присуство, уште полесно е да му ја дадеш нему вината. Луѓето велат дека поради тоа што имало меѓу нив и лоши, Господ го казнил светот со потоп. Но тоа не е така. Луѓето сакаат своите грешки да му ги фрлаат на некој што му даваат поголема моќност. А луѓето се тие што се најмоќни. И да постои некаде Господ, тој не е толку семоќен колку луѓето. Ама така е најлесно. За неколку векови од сега, ќе се случи пак потоп и сѐ ќе исчезне, тој нема да биде од Господ кој ги казнува луѓето поради нивните грешки. Тоа ќе биде од луѓето кои самите си ги предизвикуват страдањето од своите грешки. Гледаш во цртаните филмови што се случува. Постојано поплави, топење на домовите на твоите омилени бели мечки. Тоа не е од Господ Лили, тоа е од луѓето. Потоа, многу години и многу векови после тоа, ќе се раскажуваат пак приказни како Господ предизвикал потоп поради злобата на луѓето. Во прирорадта на луѓето им е да ги препишуваат грешките некому, посебно на некој кој не може да се брани.“ станувајќи од креветот завршуваше со приказната со која сакаше да го тргне стравот кај Лили, кој го чувствуваше од Господ, кога нешто стропа во кујната.
„Ете мамо, гледаш дека мачката крши а не јас“, рече победнички Лили.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Дијана Петрова
101 живот – 1001 воздишка
Сѐ што може да се замисли, книжевноста може да го исполни и...
Повеќе
0 replies on “Ако не постои Бог, тогаш јас сум Бог”