Приказни за децата (I)

Но ако случајно, светлина, како светла ластовица мине низ мојата соба некоја пролет, тој ден не знам што ќе направам.

Една куќа на К’налиада*

Никогаш во животов не стапнав на К’налиада. Но толку го сакам тоа место, не знам зошто. Можеби бидејќи таму живееше една моја пријателка со која никогаш не бев разговарал. Секогаш кога минувам покрај К’налиада помислувам на куќата на таа пријателка, во која ниту некогаш сум бил, ниту некогаш ќе појдам.
Мојата пријателка е смирена, тивка и добра девојка. Наутро оди на работа со првиот брод. Се враќа со последниот брод, со пакети во рацете. Понекогаш сме заедно на последниот брод. Се губи во гужвата на нејзиното пристаниште, потоа ја гледам како брзо скршнува десно кога вработениот со рефлектор им ја осветлува темната улица на патниците, па повторно ја губам од вид.
Претпоставувам дека живее во куќа прекриена со црни како катран дрвени даски. Морето би требало да не се гледа од куќата. Или можеби се гледа од прозор или два, низ гранките на дивите сливи. Во малата градина гледам бадемови дрва, дуњи, калинки и кинески урми. Во бавчата има и бунар со чекрек. Жената влегла во своите четириесетти, полничка, со зелени очи и лик како црвена јаболка, како на мајка си, гледа со очите зелени како мувла и ми се допаѓа. Не мислете дека сум ги видел градината, нејзината куќа и мајка што вака ги опишувам. Јас ги сакам градините, куќите и луѓето без да ги видам.
Во куќата се влегува низ оваа мала градина. Тие живеат на долниот кат. Горниот кат го издаваат на лето. Од сликата на Исус пред кандилото со Дева Марија, до малото жолтеникаво огледалце, сѐ е пронижано со православен дух што наликува на тешкиот мирис на темјанот. Не верувам дека внатрешноста на куќата е многу чиста. Не смее да недостасува мирисот на темјан во собите. Мојата пријателка нема сопствена соба.
Седната на клупа во втората класа на бродот, ја слушам како зборува грчки. Иако не разбирам ни збор грчки, ми се чини дека знам што вели.
Според тоа шрто пристигнувањето е во 10 и 45 навечер, седнуваат да јадат дури во 11. Најверојатно, веднаш потоа си легнуваат. Се прашувам дали има книга покрај главата. Не можам да знам за што на јаве сонува оваа девојка што само еднаш ми се има насмевнато. Како јаде? Брзо или полека? Ах, колку сум љубопитен. Дали, како многу луѓе, огрдува додека јаде? Што се случува со добрите, прекрасни црти на нејзиното лице кога огрдува? Каде одат?
И пред да ја запознаам оваа девојка се интересирав за К’налиада. Не за луѓето. Нив повеќе од доволно ги гледам на бродот. Многу повеќе се прашувам што прават кога ќе влезат во домовите на ова црвено зајдисонце, како бубачки во нивниот оклоп, во куќичките како црвени пеги на К’налиада. Што може да прават? Како и секаде и тие озборуваат. Јадат, пијат, спијат.
Куќи ли? – Не прашувајте вака. Да, куќи… Порано бев љубопитен за куќите на К’налиада, но сега горам од желба да ги видам. Бидејќи таму живее една девојка што ме маѓепсува. Порано бев вака љубопитен и за Арнавутќој**. Потоа, еден ден отидов и видов. Видов една куќа со две тераси. Според улиците и потоците што минуваа низ неа, голема населба. Четири-пет моста. На еден од нив, наведнат повраќаше еден пијан.
Сега и за К’нали сум така љубопитен. За една куќа на К’нали. Да замислиме една маса. На подметката од монистри врз изветвената мушама има тавче. Месо ли е, зеленчук ли е? Ајде да се куртулиме од ова љубопитство. Да претпоставиме деке е месо. Послужено е. На таткото, синот, ќерката, на девојката што ми е пријателка… Јадењето го служат мајките. Малата сестричка зјапа со големите, отровно зелени очи, но не во тавчето, туку зад софрата, во извадената вратичка од долапот каде гори кандилото со Дева Марија. Таму е лубеницата. Оваа вечер лубеницата се погоди жолта. Со зифт црни семки.
Ете, зборуваат. За што ли разговараат? Рефлекторот од еден брод ја потопува во светлина полуосветлената соба. Девојката која ја сакам не огрдува додека јаде. Толку е ведра, толку простосрдечна, што не ни приметува што јаде. На лицето на мојата пријателка има само весели нешта. На усните ѝ играат зборови. Се прашувам што вели.
Значи, поради ова пишувам приказни. Поради ова љубопитство живеам како раскажувач. Жал ми е за оние на кои моите приказни не им се допаѓаат. Им се лутам на оние на кои им се допаѓаат. Ако мене ми се допаднат ќе побудалам. Ако не ми се допаѓаат, храна не ми сака душава. Наближувајќи кон К’налиада… епа многу сум љубопитен, ама некако не можам да се симнам, и овој пат нема да се симнам…

Пролетна приказна

Пролетта е празник, будење, чудо, лудило, остварување на нешто што изгледа како да нема се случи, пролетта е ова, пролетта е она… Птици, камилица, булки, ливада, трева, дрво, цвеќе, мимоза, олеандер, звук на вода, глуварче, циганче, јаре… Во класичните описи на пролетта има сѐ, дури и пијавицата има свое место. Многу нешта и заборавив, а! најважното: априлското, мајското сонце.
Човек кој ја одминал четириесеттата нема шанси да не се почувствува малку тажен токму на пролет, од сите годишни времиња. Каде се старите лудувања? Каде е тоа ненадејно, од рацете на една млада девојка, млада девојка обвиена од ветрот, тоа срцебиење? Всушност, добро е што овој живот наликува на годишните времиња. Секој има пролет, лето, есен, зима. Еден кон стар една година, ајде нека се две, е во пролет. Едно јаре станува јарец на шест месеци. Но човекот не многу ја забележува пролетта пред дваесеттата. Пролетта што се забележува пред дваесеттата е лажна пролет. Јас ја раскажувам приказната за една ваква, лажлива пролет.
Точно пред триесет години, имав дванесет години. Се наоѓавме во еден град во Анадолија. Татко ми беше службеник. Во градот дојдовме кон крајот на летото. Минавме лоша зима, со снег колку човек. Потоа, еден ден се појави пролетта. Снеговите се стопија. Снеговите се стопија, но она што ги растопи не беше сонцето, туку дождот. Пролетта во овој град во Анадолија почнуваше со попладневните дождови. Наутро, на сјајно синото небо, имаше сонце што не грееше, сонце ладно како снег. Веќе во единаесет часот, не ти е јасно од каде, од исток, запад, север или веќе не знам од каде, се појавува еден црн облак и по десет минути почнува да врне-истура цел ден, кап-кап, шлап-шлап, без престан врнеше. Од прозорот на мојата соба во населбата Карачаир*** се гледаше зелена низина. Да не ги отсликуваше како море оваа ливада сите игри на бои на небото, не ќе беше чудно да скокнам и да избегам од дома во лудило-бунило.
Цела зима не кренав глава од болести. Ако излезев на улица ми се вртеше. Во ова чудно, дождливо, облачно, претежно мрачно време, што го држеше човека во стисната дланка, имаше и пролет, земја, човек, ливада, мирис на трло, така што од внатре сѐ ми доаѓаше да викам, да плачам и потоа да останам вкочанет.
Едно утро, гледам во таванот, времето сѐ уште не се стуштило, надвор е ведро. Во кревет, се прашував кога ќе заврне. Одненадеж, низ собата прелета светкава птица. Седнав на креветот. Птицата повторно прелета. Потоа на десниот ѕид заигра една сосем бела лента и се изгуби. Си ги протрив очите. Кога ги отворив, на ѕидот трепереше еден светол круг, како да се обидуваше да си го најде местото. Ова не беше ништо освен светлината од едно огледало што паднала на ѕидот.
Скокнав од креветот и се заковав на прозорот. Горната градина на нашата куќа гледаше кон градината на куќата под нас. Одблесокот на огледалото во мојата соба несомнено доаѓаше од таму. На среде розевите праскини цветови имаше едно чергиче. Зад него стоеше едно столче. Девојката имаше шеснаесет, седумнаесет години. Се скаменив покрај прозорот. Кога светлината од огледалото ќе ми удреше в очи, не си го покривав лицето со рацете, гледав право без да трепнам.
Следниот ден и јас имав огледало во рацете. Таа, смешкајќи се, се обидуваше да го избегне со погледот моето огледало. Оваа игра никогаш не може да трае повеќе од половина час, таа влегува од градината во куќата цедејќи ги капките дожд од косата, јас повторно се враќам во мојот кревет. Следниот ден повторно започна со убаво време, повторно нејзиното огледало прво заигрува на мојот ѕид, а потоа како да сака да се смести на своето место и треперејќи се обесува на ѕидот. Јас повторно без да трепнам гледам во светлината од нејзиното огледало, а таа гледа во светлината од моето огледало штитејќи си ги о;ите со дланките. Потоа пак почна попладневниот дожд.
Поради тоа што не се занимавав со ништо друго, не се изненадив кога едно утро едно возило застана пред нашата куќа. Само што, мајка ми ме фати додека си играв со огледалото. Мајка ми чудно гледаше во градината, девојката, светлината од огледалото и огледалото во моите раце.
– Ајде, облечи се! – ми рече.
Се качивме во возилото. Онаа малку покуќнина што ја имавме беше ставена одзади. Татко ми го назначиле да работи на друго место. Тргнавме на пат. Минувајќи низ една шума, сонцето се појави меѓу облаците, над дрвјата што одново почнуваа да зазеленуваат, се изгуби. Пред очи ми излезе светлината од огледалото што никогаш повеќе не ќе ја видам. Почнав да липам.
– Што му е на овој? – рече татко ми.
Си ја скрив главата во наметката на мајка ми. Не знам каков знак му дала мајка ми на татко ми со рацето или лицето, но не проговорија повторно. Со сета моја горчина, свесен дека никој ќе нема храброст да ми рече да молчам, плачев колку сакав.
Сега, напролет, доколку од некаде удри светлина во прозорот од мојата соба, тој ден пролетта ќе направи јас, како и сите луѓе, да омекнам полн тага, да чувствувам немир и срцебиење. Од тогаш до сега минаа точно триесет години. Не кренав огледало кон ничие лице. Никој не крена огледало кон моето лице. Но ако случајно, светлина, како светла ластовица мине низ мојата соба некоја пролет, тој ден не знам што ќе направам.

      * Црвениот остров (или буквално преведено островот со к’на), го добил името по почвата црвеница и е првиот од истанбулските острови во Мраморното море, кои до средината на минатиот век имале претежно грчко население (Забелешка на преведувачот).
      ** Населба во Истанбул, во буквален превод: селото на Албанците (Забелешка на преведувачот).
      *** Црна ливада (Забелешка на преведувачот).
Тагови од објавата
More from Саит Фаик Абасијаник
ПРИКАЗНИ ЗА ДЕЦАТА (III)
Отпрвин црвени, па жолти, па темнокафени, па посветли кафени се менуваа на...
Повеќе
0 replies on “Приказни за децата (I)”