„Зелена книга“ – повеќе од само убаво лице на црвениот тепих

Попатно, секако, ги среќаваме очекуваните згоди и незгоди, падовите, најниската точка пред големиот среќен крај, и сè што може да се очекува од една продукција на големо студио темпирана за безбеден влез на Оскарите.

Оскаровецот на Питер Фарели го засилува аргументот дека од Холивуд може да произлезе нешто повеќе од само нечиј коњ во трката за пари. „Зелена Книга“ (“Green Book”) ја адаптира вистинската приказна за несекојдневното пријателство меѓу „стручњакот за односи со јавноста“ Тони Валелонга (Виго Мортенсен) и џез музичарот Дон Шерли (Махершала Али). Во шеесетите години, пред финалното расчистување со озлогласените Џим Кроу закони, расизмот и дискриминацијата сè уште владеат на Американскиот југ. Откако неговата сезонска работа како обезбедување (или, попрецизно „избацивач“) ќе заврши, Валелонга оди на интервју за работа кај одреден доктор Шерли, за кого брзо дознава дека е џез пијанист, а не лекар.
Дотолку повеќе, Шерли е црнец, чија издавачка куќа сака да ја промовира неговата музика во некои од најопасните краишта во САД. Затоа, тој бара возач кој ќе биде и повеќе од само возач. Валелонга, кој гаи и сопствени предрасуди, со задршка се одлучува да ја прифати работата.
Сепак, на долгиот пат секој од нив полека, но сигурно, ја добива почитта на другиот.

Првиот дел од добитната комбинација на „Зелена книга“ е кастингот. Мортенсен ја носи целата репутација од претходните остварувања по кои е познат (“A History of Violence”, “Eastern Promises”, и секако, “Lord of the Rings”), но неговиот Тони Валелонга си игра со стереотипот на италијанско-американскиот мачо маж, наместо само да го копира. Говори на тежок дијалект, со ограничен речник. Тоа одлично го маскира неговиот интелект, но и неговата емпатија. Неговата лик е симпатичен и природен, без непотребна претенциозност или бравадо. Неговата несвесна комичност, пак, одлично откскокнува наспроти ексцентричниот Шерли на Али, со своите аристократски манири и учтива „здрвеност“. Принципиелен и горделив, Шерли малку по малку ги спушта своите одбрани, па за време на долгата турнеја му помага на Валелонга да го подобри својот речник, но и го наведува да размислува покритично за светот во кој живее.

Вториот дел од рецептот е вештиот допир на Фарели. Тој одбира да сервира драмедија наместо мелодрама, поука наместо патронизација. Во ерата на политичката коректност и големиот број на автори кои чувствуваат потреба да му „проповедаат на хорот“, пристапот на Фарели е вистинско освежување. Оваа ненаметливост не одзема, туку напротив ги акцентира потрезвените сцени од филмот, кои одѕвонуваат појасно кога се појавуваат природно, отколку што би биле доколку биле подраматични. Структурата на приказната, со тој омилен американски интроспективен апарат, „роудтрипот“, ја врзува публиката со ова неочекувано дуо, возејќи, заедно со неа, до очекуваниот крај.

Попатно, секако, ги среќаваме очекуваните згоди и незгоди, падовите, најниската точка пред големиот среќен крај, и сè што може да се очекува од една продукција на големо студио темпирана за безбеден влез на Оскарите. Ова не го мати заклучокот дека „Зелена книга“ е повеќе од само убаво лице на црвениот тепих. Занимливата приказна, уверливите ликови и лесната рака на режисерот создале дело вредно за гледање. Топло препорачувам.

Тагови од објавата
0 replies on “„Зелена книга“ – повеќе од само убаво лице на црвениот тепих”