МАЃЕПСНИЦА

– Па ајде, кажи веќе нешто! Не знаеш да збориш? – се пошегува малата овчарка. – Те прашувам како се викаш? – Се викам Дете. Или Малечка.

ГЛАВА I

…до каде што досегаше сеќавањето на Детето – сè уште непоматено и необработено – везден си беа, само тоа и Старата Жена. Никој друг. Понекогаш, ама ова се случуваше многу ретко, во нивниот дом ќе дојдеше некој од Селото, тивко за да шепне со Старата Жена понекој збор, по сè изгледа, тоа не беа некои добри зборови. Не можеше ни да бидат добри овие зборови зашто, речиси секогаш, со секоја ваква неочекувана посета, Старата Жена в молк ги пакуваше малкуте пљачки во бовчата, без збор ја подаваше големата, топла дланка – и в миг, Детето и Таа, се измолкнуваа брзаница по споредните патеки што ретко кој ги оди, што подалеку од Селото, подалеку, каде што нема никакви траги од населби на луѓе.
– Ова е бегство – тогаш си помислуваше Детето и будно зјапаше наоколу, ококорено како некој возрасен. Детското муце секогаш беше валкано; не дека не сакаше да се мие или пак, Старата Жена не водеше доволно грижа за него. Ами спротивно. До каде што досегаше слабото помнење на Детето – Старата Жена секогаш, всушност, со најголема педантност внимаваше барем сите негови потреби да бидат задоволени. Но Детското муце и покрај сè, постојано беше валкано. Старата Жена рано се будеше, речиси в мугри, уште пред Детето да си ги отвори сонливите очи, па мрморејќи си под нос, од бовчата вадеше мало кутиче маст од ореви и му го мачкаше лицето на Детето, исклучително темелно, почнувајќи од високото бледо чело, па завршувајќи со премногу острите црти на брадата. Под маста без трага исчезнуваше нежната бела кожа на Малечката, претворајќи се во кожа биена од ветер, испечена од сонце, што го изобличуваше и нејзиниот лик. Но Детето ова не го знаеше зашто никаде, во ниту еден од нивните домови, немаше огледалце.
…домови? Ни домови немаше. Само времените живеалишта постоеја. Детето многу рано го сфати ова. Еднашка, пред некоја година, и покрај строгите забрани на Старата Жена, Детето се оддалечи од местото што го имаше прифатено како сопствен дом, па крај поточето се најде лице в лице со едно Дете на иста возраст и со иста става, кое живееше во блиското Село.
– Што правиш ти овде? – го запраша малата Селанка.
– Го гледам поточето – одврати Детето, набљудувајќи ја врсничката со љубопитство. Тоа беше првото мало девојче во животот со коешто зборуваше, па му изгледаше прекрасно.
– А каде ти е куќата? – го запраша Селанката.
– Е, онаму, после шумичкана – одврати Детето со добра намера, радувајќи се дека што претставува објект на нечиј интерес, освен единствено на Старата Жена, но не му падна на ум да ја праша Селанката за нејзината куќа. Тоа не му се чинеше ниту важно ни потребно. Бидејќи не знаеше дека постојат куќи – вистински, постојан дом. Претпоставуваше дека сите, како и самото тоа, се селат од едно место на друго.
– Лажеш! – извика наеднаш непознатото девојче. – Тоа не е твојата куќа, туку една напуштена колиба што се распаѓа, на старата Актон, која умре кога ја претепаа Освојувачите! Баш ме интересира, што правите вие таму! И колкумина сте?
Штом Детето го повтори овој разговор пред Старата Жена, оваа веднаш, без збор, ја извади бовчата и почна да ги прибира во неа скромните пљачки.
– Ајде – рече в миг без милост, подавајќи му ја на Детето топлата дланка. И одново по зараснатите споредни патеки, за да не минат Сред Село, Старата Жена и Детето се измолкнуваа кон Големата Шума што се црнееше на хоризонтот, за којашто жителите на Селото сите заедно сложно велеа дека во неа е стравотно. Детето ова не го знаеше, но ниту една шума, дури ни најмрачната, не го исполни никогаш со уплав. Дури ни за време на најужасната луња или бура, додека големите дрвја со страшно чкрипење ги веднат стеблата и си мрморат едно на друго, во еден тревожен муабет, а од зад нивните стебла во мракот светкаат очите на непознати, често крвожедни животни. Дури ни тогаш Детето не се плашеше од Шумата.
Секогаш по неколкудневен поход, по неколку ноќи преспиени некаде в Шумата, во некои случајно изнајдени пештери по карпите (а понекогаш дури и во длапки од изгниени дрвја), Старата Жена и Детето ќе најдеа некаков следен привремен дом. Тоа ќе беше некаква колиба што ја напуштиле жителите, навалена од старост, или пак, некоја шупа или штала далеку од Селото. Старата Жена ќе го оставеше Детето во новото живеалиште, забранувајќи му да излезе, а самата ќе тргнеше кон Селото, за да најде нешто за јадење. Па ќе донесеше малку млеко, леб, а понекогаш дури и свежо месо. Во обичните денови се хранеа со парченца сушено месо, суви питулици, шумско овошје и изворска вода.
Втората, засега последна средба на Малечката со некое друго дете се случи близу едно од оние сосема случајни живеалишта што толку често ги менуваа. Овој пат беше една малечка овчарка чии овци посакале да се напасат толку да¬леку од Селото, по коишто девојчето беспомошно трчаше, дури тие не запреа на ливадата близу разурнатата колиба, каде што тревата по којашто не стапнала човечка нога беше толку свежа, сочна и висока. Детето, гледајќи ја малечката овчарка, тивко се измолкна од домот, па без да мрдне чучна во близината. Малата овчарка плетеше венче од детелинки и пееше со еден весел и силен глас некаква едноставна ми-лозвучна песна за ливадата, цвеќињата и овците.
– Оф! – рече догледувајќи го Детето и запирајќи ја песната. – Не те познавам уште, иако мислев дека овде сите ги знам. Како се викаш, јас сум Изел…
Детето долго зјапаше во неа со сериозен ококорен поглед, без ниту еден збор.
– Па ајде, кажи веќе нешто! Не знаеш да збориш? – се пошегува малата овчарка. – Те прашувам како се викаш?
– Се викам Дете. Или Малечка.
Малата овчарка прсна во смев.
– Ама тоа не е име! Како те вика мајка ти? Или татко ти?
– Немам ни мајка ни татко – одврати Детето.
Малата овчарка стана сериозна, но веднаш повторно се расположи:
– Некого пак, мора да имаш! Некој што се грижи за тебе? Има сигурно некого?
– Ја имам нeа – рече Детето и одмавнувајќи со главата покажа кон колибата во распаѓање.
– Сигурно имаш тетка или баба – одговори малата овчарка.
– Може е така. Таа е стара – се согласи Детето сериозно.
– Епа значи баба. А како те вика?
– Дете или Малечка – повтори Детето.
Малата овчарка, расположена, прсна в кикот.
– Ако сакаш, ќе дојдам овде утре да ги пасам овците и ќе си поиграме тогаш – весело дофрли. – Може тогаш ќе се сетиш како се викаш. Сите имаат некакви имиња. Сакаш ли?
– Сакам – одврати Детето. Поимот играње, всушност, му беше сосема туѓ, но бргу сфати дека тоа мора да е нешто многу пријатно.
Но утрината, в рани мугри, Старата Жена и Детето бргу одеа по споредните патеки кон Шумата што се црнееше на хоризонтот.
– …значи, не можам да си играм со неа? – запраша малата воспитаничка на Старата Жена, со смирен сериозен глас, без воопшто да се буни.
– Не можеш – одврати Старата Жена.
– Барем кажи ми како се викам. Сите имаат некакви имиња!
– Уште не е време – рече Воспитувачката. – Ќе си го дознаеш името кога ќе потпораснеш.
Промената на секое живеалиште не се одвиваше толку мирно, иако брзаница. Сега Старата Жена и Детето со брз чекор го одминуваа Селото, а потоа, качувајќи се угоре, кон најблиските Шуми што се црнееја на хоризонтот, го забавуваа чекорот, па дури и се одмораа по патот, седнувајќи во сенките на дрвјата.
Се случуваше и напуштањето на живеалиштата да потсетува на вистинско бегство. Во паника, многу мачно, под плаштот на вистински ужас.
Така беше при последното менување на местото на престој. Баш им се погоди да погодат добар и удобен дом. Ниту дождот ниту ветрот не успеаја да се проврат во него; покри¬вот, иако сламен, уште долго ќе држеше, а внатрешноста не беше уништена.
– Изгледа овде ќе ја поминеме зимата – рече задоволно Старата Жена. – Само, те молам, држи се настрана од деца. Повеќе дрдорат од возрасните, па, иако не се преправаат толку, како некои од нив, зборуваат од многу премногу. За¬памети, никој не смее да те види.
Таа реченица: „Запамети, никој не смее да те види“ – го придружуваше Детето од најраните сеќавања. Па така, без да запознава други деца и речиси без да разговара со нив, Малечката си растеше, уверена дека токму така треба да биде. Сметаше, дека сите луѓе и малите и големите, си живеат далеку едни од други, туѓи едни на други, далечни со телото и со духот, избегнувајќи се меѓу себе или пак најпосле, бегајќи едни од други. Овој пат, ниту едно дете од Селото не го наруши мирот на новите жителки на напуштената куќа. Па иако, Старата Жена еднаш во неколку дена одеше кај луѓето по леб, млеко, а кога ќе имаше среќа, добиваше дури и јајца или парче месо – се чинеше дека никој посериозно не се заинтересирал за туѓата просјачка, па нејзиното доаѓање крај Селото сите го сметаат како нешто природно. И воопшто, сите радо ѝ нудеа храна, верувајќи – согласно Прастарите Обичаи – дека нахранувањето гладен ќе донесе изобилие храна кај оној што дарил. Овој добар стар обичај им овозможуваше на Детето и на неговата Воспитувачка да живеат релативно добро, речиси во секое од Селата што ќе им се најдеа на пат. Старата просјачка не будеше ничиј интерес ниту пак, немирни мисли; беше премногу обичен лик за сите патишта на овие предели. За Детето – скриено во внатрешноста на напуштената куќа, се чинеше, не знае никој.
И покрај тоа, едно утро во колибата дотрча Селанецот, сиот задишан. Уште оддалеку се слушаа неговите тешки чекори и бревтањето. Старата Жена стигна само в молк на Детето да му го покаже аголот од одајата, каде што се наоѓаше една голема распадната комода. Детето се скри внатре во неа.
– Не сте сама овде! – извика Селанецот од прагот. – Со вас е тоа, нели?
Селанецот дишеше тешко и вознемирено; се гледаше дека сиот долг пат од Селото трчал. Старата Жена го гледаше в молк со мирниот поглед ко челик, без да трепне.
– Не се преправајте! – Селанецот почна да мавта со рацете. – Повеќето веќе погаѓаат кои сте, а меѓу нив ги има и оние што не треба. Мора да бегате зашто во Селото стигнаа Освојувачите. Брзајте! И… само едно нешто… Ќе може ли барем да фрлам поглед на… на…
– Оди ваму – рече Старата Жена, во истиот миг земајќи ја бовчата од под постелата и фрлајќи ги во неа скромните пљачки. – Покажи му се на овој добар човек, мораме да бегаме.
Детето излезе од комодата и застана среде одаја, под сончевите зраци што се пробиваа низ прозорецот. Неговите коси, обично скриени со шамијата, сега свлечена од глава, блеснаа во сјај на чисто злато. Од муцето измачкано со саѓи зјапаа темносините очи, скаменето гледајќи во Селанецот.
– …а косите ко златото на овој крај, пченицата, а очите ко небо пред бура… Добри Божества, помагајте, камо да се исполни… – воздивна Селанецот. – А сега бегајте, но бргу. Тие имаат коњи.
Старата Жена и Детето избегаа преку градините што го обиколуваа Селото, налик на голем расцутен нежно розов парк. Овој пат Спасоносната Шума не беше далеку. Доволно беше да се совладаат неколку мали брекчиња. Жената и Детето се наоѓаа токму на последното од нив, кога до ушите им дојде татнеж на коњи. Детето се сврти и застана за миг, занесено од неизмерната убавина на оваа глетка. Огромните прекрасни руди коњи бодинаа по падината во потрага по нив, а на нив седнати коњаници во светликави оклопи, што на зраците од утринското сонце блескаа со сребрен сјај.
– Колку се убави! – извика Детето, подзастанувајќи.
– Сурови се и сакаат да те убијат! – извика Старата Жена и силно го повлече за рака.
До Спасоносната Шума недостигаа уште дваесетина метри. Коњите бодинаа сè побргу, а нивното зарипнато збивтање и заглушувачкото бревтање одѕвонуваше,сè слушаше сè појасно во ушите на Детето. Вооружените јавачи извикуваа стравотни, а воедно и радосни извици на ловџии, сигурни дека животното што го гонат нема да им побегне. Се распоредуваа во низа што образува круг и громко се смееја. Се гледаше дека ваквиот сплет на настаните им е забавен, дека нивните срца се радуваат гледајќи ја Старата Жена како бега со малото дете; сигурни беа дека бегството е попусто.
– Хо! Хо! Хиии! Хо! Хо! Хиии! – громогласно врескаа, гонејќи ги жртвите како зајаци в шума, чијшто мрачен ѕид, иако блиску, сепак не претставуваше никаква заштита од близината на ловџиите.
– Диии! Фаќај! – рикаа како при вистински лов, опиени од блискиот миг кога ќе ги догонат Старата Жена и Детето во тесниот, збиен круг од коњските тела.
Бегалките трчајќи се втурнаа во Шумата. Сепак, овде на самиот почеток, тоа беше само еден скромен проретчен честак.
– По нив! Одоколу! Одоколу! – викаше предводникот на трагачите, коишто се распрснуваат сега во формација на широк круг.
Детето трчајќи можеше да го чуе забрзаниот здив на Старата Жена, чувствуваше како нивниот трк со секој чекор го забавува темпото, дури најпосле, бегалките тешко дишејќи не подзастанаа во густите нашироко зараснати грмушки што сепак, беа немоќни да им дадат какво и да е засолниште.
…и наеднаш Старата Жена бодро го оттурна од себе Детето и промрмори нешто неразбирливо подавајќи ги пред себе раширените прсти.
…тогаш низ густежот грмушки се втурнаа вооружените Јавачи. Детето почувствува остра миризба на коњски пот и здогледа дека овие, оддалеку убави војници, одблизу се страшни, дека со себе ја носат Смртта. Детето посака да си го подаде рачето, за да ја дофати сигурната позната топла голе¬ма дланка на Старата Жена – и тогаш, со чудење почувствува како не е во состојба да го стори тоа. Раката не го слушаше. И Старата Жена ја немаше во близина, секаде наоколу со ужасен вресок само се тискаа суровите коњаници, на нивните зазбивтани коњи.
– Таа ме оставила и си побегнала – си мислеше Детето, преплашено до смрт и уште еднаш се обидуваше да си го подаде рачето, за да се одбрани од коњските сапи. И кога последниот напор веќе го вложи во ова – здогледа дека наместо рака подава една сребрена гранка полна со иглички…
– Јас сум елка – си помисли без чудење, но со љубопитство. – Штом е така, тогаш онаа другана, високана сребрена елка крај мене, мора да е Старата Жена, зашто пред миг ја немаше овде…
…и в тој миг му се чинеше, во неправилната форма на сребрената висока елка дека ја гледа подгрбавената силуета на Старата Жена со бовчата префрлена на плеќи.
Јавачите викаа сè погромогласно. Овој пат, во нивните крици не провеваше суровата радост на ловџиите што го догониле пленот, па веќе се сигурни дека нема да им избега. Нивните крици беа исполнети со очај, проникнат со некаква таинствена стравотија; ова беа крици на ненадеен бес.
– Проклета Маѓепсница! – извика некој од нив, а неговите зборови со длабоко и остро ехо се одбиваа меѓу дрвјето: „… ета… сница!“
В миг коњите ги носеа назад кон Селото, а громогласниот татнеж пополека стивнуваше, за најпосле да завладее тишина.
– Навистина си Маѓепсница? – ја запраша Детето високата сребрена елка од под чиишто иглички пополека изронуваше познатата, малку подгрбавена фигура на Старата Жена.
– Да, јас сум Маѓепсница – одврати Старата и Детето за првпат во својот кус живот виде како нејзините стегнати усни се развлекуваат во насмевка. И тогаш Детето, без да знае дотогаш што е тоа насмевка, следејќи си ја својата Воспитувачка, исто така ѝ се насмевна со почит.
– Значи, сепак си Маѓепсница – повтори со призвук на восхит. – И многу вакви магии знаеш?
– Многу – одврати Маѓепсницата, а насмевката од триумфална ѝ се измени во иронична исполнета со тага, за најпосле да ѝ згасне на крајчињата од стегнатите усни. – Многу, многу, моја Малечка, но запамети дека имаме право само на три вакви малечки магии, за да се спасуваме себеси. Четвртата веќе нема да успее. Така е кажано во Кодексот на Предвечните Закони, запишани во Великите Магични Книги.
И на тој начин Детето, кое имаше пет години, дозна за себе неколку нови, важни нешта: дека го гонат сурови вооружени витези, подготвени да го убијат во секој миг; дека некои луѓе се подготвени да им помогнат, иако не сите. И веројатно дека другите деца живеат малку поинаку, си имаат свои постојани домови, мајка, татко – и сопствено име. Но и покрај овие предупредувања, Детето не го обземаше жал, ами извесна гордост, поради сопствената различност.
Станувајќи – наполно безбедни – се нурнаа во мрачната длабока густа шума којашто за нив сепак беше како нивна, Маѓепсницата се сврти, подавајќи му ја на Детето силната дланка – и тогаш на Малечката ѝ се пристори, во делче од секунда, дека во очите на Старателката нешто чудно мигнало, нешто што се вика Љубов и што Детето само според инстинктот го познаваше. Но Детето не умееше ова да го почувствува ниту да му одговори со погледот – бидејќи никој никогаш не го гушнал, не го бакнал, не го погалил по русите коси. Па Детето не знаеше дека Љубовта е нешто што ја осветлува внатрешноста на Човекот. Маѓепсницата пак, иако беше вистинска Маѓепсница, не почувствува дека ова е најдобриот миг оваа малечка искра што едвај тлее да се разгори во топол жив огин.

Тагови од објавата
0 replies on “МАЃЕПСНИЦА”