романтичари

нашата љубов се крие по паркинзи и тесни улички и ја делиме бидејќи нема доволно за сите

генерација мивки (никој нема да нѐ опее)

со јаболки во грлата ги срамнуваме улиците;
титани на штикли високи до небесата, извајани
од чист мермер и пудра
кожа сосема мат, створена од заборавени мајсторки
градот е ничиј, пеплосан под врела лава и лоши одлуки,
оставен како скапано овошје на ниска гранка
и со светкави канџи ќе го обереме.
окупираме тивко, незабележани, а потсмевот
е само камен од кој ги остриме стрелите и мечевите.
нарцисоидна армија, фаланга на кратки сукњи, на парфеми со изминат рок, а усните
ни се поостри од оружјата.

растеме непредвидени, заборавени. растеме покрај вода, од кал,
избиваме низ пукнатините во бетонот,
шаренило зацементирано и овековечено во негативот на слепилото од блицот,
ја бркаме вечноста а сепак во заборавот наоѓаме сила.
плетеме мрежи; плетеме мрежи и ствараме гадење
кај сите инсектофоби и мизогинисти како секоја од нас
да е олицетворение на Ева и Арахна во едно,
зарем не ви одговараат нашите таписерии?
зарем не ви одговара секоја нишка
исткајана од вино и повраќаница, нашето ремек-дело
од црвен кармин и контрацепција?

шокираме, а историјата повторно нѐ одминува, продолжува
да нѐ сведува на фусноти, на горчлива пепел од писма изгорени од срам
додека не заборавиме дека сме биле повеќе,
ние сме фаланга на ликра и силикон,
со знамиња изгорени од први цигари запалени кришум во школски вециња,
немаме место, немаме ѕвезди водилки, нашата судбина е одмината – никој
не се потрудил да ја запише на небото.
ние сме неопеани, ние сме антитеза на поетскиот идеал,
му плукаме во лице и му го газиме тревникот, нас
не нѐ собира во нежни шаблони од свила и чипка,
ние не сме Беатриче, не сме Лаура,
ние сме Лилит и сите се срамат од нас. остануваме незапишани,
невозможни, бесрамни, отсекогаш сме биле и
со крв и пот ќе се бориме за бидувањето.

со крв и пот и плунка ќе ги кажуваме сопствените приказни,
сами ќе резбаме, ќе сликаме, ќе чкртаме лесно запаливи документи;
се фрламе безглаво во “денес” затоа што никој никогаш не ни дал “утре”
а од петни жили се бориме да оставиме бар бледа трага на “вчера”
оставаме и остануваме, црвено вино на бели кошули искинати за крпи,
црн маркер на скапани врати, чаши скршени и изгазени во секој процеп на калдрмите
ќе живееме во анонимност, ќе умреме озлогласени – или ќе нѐ заборават.
ние сме фусноти, изгорени писма, остануваме неизбришани отпечатоци
на кристални чаши, непротерани духови
со темјан ќе нѐ исчадат, и ќе избледеме како истопен снег

и ќе нѐ паметат само улиците. само ветрот кој нѐ води и ни ги шиба голите бутови во јануари
самите себе ќе се запалиме, а ќе памети само сонцето во саботните утра
со камења во џебовите ќе потонеме, а дождот, дождот ќе го чува нашиот облик
и ќе нѐ закопаат, и ќе памети само земјата од која сме дошле.

И од неа ќе се родат цвеќиња, бели и нежни,
и вие за нив ќе пишувате.

за време на

во екот на гневот најдовме љубов
и заборавивме дека во револуцијата нема
многу што да се романтизира
војната е војна и под шарени знамиња
а ние заборавивме дека песните на гневните
се само пискотници, врисоци за помош

во екот на гневот, беревме цвеќиња
и наместо венци плетевме штитови
не слушавме кога ни рекоа дека тоа нема да ги запре
оние кои пробуваат да нѐ згазат
и слепо баравме нежност
онаму каде ја нема

во екот на гневот јунаштвото го гледавме во облик
на врат свиен под чизма
и гледавме убавина кај што гинеа луѓе
за доброто на незасегнатите
а надежта не се губеше
ни зад солзавец и железни врати

во екот на гневот се замислувавме на првите борбени линии
а се криевме под клуч,
со срца забрзани како бомби кои нема
да ги детонираме
љубовта не значи многу кога можеш да ја пресечеш
со една обична железна барикада.

романтичари

втората ренесанса беше мртвороденче. потоа се појавивме
со стогодишна сол во вените
и срца полни никотин и кофеин, едвај чукајќи
прстите ни се тресат. носиме кофи, транспаренти, пенкала
а усните ни се отрпнати од пластилни свирчиња и недочекани бакнежи.
цигарите ги пушиме до филтерот и бараме закопано злато
и читаме и пишуваме и напишаното го фрламе, и збеснуваме и гориме
со огнот на сите изгубени револуции
и зборуваме за дождот и морето и солзите кои ни се сушат врз образите
и зборуваме за ладни раце на топла кожа и празнини и внатрешни демони
и ни кажуваат дека сме клишеа на две нозе.
и читаме и пишуваме и зборовите си ги врежуваме во кожата додека срцата не ни помодрат.
дрогата ја наоѓаме помеѓу загради и точки бидејќи никаде
не можеме да си ја дозволиме, нашата љубов
се крие по паркинзи и тесни улички и ја делиме бидејќи нема доволно за сите
и нежноста ја менуваме за заби и нокти
ги зариваме во себе, разменувајќи навреди послатки од бакнежи
и слатко си шепотиме предупредувања (бегај бегај бегај бегај бегај)
немаме време за тишина, врескаме до засипнување,
додека крвта не ја вкусиме во грлата
стисни заби, проголтај ја, искашлај ја на хартија,
(ниедно не ти носи слава)
продај ја, исплукај ја, запечати ја во шише, стави ја во безнадежна магија – две капки
изгубена верба, прстофат уништени соништа, промешај
додека рацете не престанат да те болат кај што си ги расекол
истури ја во чашки, ќе ги превртуваме додека допирот не стане безбеден.
а светот веќе се врти, се врти, држи ме цврсто
додека пробувам да го запрам.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Рина Јанкуловска
романтичари
со крв и пот и плунка ќе ги кажуваме сопствените приказни, сами...
Повеќе
0 replies on “романтичари”