ПЕСНИ НЕ ОД ЗБОРОВИ, ТУКУ ОД ОНА ОД КОЕ ЗБОРОВИТЕ СЕ СОЗДАДЕНИ

Рецезија на поетската збирка „Вечен збор“ од Ристо Маџунков

  • Рецезија на поетската збирка „Вечен збор“ од Ристо Маџунков

Што е зборот? Од што е составен зборот? Не која е неговата материја, туку која е неговата суштина. Притоа, не мислам на неговата семантика, на неговата морфосинтаксичка функција, или на неговата етимолошка природа. Тука пред сè мислам на неговата есхатолошка природа, на неговата крајна цел и смисла. Од неа произлегува и неговото онтолошко битие, а потоа и сета негова гносеологија: што всушност значи зборот. Конечно, зошто е зборот? Ваквото прашање е филозофско и малкумина се зафаќаат со него. Уште помалку, се чини, тоа треба да е предизвик за една поезија. И навистина е така, оти тоа се големи теми, и ако некој се зафати со нив и ги допре (а само допир е и возможен), тоа го прави на еден по сè интуитивен начин, како дел од една лична потрага по смислата, во општата бесмисла.
Поезијата за многумина е допир на божественото, и тоа во две насоки: да го допреш божественото и тоа да те допре. А, ако те допре ‒ и си го допрел. Поезијата се појавува токму во тој момент на заедништво, „соборност“ без нужните црковни импликации. Тоа е темата на вдахновението, за музата, за невидливата рака што раководи со сè околу нас. Непредвидливи се патиштата и начините на кои таа рака ќе те допре и неретко сосем трагични. Навистина, трагизмот во уметноста, во поезијата е присутен во самиот нејзин зародиш и затоа разбирлив е нејзиниот возвишен тон. Се опејува она што е возвишено, а возвишено е ако се воздигнало над обикновеното, смртното. И во тоа е трагизмот: цената да се биде различен секогаш е висока, се плаќа со најскапото и често пати не постои сигурност дали тоа е благослов или проклетство. Се чини среќата, радоста, не ѝ прилегаат на поезијата.
Кога пред нас имаме поезија чија основна емоција е една многу добро истражена и позната тага, која не произлегува од предетерминираниот трагичен поглед на светот, туку од соочување со личната загуба и пораз, тогаш неодминлив е впечатокот дека таквата поезија е допрена од божественото на еден амбивалентен начин: како благослов и проклетство во исто време. Задачата на секој поет ставен во таква позиција е само да ги лови нишките што таа снажна подземна енергија му ги диктира, а тоа е како да се обидува да ја сопре и да ја пренасочи таа подземна река со голи раце. Пресилни емоции се тоа, дури и за зборот да се справи со нив.
Поезијата на Ристо Маџунков (1948), се чини, уште со „Вечен збор“ (1992) како да се зафатила со тој подвиг. Таа битка за секој вистински поет веројатно никогаш не престанува. Она по што се разликуваат поетите е „како“ го прават тоа. Реобјавувањето на „Вечен збор“ (2018) треба да се сфати како сведоштво, како документ на таа борба што сè уште трае. Малкумина ги имаат храброста и чесноста да ги разриваат трагите на несовршеноста. Но токму во несовршеноста се согледува сета совршеност на овој универзум: нештата постојат и покрај сите изгледи, и како што одминува времето, нивното постоење добива на значење и не губи на убавина. Затоа, оправдана е и разбирлива е потребата на стиховите од „Вечен збор“ да им се даде нов живот зашто тие и така во моментот на своето настанување веќе си го нашле и својот Вечен дом. Тоа е трагедијата на секое создавање: сè што е создадено на крајот ќе исчезне.
Очигледно, тоа сознание уште во „Вечен збор“ на Ристо Маџунков му било познато, и веројатно го плашело, па, така, впечатокот што се појавува е дека лирскиот субјект, со секој стих, како да се обидува да го одложи крајот, како смислата на зборот да е во „само“ уште еден збор, еден стих, кој нема да го појасни и да го објасни претходниот, туку одново ќе почне сè, зашто за еден поет може сè да престане, но пеењето не смее никогаш. Така, секој стих, секоја песна е една отворена целина, која наместо да трага по својот крај, како да заврши, трага по својот почеток. Во таквата елипса, почетокот и крајот се допираат, и на едно сосем метафизичко ниво, овие песни го доживуваат својот крај имагинарно, без навистина да завршат. Всушност, сите 45 песни во оваа книга како да се една голема песна со многу почетоци, а секој почеток е обид да се одложи крајот. Темата е присутна уште од времето на Шехерезада и приказните од 1001 ноќ. Таа фасцинација со одбегнување на крајот веројатно има една друга вонкнижевна идејна оправданост, која наоѓа начин во „Вечен збор“ да го најде својот прекинат, оневозможен живот: стварноста се слева во зборот и таму станува вечна. На овој момент ќе се навратиме подоцна.
Годината кога „Вечен збор“ (1992) е пишувана и објавена (а веќе на друго место имам посочено дека таа книга ми е позната уште од тоа време), јас сум бил сè уште малолетен и, така да се каже, чирак на зборот, па оттаму сентиментите и впечатоците од тогашното дружење со стиховите на „Вечен збор“ се сè уште живи и влијаат врз мене. И таа меморија за секој еден интерпретатор на книжевноста претставува сериозна интерференција, која го исправа пред многу субјективни дилеми. Во извесна смисла, минатото сè уште пресудно влијае врз својата иднина (сегашноста). Како да дошло време, конечно, иднината да влијае врз своето минатото (сегашноста) и така да го промени и да го преобликува, на истиот начин како што ова ново, реобјавено издание на „Вечен збор“ (2018) од „Антолог“ влијае на своето минато, преку едноставно повторно изодување на истиот пат, но во обратна насока: „повтори го гласот од вчера / ако можеш“ („Скитник“ – Р. М.) Тоа е ситуацијата кога се возиме во автомобил, но свртени назад, и наместо да гледаме во она што доаѓа кон нас, гледаме во она што го напуштаме, од кое се оддалечуваме. И тоа е суштинското место, вистинскиот топос на оваа поезија: позицијата на лирскиот субјект е еден вкотвен поглед во она што било и неповратно поминало, поглед што одбива да се оттргне и да го напушти она што веќе (одамна) го нема, поглед што ја набљудува лузната на својата рана со неизмерна љубов како доказ за постоењето на болката (и љубовта! истовремено), поглед што ја љубува и се вљубува во својата болка, и долго ја носи во огледалната влага на својот ирис, поглед што трепери од она што го напушта (минатото, сеќавањето, непреболената и непрежалена љубов, сопственото Јас…). Речиси сите стихови ја доловуваат таа емоција во „Вечен збор“, речиси сите стихови се создадени од тој материјал:

„…и имам и потреба и желба
за сè да си спомнам, за сè да се сетам…“
(„Поет“, Р. М.)

„Вечен збор“ (2018), како и при првото објавување од 1992 година, содржи вкупно 45 песни поделени во четири циклуси: „Предели“, „Визија“, „Вечен збор“ и „Песни во сонот“. Она на кое авторот за ова издание се решил, покрај задржувањето на оригиналната ослободеност на стихот од одвишна интерпункција, е новото приспособување на ортографијата на потребата, стиховите и строфите да се доживеат како една мисла, како еден здив или воздишка. Тоа го сторил со едноставно избегнување, секаде каде што е можно, на големата буква, така создавајќи впечаток на една континуирана мисла (една голема песна!), и со тоа овозможил и едно природно течение на стихот, како мелодија на таговното редење слики и речиси отелотворување на гласот на поетот во звук што го слушаме низ внимателниот состав на гласови, синтаксичките склопови што имаат функција на ритами и паузите што го градат фонот на тишината, која се доживува безмалку како космичка. За некои стихови авторот сметал дека бараат негово дополнително внимание и незначително интервенирал, така што ова издание е доследно на оригиналната содржина, иако доживеало извесно осовременување. Песната „Езерски акварел“ се појавува и во „Капки“ (2014) и уште еднаш го наметнува впечатокот дека повикот за ова реобјавување на „Вечен збор“ всушност бил упатен уште тогаш. Иднината го повикала своето минато. И навистина, тука имаме еден иманентно книжевен феномен: материјалот од кој беа создадени и „Капки“ (2014) и „Прашинки“ (2017) во „Вечен збор“ го имаме како протоплазма, како растечка и растечена магма што ги длаби жилите во кората на зборот и му дава живот; а, нели, зборот е всушност она од кое е создадена самата вечност („На почетокот беше зборот!“).

Темите и мотивите во песните на „Вечен збор“ се повеќе или помалку преокупација на сета поезија на Ристо Маџунков, но овде се забележува како раниот поет Маџунков излегувал накрај со она што му се предочувало како ново искуство со зборот, и речиси се гледа пред очи како зборот ја крши лушпата и се испилува, одново пресоздавајќи се во Феникс од својата пепел. Така, уште овде, по првпат се јавува атмосферата на сонот и тој се тематизира или како „лажен сон“ или речиси како кошмарно јаве: „сè протече како лажен сон на лузни мали“ („О каква вечер“, Р. М.); или „ќе се сониме ли обајцата во исто време…“/ „… сакаме да сонуваме нешта што ни се случуваат на јаве“ („Скитник“, Р. М.); или можеби најсилно во „Света вода“:

„Понекогаш замислувам нови краеви
во кои пристигаме меѓу сонот и јавето
во стварноста постојат тие места“

Кои се тие „нови краеви“ каде што во стварноста се мешаат сонот и јавето? Тоа се спомените и сеќавањата, кои секогаш успеваат да нè изненадат со својата „новост“ затоа што, секогаш кога ги повикуваме сеќавањата, се присетуваме на нешто ново, нешто што сме заборавиле и дека го помниме, а ги прави сеќавањата всушност поживи и од самата стварност. Тоа не е осаменоста на две души што се сакаат и никој не им треба. Тоа е едно интуитивно и истовремено филозофско сознание дека и кога сме, не значи дека (секогаш) нè има, односно вистински нè има само на својот почеток. Така сонот станува сеќавање, а сеќавањето сон. Во сонот, во сеќавањата истовремено и нè има и нè нема:

„навечер кога сите спијат
ние добиваме крилја
таму кај што секогаш сме биле
и онде каде никого нема“
(„Вечен збор“, Р. М.)

И тука ни се открива зборот како глас, како повик, како копнеж. Тоа е суштината што поетот ја подразбира во синтагмата „вечен збор“, како збор даден за навек, но и едноставно како нечиј глас водилка:

„твојот збор без престан ме вика
да бидеш во мене и пак да те нема“
(„Вечен збор“, Р. М.)

Тоа имање не е без припаѓање, напротив, тоа имање е токму поради постоењето ‒ а штом постоиме, веќе си припаѓаме. Се имаме сè додека постоиме. И затоа, загубата, или секој облик на напуштање на физичкото присуство, е нешто со кое тешко се носиме, и овој лирски субјект токму тоа, на едноставен и крајно чувствителен начин, го констатира. Обидот да задржиме некого, да го зачуваме дури и кога не можеме, само ја нагласува загубата. Зошто тогаш поетот го прави токму тоа? Зошто со сеќавањата на извесен начин ја потврдува загубата, ѝ го продолжува животот? Зошто заборавот не може да биде лек за сè? Зошто поетите одбиваат да заборават?
Одговорот е сложен и стар веројатно колку и запрашаноста за смислата на постоењето ‒ зошто воопшто постоиме? Но што ако тоа е само уште еден обид да се освои вечноста, да се победи смртта? Поетот е креатор и неговиот единствен изум е зборот. Уметноста, поезијата… нели се токму тоа: победа на животот над смртта? Вечниот збор не е само зборот што си го даваме на вечна љубов, како завет, како ветување. Тоа е зборот што ќе ја доживее, ќе ја соживее и ќе ја надживее вечноста, зашто поетите можеби и немаат во што друго да веруваат освен во зборот; и со зборот нишанат кон вечноста. Тоа е вербата дека поетскиот збор, а преку него и поетовиот глас, ќе остане запечатен, забележан, слеан, снимен во вечноста, како на магнетофонска мебиусова врвца:

„затоа нашето не поминало
туку е само слеано во зборот
а твоето отсуство е само привремено
оти јас вечно во душа те носам“
(„Бегство“, Р. М.)

Митко Маџунков на едно место, во својот знаменит роман „Кон другата земја“ (1993), преку раскажувачот, кој воедно е и главниот лик во романот, на својот син му ветува дека ќе му напише книга „не од зборови, туку од она од кое тие се создадени“. Ристо Маџунков со „Вечен збор“ (1992) влегува во подвиг да напише книга со песни не од зборови, туку од она од кое тие се создадени. А почетокот на сите зборови е чистата емоција и потребата таа да се артикулира и да се моделира. Зборот е праизблик на потребата да се победи заборавот, да се изговори името на вистината и љубовта, да се остави печат за своето постоење.
Денес е сосема јасно дека песните од „Вечен збор“ се всушност доказ како иднината влијае на обликувањето на своето минато: сите идни песни на поетот Маџунков ја создаваат „Вечен збор“, како што сите идни песни на поетот веќе биле создадени и напишани уште во „Вечен збор“. Така, правејќи ја таа елипса, доближувајќи ги тие два краја на мебиусовата врвца, ние всушност гледаме пред нас како се создаваат сите можни и неможни поетски светови во исто време: во времето што тече од својот почеток и својот крај кон своето средиште – сегашноста. Така и оваа поезија нè враќа во сегашноста, на почетокот, оти само во неа зборот може да биде вечен и оти само „сега“ е возможно зборот одново и одново да оживува, и оти само „сега“ е тогаш кога ќе постоиме, пееме, говориме…
Овој навидум скромен по обем поетски опус нуди едно оригинално и својствено патување по човечката емоција и едно филозофско поимање на стварноста, така што секој коментар врз тоа е во исто време и излишен и наметлив и стои како непотребен товар врз она што е веќе речено и слеано со вечноста.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “ПЕСНИ НЕ ОД ЗБОРОВИ, ТУКУ ОД ОНА ОД КОЕ ЗБОРОВИТЕ СЕ СОЗДАДЕНИ”