дете заиграно на детско игралиште со кришка леб во раката

РЕЦЕНЗИЈА НА РАКОПИСОТ „НАПИШАН ДОМ“ ОД АНА ГОЛЕЈШКА

Конечно нова поезија од Ана Голејшка. Ракописот „Напишан дом“ го чекавме повеќе од три години. Толку време помина од објавувањето на нејзината прва книга поезија, „Љубов на улица“. „Напишан дом“ како метафора за цел еден разнобоен и полнострастен свет собран во едно човечко тело.
Слободно може да се каже дека Ана Голејшка е Даница Ручигај на својата генерација, пред сè според духот и според присутноста на нејзината појава. Жена што им пркоси на градот што го љуби и на луѓето што живеат во него. Во поезијата таа е во исто време жена што отмено, со главата крената угоре, чекори низ улиците на градот, млада вљубена девојка што разиграно шлапка во вирчињата со своите гумени чизми, детенце што љубопитно го пика носот по ќошињата и таму намирисува обични, секојдневни волшепства: нарциси набрани од двор на слепа бабичка, или гнездо на семејство гугутки, или еден обичен еклер што осамено чека во фрижидерот.
Ова е поезија од која потекуваат води во устата. Постојана синестезија. Ритмичен и римичен напад на сетилата. Вкусна потпечена турлитава полна љубов, но и полна страст. Полна жизнерадосност, но и сина тага, и страв роден од сознанието за минливоста и распадливоста човечка. Во оваа поезија е собрано сето човеково постоење: од утробата на мајката Жена, до утробата на мајката Земја. Земја, воздух, вода, сонце. Цврсти симболи се вградени во темелите на „Напишаниот дом“ на Ана Голејшка, а од тие темели потоа никнуваат раскошни слики создадени од современ јазик, кој во нејзината поезија нема функција да очуди или да привлече нечие внимание, туку само да посведочи за слободата со која Голејшка ги пишува своите песни. Поезијата на Ана Голејшка е дете заиграно на детско игралиште со кришка леб во раката.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
Предизвиците на мојот превод
Кон преводот на „Рута Таненбаум“ (Бегемот)
Повеќе
0 replies on “дете заиграно на детско игралиште со кришка леб во раката”