Крали Марко

Одам по улицата, плачам и си говорам сама.

Леб за сонувачи

Некој посеал жито
Потоа друг поминал и посеал афион
А овие ветрови
кои ги веат афионот и житото
нив кој ги има посеано?
Не сакам да мислам што ќе жнеам
и каков леб ќе месам
од житото, афионотот, ветрот.

Домашна вештерка

Сакав да научам
како се прават магии. Баш така.
Вдишувам љубов –
издишувам ветер,
ја мешам напивката.
Ментол, маточина и мед.
Бркам магии, љубов, ѕвезди,
баници, перење, топли супи.
Ветерот ме вее, лисјата ме следат
но јас не се предавам – ги собирам и нив
во шкафот
со сѐ спомените и чајот.

* * *

Земја во земјата
дланка во дланката
линија во линијата
пат во патот
свет во светот
оган во огнот
јазик во јазикот
змија во змијата
срце во јаболката
јаболка во млекото
млеко во семето
семе во прашината.

Претпролетна

Пролет, задишана пролет
се протнува прво во пороите,
во сивите денови и маглите,
во дождовите, ветровите
и со духот на тревите –
пролетта
не заплашува со мечтаење.

Двор на спокојот

Одам по улицата, плачам и си говорам сама.
Се прашувам зошто плачам
и не можам ли, ако сакам, да престанам –
луѓе гледаат!,
а потоа се правдам
дека сето тоа сум го кажала гласно –
небаре нема да ме видат…
Се чувствувам обвинето
за пишување поезија – а каква поезија е тоа?
Тоа е одење и плачење по улицата,
во потрага
по еден двор на спокојот
невидлив однадвор, внатрешен двор со едно дрво.

Од денес

Готова сум.
Го зедов ранецот
и нешто за пишување.
На никого не кажав дека тргнувам.
Дури и самата
не знаев дека сум заминала.
Разбрав
по синото небо со длабоки облаци,
пожолтените ниви – тешки и летни,
синчецот, сув и остар,
и по оваа долга, долга кривина.
Дури и да се вратам,
дури и да не изгледам поразлично –
знам – патот е во мене
и јас сум замината.

Крали Марко

Се расчекорил
на клисурата на Искар –
настапнал
силно со едната нога во минатото
со другата –
ја притиснал вратата на иднината,
панта реј, Хераклит на Балканот,
моќно
може да ја остави
сегашноста, нека тече –
еден Искар, којшто
бурно тече меѓу неговите нозе

Препев на македонски јазик: Митко ГОГОВ

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Крали Марко”